На старите гробишта Сент Мери во северо-западен Лондон во 1959. година е погребан човекот кој зад себе оставил животна драма достојна за најдобрите бестселери и играни филмови. Сепак, од изгледот на гробот под број 216 ништо не говори дека во него е погребан Патрик О'Конел, Ирецот кој на повисоко ниво го воздигнувал најпрво британскиот, а потоа и шпанскиот фудбал.
Роден во 1887 во Драмкондра, предградието на Даблин, О'Конел го градел своето фудбалско име во познатиот Белфаст Селтик, една од најсилните екипи во тоа време во Ирската лига.
Белфаст Селтик бил клуб кој често успевал да им ја мати водата на богатите Линфилд и Гленторан. О'Конел бил капитен на пред-независна Ирска во првиот Британски домашен шампионат. Детелините го освоиле ова првенство во конкуренција на Шкотска, Англија и Велс, а О'Конел бил предводник на генерацијата.
Од Белфаст се преселил во Шефилд Венздеј, а потоа и во Хал. Настапите за Ирска на Британскиот шампионат биле причина Манчестер Јунајтед да го потпише во 1914-та година, пред почетокот на Првата светска војна.
Во ситуација кога се заканувала забрана за фудбал поради војната, неколку фудбалери на Ливерпул и Манчестер Јунајтед се договориле да го наместат нивниот меѓусебен меч кој завршил 2:0 во корист на Јунајтед. Играчите избегнале казна, а меѓу нив се спасил и Патрик О'Конел.
Во 1922. година, Ирецот пребегнува во Шпанија и станува менаџер на Расинг Сантандер. Подоцна во 1935. година го води Бетис до првата титула во Ла Лига. За време на Шпанската граѓанска војна тој бил тренер на Барселона, клуб кој опстанал во тешките времиња највеќе и по благодарение на Ирецот.
Каталонците биле први на ударот на десницата на генерал Франко и воопшто режимот во Мадрид. Во време кога фудбалот повторно морал да паузира поради војната а клубот се давел во долгови, О'Конел успеал преку некои бизнисмени да ја одведе екипата на турнеја во Мексико и САД, каде го обезбедил спасот на Барселона и нејзината иднина. За врема на Втората Светска војна, О'Конел бил тренер на Севиља која под негово водство завршила како втора во лигата.
Суровиот живот го враќа Ирецот во Лондон, каде умира во голема сиромаштија во 1959. година. Долги години по неговата смрт, на неговиот гроб немало никакво обележје освен дека тука е погребана Емили О'Конел една од двете сестри на Дон Патрицио. Во книгите на гробиштата немало ниту еден запис дека тука, меѓу детелините и глуварчињата почива еден од најголемите Ирци кои ја спаси Барселона од згаснување, а на Бетис му ја донесе единствената титула во историјата.
Во последните години, Малдини, Ето, Луис Фиго, Бекенбауер, Меси и многу други се потпишуваа на нивните дресови кои беа ставени на аукција, со цел да се соберат средства за изградба на меморијален центар во чест на Патрик О'Конел.
Документарецот за Ирецот:
Сеќавање на О'Конел на мечот Бетис - Сантандер: