Ѓуровски: Бабунски треба уште да се докажува

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација го објави списокот за вториот квалификациски натпревар кој го играме против Луксембург на 9 октомври.

Иако се работи за аутсајдер во нашата група кој се наоѓа на 127 место на ранг листата на ФИФА, предводникот на нашиот национален тим потенцираше дека се работи за тим кој има постојан прогрес.

„Сите знаеме дека во модерен фудбал нема слаби екипи. Луксембург е екипа која е во напредок како во играта така и резултатски. Играат организирано и дисциплинирано, повремено со пресинг и се разбира дека не очекува тежок меч. Но ние играме дома пред нашите навивачи и очекувам сите да бидат на ниво со што ќе ни овозможат 3 бода на оваа средба“.

На списокот на Ѓуровски се враќаат Никола Глигоров од Вардар, Мирко Ивановски од Клуж и Муарем Муарем кој со Карабах сезонава настапува во Лига Европа. Отсутни ќе бидат Ферхан Хасани кој веројатно ќе оди на операција, потоа Даниел Георгиевски кој направи тазе трансфер во Мелбурн и се уште не е во натпреварувачки ритам, како и Давид Бабунски.

„Бабунски нема ритам во Барселона Б, игра само на пријателски. Ако не биде во состав во својот тим ќе дојде да игра за младата репрезентација на Македонија. Тој не е во конкуренција за А селекцијата, бидејќи треба уште да се докажува“, изјави македонскиот селектор.

Влезот за квалификацискиот меч за ЕУРО 2016 година ќе биде слободен за децата без родители од домот 11 октомври, потоа за лицата со посебни потреби, како и за ученици од основните училишта.

Голмани: Томе Пачовски (Мехелен, Белгија), Андреја Ефремов (Металург), Дарко Тофиловски (Кошице, Словачка)

Одбрана: Ванче Шиков (Австрија Виена, Австрија), Даниел Мојсов (Бран, Норвешка), Ардијан Цуцули (Партизани Тирана, Албанија), Дарко Велковски (Работнички), Дарко Глишиќ (Вардар), Стефан Ристовски (Парма, Италија), Александар Дамчевски (НАЦ Бреда, Холандија)

Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Мухамед Демири (Ст. Гален, Швајцарија), Марјан Радески (Металург), Никола Глигоров (Вардар), Александар Трајковски (Зулте Варегем, Белгија), Стефан Спировски (Берое, Бугарија), Муарем Муарем (Карабах, Азербејџан)

Напад: Агим Ибраими (Марибор, Словенија), Адис Јаховиќ (Крилја Советов, Русија), Јован Костовски (Леувен, Белгија), Крсте Велкоски (Сараево, БиХ), Бесарт Абдурахими (Локерен, Белгија), Мирко Ивановски (Клуж, Романија)