Мацолени дебитираше во Серија А пред 10 години на мечот Реџина – Ливорно, а првиот посериозен тест му бил на 17 септември 2011 година кога му се паднала пресметка помеѓу Интер и Рома.
Меѓународното искуство почнал да го гради во Тирана, на пријателскиот натпревар помеѓу Албанија и Азербејџан кој се одигра во ноември 2011 година. Најмалку омилен им е на навивачите на Наполи кои не сакаат очи да му видат по 11 август 2012 година.
На тој датум се играше финалето од италијанскиот Супер куп меѓу Јувентус и Наполи кое се одржа во Пекинг, а го добија Бјанконерите во продолженијата со 4:2. На Пандев како по традиција против Јуве одлично му одеше. Прво асистираше до Кавани, а потоа постигна и гол.
Јувентус два пати израмнуваше за 2:2 во регуларниот дел од мечот, а работите за нашиот поранешен капитен тргнаа наопаку на 5 минути до крајот откако поради приговор доби црвен картон од Мацолени кој потоа во продолженијата ги исклучи Ѕунига и тренерот Мацари.
Во знак на протест кон судењето фудбалерите на Наполи не се појавија на доделувањето на медалите, а Мацолени во сезоната 2012/2013 не им судеше на Наполитанците на ниту една средба.
По една година пауза 40 годишниот судија се појави на „Сан Паоло“, а скандирањата од трибините врз него, клубот го чинеше казна од 20.000 евра. Згора на се загубија од Парма со 1:0.
Минатата сезона, Италијанецот стигна до 119 меча во Серија А, а му беа доделени градските дербија Рома - Лацио, Интер - Милан и Џенова - Сампдорија, како и средбите Интер – Рома и Милан – Рома.
Мацолени на 6 август годинава дебитираше во Лигата на шампионите, на квалификацискиот меч помеѓу Селтик и Легија Варшава, а на 28 август ја судеше реванш средбата од ЛЕ помеѓу Твенте и Карабах, на која Муарем Муарем постигна гол за пласман во групната фаза.
Бошко Ѓуровски го повика за мечот против Луксембург, па се надеваме дека овој познат судија ќе му донесе среќа и в четврток на „Филип Втори“.