Хрватскиот Динамо Загреб, полските Пиаст Гливице, Лех Познан и Легија Варшава и унгарскиот клуб Хонвед заработија казни од страна на УЕФА заради расистички испади на нивните навивачи. Дел од казните се оправдани, но некои се бесмислени.
Така на пример делегатот на натпреварот на Динамо Загреб против Австрија Виена, како расистички ги оценил навредите на хрватските навивачи на сметка на претседателот на нивниот клуб, односно скандирањата „Мамиќу, цигане".
Динамо Загреб ќе треба да плати казна од 65.000 евра и ќе го пречека ПСВ пред празни трибини.
Парични казни и затворање на трибините каде се наоѓаат навивачите заработија и Легија, Лех, Пиаст и Хонвед, заради скандирање на расистички пароли и истакнување на транспаренти со расистичка содржина. Но и тие не можат така лесно да ја прифатат одлуката на УЕФА.
Посебно бесни беа челниците на Легија. Огромно чудење предизвика објаснувањето на УЕФА за казната за расизам на натпреварот против Њу Сеинтс од Велс. Според бил транспарентот "Wild Boys" на кој на делегатот му личело дека буквата "S" е напишана со „нацистички фонт".
Џабе им беше објаснувањето дека тоа е многу стар транспарент и дека нема врска со нацизам. Легија плати казна од 30.000 евра и доби наредба да ја затвори трибината на ултрасите.
Навивачите не се помирија и се префрлија на спротивната трибина од каде го пратија поздравот до УЕФА, а европската куќа на фудбалот им изрече уште една казна од 150.000 евра и еден натпревар без публика.
Но фрлањето на бакљите и навредите кон УЕФА не бил единствениот грев на навивачите на Легија заради кој тие ја добија последната казна. Помеѓу другото, во записникот на делегатот пишува дека на телата на навивачите видел тетовирани нацистички симболи.