Европската куќа на фудбалот го казни Динамо Загреб кој во следното коло од Лигата на Европа против ПСВ ќе игра пред празни трибини како и со парична казна од 65 илјади евра, а причините се расизам и користење на пиротехнички средства.
Навивачите користеле пиротехнички средства на двата меча против Австрија Виена, додека на натпреварот против Шериф одигран на 30 јули го вреѓале потпретседателот на клубот, Здравко Мамиќ со зборовите, „Цигане оди си".
„Токму ова се причините поради кои УЕФА не казни, а доколку таквото расистичко скандирање продолжи, може да се соочиме и со најстроги казни, а тоа е исфрлање од ова натпреварување. Против 300 идентификувани навивачи кои беа присутни на двобојот против Шериф ќе поднесеме тужби", изјави директорот Светина.
Освен против ПСВ казната на УЕФА се однесува и на уште еден меч кој Динамо треба да го одигра без публика на европското натпреварување, а Светина ги повика "вистинските навивачи" да го спречат неприфатливото навивање на некои поединци поради кои клубот плаќа казни.