Симболот на Источен Лондон

Со каков стадион се прости Вест Хем

По 112 години емоции, Вест Хем синоќа се прости од Болејн Граунд, стадионот кој многу значи за источен Лондон. „Чеканите" ќе играат на модерниот Олимписки стадион кого го изнајмија на 99 години.

Домашните натпревари кои Вест Хем ги играше против Милвол беа нешто посебно. Имаа широк асортиман на моменти: взаемна омраза, црвени картони, тепачки меѓу фудбалерите и навивачите и пар добри филмови за тоа.
 
Во принцип постојат многу причини родител да размисли дали да го носи своето дете кога играат овие два тима. Иако лондонската полицијата вложува напор, болниците, затворите и капелите имаа нови клиенти по дуелите на Вест Хем и Милвол.
 
Ова ривалство датира уште од далечниот 1. септември 1904 година кога „Чеканите“ за првпат влегле во својот дом на меч против Милвол. Целиот ден врнело, а пред мечот дождот престанал и Вест Хем победил 3:0.

Првата вечер на Болејн Граунд имало 10.000 гледачи. 112 години подоцна, „Чеканите" го играа последниот натпревар на истото место, познато и како Аптон Парк (со времето некој одлучил дека е подобро да се вика така) и ставија точка на грандиозната историја.

Меѓу овие два меча, судбината донесе илјадници играчи, гледачи, големи и пали приказни, причини за радост и тага, горко плачење и високо подигната кригла пиво. Тука играа неколку светски шампиони и загатки како Савио Нсереко. Овој стадион виде и милиони балончиња кои станаа симбол на клубот.

И не така лошо за место кое некогаш било поле за компири.

Вест Хем се сели на комфорниот Олимписки стадион, клубот го изнајми ова луксузно здание на 99 години. Во борба за него беа уште и Тотенхем и Лејтон Ориент. Ништо лично на крајот, едноставно бизнис.

Вест Хем веќе распродал 52 илјади сезонски карти за следната сезона, што е речиси двојно повеќе од досегашните 35.000 на Болејн Граунд. Разработката за планот на преселба на Вест Хем на новата арена беше дело на Карен Брејди, претседател на клупскиот совет на директори и една од највлијателните жени во англискиот фудбал.

Стадионот во Стретфорд е лесно достапен, структурата на стадионот е ултра модерна и добра платформа за еволуцијата на „Чеканите" кон ново ниво.

На крајот од крашитата, Болејн Граунд не беше ремек дело на архитектурата. Чудно е планиран: Централната трибина е под преостар агол, скалите по трибините се опасни по живот, а ниту храната не била првокласна. Но на сите им беше тешко да му кажат збогум на стариот Болејн.

Заедно со нив заминува и страва атмосферата и одвратните плескавици и пабови кои се од голема важност за начинот на живот на навивачите на Вест Хем.

Сега ќе опадне и степенот на контроверзи во врска со името Болејн Граунд. Се смета дека некогаш тука живеела Ана Болејн, втора сопруга на кралот Хенри VIII која три години била на тронот но никогаш не успеала да роди наследник за што платила со глава. По друга верзија, тука бил замокот кој е на грбот на Вест Хем, изграден 8 години по убиството на Ана и го нарекле „домот на Зелената улица". Извесно е само дека „Чеканите" овде биле регистрирани на почетокот на ХХ век поради локалната верска заедница.

Во 1911. година покрај стадионот е изградена црквата посветена на Пресвета Богородица, а калуѓерите и калуѓерките го задржале добриот однос со клубот од тогаш до денес. По триумфот над Тотенхем, свеќи во храмот запалил и Славен Билиќ. Чест гостин тука е стоперот Џој О'Браен, венчавка правел во црвката голманот Адриан. Игуманијата вели дека се навикнале на бучавата секој втор викенд и мило им е што Болејн Граунд ги зацврстува пријателите и семејствата.

Околината на Болејн Граунд е типична реалност на имигрантски округ. Улици кои мирисаат на зачинето пиле, се продаваат секакви крпи на тезгите, има продавници на секој агол.

Популацијата во Источен Лондон некако е многу поврзана со Аптон Парк. Тоа не е само емоционална поврзаност, туку и онаа за заработувачка, затоа што во радиус од неколку километри има ресторани, слаткарници, кафетерии, пабови кои со години имале приходи на денот на натпреварот. А сега?

Болејн Граунд ги делел радоста и проблемите со жителите на овој крај. Во летото 1944. година во аголот на теренот се срушил германски авион „Фау 1", поради што Вест Хем бил принуден да игра на гости каде победил 10 меча во низа. Кога се вратил - загубил од Тотенхем.

Болејн Граунд ја преживеал и големата енергетска криза во Лондон во раните '70-те години. Многу компании вовеле три работни дена во неделата, имало купони за струја, клубовите не смееле да играат навечер за да се избегнело трошење ресурси на осветлување.

Вест Хем и навивачите синоќа на мечот против Манчестер Јунајтед се простија од стадионот на кои емоции носеа Боби Мур, Џефри Херст, Тревор Брукинг, Франк Лампард, Рио Фердинанд, Џо Кол, Паоло Ди Канио и многу други.

Уште еден англиски фудбалски клуб изгуби парче од својата душа, се прости со имиџот на квартовски работнички клуб и се претвори во глобална компанија за пари и забава за богатите. А Болејн Граунд, баш како и Хајбери ќе остане споменик на некое друго време и некој друг фудбал. Сиромашен, но побогат, напиша синоќа легендарниот Бернард Јуришиќ.