Таљавенто ќе биде главен судија на утрешниот меч меѓу Македонија и Шпанија и тој по втор пат ќе ја дели правдата на натпревар на македонската фудбалска репрезентација. Дебито во Скопје му беше на квалификацискиот меч за СП 2010 година меѓу Македонија и Норвешка 0:0, кој се одигра на 7 јуни 2009 година.
Се работи за еден од најпознатите италијански судии кој веќе 10 години е дел од Серија А. Стартуваше со Киево – Болоња на 16 мај, 2004 и од тогаш има судено на околу 200 натпревари во првата италијанска лига.
И покрај славата и авторитетот искусниот арбитар често е на мета на критиките за одредени негови сомнителни одлуки за кои гласно зборуваат новинарите и критичарите во Италија. Минатата сезона беше главен актер на средбата меѓу Наполи и Јувентус кога не поништи гол на Касерес постигнат од офсајд.
Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис го нападна на Твитер и напиша дека ако на Јуве му помагаат судиите тогаш тимот станува непобедлив. Потоа дека е невозможно како шест судии не можат да видат двајца во офсајд и дека тие судии треба да паузираат долго.
Во Лигата на Шампионите, Таљавенто дебитираше на мечот Арсенал – Партизан одигран во декември 2010-та, му судеше на Иван Тричковски на осминафиналниот меч од ЛШ меѓу Лион и АПОЕЛ, а на финалето на Вембли меѓу Баерн и Борусија пред две години беше еден од помошниците.
Дел од неговото богато меѓународно искуство се натпреварите на ЕП 2012, потоа пријателскиот меч меѓу Германија и Франција, како и натпреварите од Лига Европа.
Во неговите контроверзни мечеви влегува средбата кога Интер го остави со 9 играчи против Фиорентина, а од таму произлезе познатата слика на Мурињо која асоцира на затвор. На Википедија му го смислија и прекарот Таљавентус.
Една од големите грешки на меѓународен меч му е голот на Шалке против Базел во ЛШ, кога четворица играчи беа во офсајд.
Со оглед на бедната форма на фудбалската репрезентација на Македонија, добро дојден е и нас да ни попушти како на Шалке.