Хајбери 10 години без фудбал

Излегуваш на улица и 10 луѓе го сликаат твојот дом

Човекот кој на 5 години првпат бил на стариот Хајбери, 36 години подоцна живее во стан на Западната трибина од каде низ прозорот гледа на некогашниот терен и се сеќава на амбиентот на овој легендарен стадион.

Реонот Islington на северот од Лондон е кошмар сите филолози (името Излингтон не кореспондира со ниедно правило на англискиот јазик) и е една од омилените населби на средната класа.
 
Богати млади луѓе, млади специјалисти, успешни бизнисмени со своите семејства го сочинуваат новиот бран Британци кои немале доволно време да заштедат за помала куќа во елитниот Челси, и не сакале во прегласниот источен Лондон.
 
Овде во Излингтон се удобни дури и тесните улици, особено кога ќе се најдете пред куќите со црвена цигла зад кои ѕиркаат домашни градини од неколку квадратни метри. Во локалните пабови во утринските часови може да се најде пензионер кој се сеќава на Черчил. Добро, можеби не на Черчил, но во најмала рака на Маргарет Тачер и кој оди во кревет во 20 часот. За гласна публика овде нема место.

Најубаво е што овој крај е толку мирен и тивок што најгласно се слушаат единствено авионите на небото, вели Стив кој живее на пет минути од метро станицата Arsenal.

Стив (41), вели дека за Топџиите навива „цела вечност". Првпат на натпревар на Арсенал го довеле кога имал пет години. Децении подоцна, Стив го гледал и последниот меч на Арсенал на Хајбери, а сега верувале или не, живее на петтиот спрат на некогашната западна трибина кој што се вика Highbury Square.

Дека легендарниот стадион ќе се претвори во станбен комплекс се дознало една година пред Топџиите да се преселат на Емирати.

„Се сеќавам кога првпат слушнав за таа можност. Веднаш помислив: „Шит, некои среќни луѓе ќе живеат на стадионов. Уште немав доволно средства да купам стан и ми остана само да им завидувам", додава Стив.

Цената на стан во комплексот Highbury Square изнесува од 400.000 до пар милиони фунти, мошне сериозни пари дури и за стандардот на богатите Лондончани. Пред 10 години, Арсенал го играше последниот меч во стариот дом, но ѕидовите не го напуштија Хајбери. Инвеститорите направиле веднаш една канцеларија и 150 станови од вкупно 725 колку што има во комплексот.

Црвено-белиот шал не бил предуслов да се дојде во Хајбери Сквер. Локалните жители попрво се богати луѓе кои можат да приуштат да живеат во новиот комплекс и со метро да бидат на 15 минути од центарот на градот.

Станарите на некогашниот стадион на Арсенал имаат приватна градина под прозорите, убав поглед од балконите, мирна населба: буквално сè што е потребно за лагоден живот.

Страста кон фудбалот ја има кај скоро сите соседи, но едноставно тоа не секогаш е Арсенал.

Преминот во новиот комплекс во суштина почнал уште по мечот против Виган, кога клубот најавил распродажба на делови од стадионот и теренот за спомен. Меѓу вредните аквизиции во зграда ги има и копачките на Денис Бергкамп, како и бусен трева од Хајбери.

Неколку години по отворањето на комплексот, Стив имал храброст сериозно да потроши и да ги вложи своите заштеди во купување стан на Источната трибина која што бил спремен да ја трампа за стан на Западната трибина каде стоеа најверните навивачи на Арсенал на Хајбери.

Денес, веќе осма година по ред Стив живее со својата сопруга Моника на петтиот спрат на Западната трибина. Станот изгледа убаво со пространа дневна соба и плус голема тераса со поглед каде некогаш беше теренот и место од каде се гледа кровот на новиот Емирати стадион.

Стив сега на Емирати оди од станицата Арсенал веднаш до неговата зграда.

„Не сме веќе способни да играме големи натпревари, станавме пријатен, сладок противник за секоја екпа. Луѓето веќе не се плашат кога ќе му гостуваат на Арсенал", вели Стив кој не е спремен да потпише оставка за Арсен Венгер.

Често гледа низ прозорот, се сеќава како било некогаш на Хајбери пред 30-40.000 гледачи и жали за атмосферата од таму.

„Арсен е одличен специјалист, но и тактичар. Нему во штабот му е потребен човек кој може да застане пред играчите во соблекувалната и да каже: Момци, излегувате на терен и знаете што треба да правите! Мора да ги завратите ракавите и да изгинете на теренот ако треба. Ова не е страшно, само инспиративно", вели Стив и додава дека пред неколку години им викале дека нема да има што да бараат во конкуренција на богаташите од Сити, Челси и Јунајтед, но сезонава покажа нешто друго.

„Уште сме рационални со трошењето пари, но не добивме ништо. И сега ни е криво што проклето малиот Лестер е пред нас на табелата. Не знам што ќе биде со нас следната година, но често ни се случува секоја година е вака".