„Не се развиваш како треба. Задоволен ли си со себе? Ќе станеш продавач на портокали а не фудбалер ако продолжиш вака. Ете, вчера во 67-та минута...“ мрморел така секое лето, секоја зима татко му.
„Тебе ти се игра од забава или размислуваш за иднината. Не се работи така. Франчи, пред да умрам сакам да те видам во Серија А, дали ти е јасно?", удрил татко му со рацете во воланот, свесен за сериозните срцеви проблеми кои го мачеле со години.
Поминале месеци, а Ачерби стигнал до третолигашот Павиа каде дебитирал на 23. април 2006 година. Се здружил со капитенот на Павија, Бенито Карбоне (поранешен фудбалер на Интер, Наполи и пет англиски клубови), заиграл за Италија У-20 а во сезоната 2009/2010 бил избран за најдобар млад играч во Серија Ц.
Го гледале скаути на Удинезе и Торино, но рекле: „Малиот е добар, но премногу бавен за стопер". Павија по неколку месеци изгубила од Специја во плејофот за пласман погоре, но менаџерот на Ачерби, Андреа Католи му рекол: „Јас ќе ти најдам екипа од Серија Б. Аталанта, Ливорно, Албинолефе и Варезе се интересираат за тебе".
По крајот од сезоната Ачерби отишол на одмор во летувалиштето Милано-Маритима. Лежел на една лежалка и заборавил да го види мобилниот телефон. Кога го проверил забележал 10 пропуштени повици од менаџерот Католи. „Јас ти ја решавам судбината, а ти цел саат не се јавуваш на мобилен". -Извини, што има ново? Се договорив со Фоти, претседателот на Реџина“.
Франческо ја поделил веста со брат му Федерико. „Реџина? Ти сакаш да не се вратиш од кај лудите калабријци?", му рекол брат му и се вратил во базенот.
На првиот тренинг во Реџо Калабрија му пришол клупскиот лекар Пасквале Фаваѕули и му дал професионален совет: „После натпреварите ќе те опкружуваат многу девојки. Ако не сакаш да играш во Серија Б до 35 години, држи се подалеку од нив. Поопасни од нив нема ниту во Милано и Торино." На дебито за Реџина во првиот меч од Купот против Александрија, Ачерби добил црвен картон во 22. минута. Тренерот Џанлука Атцори се бранел некако во првиот дел, но во второто примиле два гола и загубиле. Ачерби наскоро станал главен во одбраната, а во декевмри против Албинолефе постигнал еврогол и се стрчал во прегратка кај лекарот Фаваѕули.
По неколку месеци на Лило Фоти му се јавил сопственикот на Џенова, Енрико Прециози: „Ти давам четири милиони евра за твојот Ачерби, ти го оставам до крајот на сезоната и на лето го земам. Што викаш?
Што може да каже Фоти, го купил Ачерби за 400.000 евра а сега има можност да заработи 10 пати повеќе. „Па не сум баш уверен дека би го дал лидерот, но да размислам па да ти се јавам", му рекол мудриот Фоти на Прециози и му се јавил веднаш на фудбалерот: Сине, сега може да пиеш шампањ Асти Мондоро".
Уште немал ниту еден тренинг со Џенова, а клубот решил да го трампа во Киево за Кевин Констант. Ачерби не се двоумел, и Киево игра во Серија А, ќе биде тоа голема можност за развојот на кариерата. Сепак, во Верона не тргнало добро. Раскинал со девојката, го повредил грбот и отсуствувал дури три месеци од терените.
На 20 ноември 2011. година Киево гостувал кај Катанија предводена од Монтела. Гостите воделе 1:2 и на 10 минути до крајот тренерот Ди Карло го викнал Ачерби: „Доаѓај, загреј се добро ни треба човек во одбраната". Франческо го заменил легендарниот Бразилец Лучано (го знаевме како Ериберто), му помогнал на Киево да освои три бода а на 1.000 километри од Катанија пред телевизорот татко му стискал тупаници. Ачерби за свој ќејф го истетовирал датумот на неговото деби.
До февруари Ачерби бил резервен стопер, но после поразот од Лацио 0:3, тренерот го седнал Словенецот Бостјан Цесар на клупата и редовно го играл Франческо Ачерби.
По неколку дена, на еден од тренинзите пред мечот со Чезена, помошниот тренер на Киево Марко Пачоне дошол до Франческо и му рекол: „Аче, дојдоа брат ти и менаџерот. -Што сакаат, да гледаат тренинг? Не, напротив. Имаат некоја тажна вест".
Следното ветровито утро, Ачерби стоел во црквата Дрезано и ја гушкал мајка му. Неколку недели татко му поминал на интензивна терапија, но смртта била неизбежна. Кога му се јавил тренерот Ди Карло да му изрази сочувство, Ачерби му рекол дека уште утре ќе се врати во Верона да се спрема за мечот со Чезена.
