Приказната за Јоан Гуркуф, францускиот феномен

Што бидна со новиот Зинедин Зидан?

Некогаш важеше за најдобриот плејмејкер во Европа, го споредуваа со Зидан, но на крајот му засметаа миланските светла, стана подложен на тешки повреди и кариерата не ги исполни очекувањата.

Како што кажа претседателот на Лион, таков трансфер се случува само еднаш. Клубот Лион на Бордо му плати 22 милиони евра за плејмејкерот Јоан Гуркуф и по мерка на Лига 1 тоа беше рекорден трансфер: никогаш во историјата на Франција два клуба не направиле таков мегаломански договор.
 
Лион имаше три кандидати, еден беше полушпицот на Сантос, Гансо, вториот беше Нејмар, а трет токму Гуркуф. Зошто се одлучија токму за Французинот? Од причина што сите мислеа дека Гуркуф е новиот Зидан, дека е човек за вин-вин ситуации. Најбогатиот клуб на Франција на почетокот на новиот милениум сметаше дека го нашол правиот фудбалер.
 
Од 2002-ра до 2008-ма, Лион освои седум титули по ред и беше неприкосновен во Франција. После тоа шампион стана Бордо (со Гуркуф), па Марсеј. Во летото 2009-та, Лион потроши 70 милиони евра за Лисандро Лопез, Бафетимби Гомис и други. Следната 2010-та дојде Гуркуф.
 
Што не беше во ред во Лион?
 
Првата и најочигледна причина - повредите. За пет сезони во Лион, Гуркуф одигра само 90 натпревари. Еден ден се повредил додека го шетал кучето, ете толку бил малерозен со повредите. Неодамна Јирген Клоп во однос на Даниел Стариџ (кој се повредува секој час), изјави дека треба да разликуваме сериозна болка од болка.
 
Нешто слично Лион бараше од Гуркуф: Француските медиуми почнаа да пишуваат дека играчот е премногу чувствителен и дека не е сериозно повреден, поради што тренерите беа незадоволни од неговиот став кон повредите.
На последниот меч за Лион, Гуркуф само го напуштил теренот, потег што не го очекувал тренерот Уберт Фурние кој после средбата изјави: „Ако го напушти теренот, значи дека имал повреда. Се надевам дека е од тие неговите повреди“.
 
 
Втора причина - годините. Во своето време, во најдобрите години, тој беше класична 10-ка како Зидан или Рикелме. Одличен јак шут од далечина, фантастичен пас на далечина, исклучителна техника.
 

Трето - Гуркуф изгледа едноставно не беше спремен да стане суперѕвезда. Во Милан го сметаа за странец поради неговото однесување. Анчелоти во својата биографија го нарекува Гуркуф егоцентричен. Во Лион, капитенот Максим Гоналон велеше дека го иритирало тоа што Гуркуф не дава 100 одсто од можностите.

Во репрезентацијата на Франција, Гуркуф беше со Рибери, Бензема и Насри. Секако дека ваква комбинација не може да заврши добро. Многумина го сметале Гуркуф за разгалено дете кое доаѓа од богато семејство. Велат дека Рибери го навредувал на хомофобична основа, а Анелка не му ја додавал никогаш топката.

Кога играчите го замолиле селекторот Доменек да го замени Гуркуф со Абу Диаби на средината, Јоан дознал за тоа и побарал поддршка од Евра, Рибери и Анри. Наместо тоа, тие му се сртеле на Доменек зошто викнал таков плачко во репрезентацијата. На СП 2010 сите очекуваа Гуркуф да го замени Зидан во целост, но наместо тоа тој не го издржа притисокот на решавачкиот меч против Јужна Африка и доби црвен картон.

Галските петли не ја минаа групата, се скара секој со секого од фудбалерите и стручниот штаб, по што селекторот во својата книга напиша: „Навистина сакав да му залепам шамар. Изгледаше како едно младо, невино момче на кое сите му наштетуваат".

Францускиот новинар Жулиан Лоран за профилот на Гуркуф на ЕСПН напиша: „За да не го препознаваат на улица, Јоан и во месец април носеше зимска долга капа и беше замотан во дебел шал". Додека играше во Лион, Гуркуф отворено зборувал дека се срами и дека се плаши на теренот. Новинарот Лоран се сеќава и дека Гуркуф секогаш во микс зоната гледал во земја додека давал изјава и никогаш никого не погледнувал во очи.

„Бескрајно размислуваше за играта, се кривеше себеси за непрецизните додавања и погрешни одлуки. Страшно е кога ќе помислиме што сè можеше да постигне со неговиот талент и статусот новиот Зидан пред почетокот на СП 2010", констатира францускиот новинар.

„Јоан не е како другите. Тој има посебни интелектуални интереси. Во фудбалот нема такви луѓе. Фудбалски, Јоан требал да се роди 20 години претходно и полесно ќе беше најдобар играч на светот. Лесно ќе му беше да се сокрие од јавноста, затоа што тогаш немаше Интернет и 24-часовни вести", вели татко му Кристијан Гуркуф, кој сега е селектор на Алжир.

Затоа е разбирливо зошто бил најдобар во Бордо. Таму нема императив на освојување трофеи. Лорен Блан околу него ја градеше играта во нападот. Можеби подобро што ги одбил Арсенал и Атлетико Мадрид каде медиумите повторно ќе го напаѓаа. Се врати дома во Рен, каде повторно е апсолутно слободен да игра фудбал.

Само што во моментов закрепнува од повредата. Нешто не му е во ред со коските во стопалото. „Проблемот со моите повреди е тоа што се од ретка природа, а точниот датум на опоравок не се знае", изјави неодамна Јоан Гуркуф.