Пред средбата, голманот Стефано Сорентино му подарил на Ачерби бела маичка со натпис Ciao papa, а кога Давиде Москардели го дал победничкиот гол се свртел кон Ачерби и го посветил голот на неговиот татко. После два месеци Киево играл со Сиена а Ачерби на асистенција на Теро го дал првиот гол во Серија А.
Можност да ја покаже маичката подарок од Сорентино.
По 60-ина дена, Ачерби лежел во еден милански хотел, гледал некое кулинарско шоу кога од телефонот заѕвонела како мелодија химната на Милан. „Одам накај виа Турати, во канцеларијата на Милан. Мислам дека ќе се договориме. Држи го телефонот до тебе, ако биде како треба да дојдеш на потпис", му рекол агентот Андреа Католи.
Преговорите биле затегнати, затоа што се чекало зелено светло и од Прециози и Кампедели, газдите на Џенова и Киево. Поминале два часа и Католи му свртел: „Доаѓај". Ачерби се качил во такси и наскоро бил во канцеларија со Адријано Галијани и Аидо Браида. Му се остварил сонот од детството да истрча пред трибините со најубави жени во ВИП ложата, како што призна во книгата Tutto Bene од новинарот Алберто Пучи.
После еден од првите тренинзи во Милан, Ачерби тргнал кон колата кога му заѕвониле од клупската прес-служба: „Прандели те вика во репрезентацијата за меч од квалификациите. -Не играјте мајтап. Астори е повреден и те викаат тебе место него. Мора да се јавиш на собирот во Коверчано во базата на репрезентацијата.
Во репрезентацијата не играше, но играше во Лига на шампиони со Милан, против Малага во октомври. Во еден момент Хоакин му избега токму на Ачерби и го постигна решавачкиот гол на мечот. Од тој момент тренерот Алерги го држел на клупа до февруари.
Следното лето Ачерби замина во Сасуоло, екипа која што за првата сезона во Серија А реши да се спреми на 900 метри надморска височина. После еден тренинг, кај Ачерби дошол лекарот Паоло Минафра: „Нам ни треба уште едно дополнително испитување со тебе. -Зошто докторе? Имаш голем крвен притисок и сакаме да знаеме зошто". За време на ултразвукот докторот Минафрра како и обично кажувал вицови, се смеел и му ги испитувал штитната жлезда, срцето, органите, а во еден момент замоличил.
„Што е докторе, што се случи"? -Имаш тумор на тестисите, Аче. Во собата настанала страшна тишина.
„И што треба да правам? -Мора да одиш на клинката Сан-Рафаеле во Милано. Веројатно таму ќе ти го отстранат и за неколку месеци ќе се вратиш во екипата", го смирувал доктор Минафра.
Во клиника со него дошле девојка му Валерија и агентот. Професорот Гуерѕони му рекол дека лесно ќе му го отстранат туморот, а Франческо прашувал дали ќе може да има деца, на што добил позитивен одговор.
Во меѓувреме ништо не ѝ кажувал на мајка му која што дознала од телевизиските емисии. Франческо во болницата не сакал никакви посети, ниту телефонски повици. По некој ден му се јавил Жорж Веа, неговиот идол од детството кој му посакал побрзо да оздраве, а Доменико Берарди четирите голови против Милан на еден меч му ги посвети нему.
Октако закрепнал, Ачерби во третото коло речиси два месеци после операцијата дошол на теренот. Сасуоло бил на последно место, но во декември победил на неколку натпревари и излегол од зоната за испаѓање. По мечот со Каљари, Ачерби го викнале на допинг-контрола. Чуварот стоел до него да не случајно ги замени тестовите и никој не претпоставувал дека ќе биде позитивен.
„Аче, ни јавија од Рим дека тестот бил позитивен на хорионски гонадотропин. -Но јас ништо не сум користел луѓе, тоа е од хемотерапијата. Во секој случај рекоа дека ќе те суспендираат", му јавиле лоша вест, иако се знаело дека тие хормони се лачат при рецидив на рак.
Во следните два месеци, Ачерби повторно се оперирал, држел хемотерапија, лежел неподвижно, а косата му опаднала. 10 дена по завршување на четвриот циклус хемотерапија, Франческо се појавил на тренинг на Сасуоло. Заигра против Сампдорија, стана стандарден стопер и не пропушти меч на Сасуоло. Во октомври даде гол против Парма, а во ноември Антонио Конте го викнал во репрезентацијата за пријателската против Албанија.
„Не те викнав поради болеста како што пишуваат, туку поради машките и одлични игри", му рекол Конте.
Ачерби дебитираше за репрезентацијата, стана еден од најдобрите стопери во Серија А а кон крајот на февруари го одигра и 100-от меч во најдобрата италијанска лига. Веројатно ќе игра на ЕП 2016-та, го бараат Рома и Наполи, а него му фали само едно: Да се вози со татко му во кола...