Ретко кој сака да се сети за провалијата во која падна Италија на патот за Светско првенство, но многу сакаат масата да прекине да им се руга на играчите и да зборува како е најслабата генерација во историјата на репрезентацијата.
Таа сигурно не е најдобра, затоа што на крајот од минатиот век се родени талентирани но не совршени играчи: Флоренци, Белоти, Пелегрини, Конти, Перин... Меѓу нив има еден фудбалер кој на реваншот протв Шведска остана на клупата за резерви поради „тренерско-тактичко“ решение - Лоренцо Инсиње.
Малку кој ќе спори дека малиот Лоренцо е најдобриот играч роден на територија на Апенините во ’90-те години и да го оставиш него на клупа беше престап против цела Италија. А не така одамна Инсиње не можел ни да помисли како Даниеле Де Роси ќе му се дере на стручниот штаб да го пушти Инсиње на терен а не него.
***
Семејството на Кармине и Патриција Инсиње имало четири деца: Антонио Лоренцо, Роберто и Марко. Фамилијата буквално врзувала крај со крај. Таткото се занимавал во фабрика за производство на чевли која скоро се затворила. Кармине останал без работа и никаде не го примале. Ако не била помошта на родителите на Патриција, семејството ќе било осудено на гладување. Буквално.
А малиот по име Лоренцо не сакал многу да седи ненајаден. Кога имал 8 месеци, Кармине и Патриција решиле да го крштеваат и го донеле во храмот на Пресвета Богородица - Мадона дел’Арко.
Во чест на овој настан родителите на Лоренцо ги поканиле најблиските пријатели и роднини и планирале да наместат маса. Малиот плакал толку многу на крштевката затоа што мислел на јадењето и не сакал да продолжува никаква церемонија.
Така ненаситен и жеден Инсиње бил насекаде: на детските фотографии Лоренцо постојано во рака држел сендвич или пица а некои жители на неговото родно место Фратамаџоре близу Неапол го паметат како дете што секогаш јадел сендвич и имал топка во нозете.
Многу деца и возрасни во Фратамаџоре во борба против сиромаштијата биле престапници на законот, но родителите на Лоренцо ги воспитувале своите деца поинаку.
Сабајлечки без да води сметка за силното сонце во Јужна Италија, малиот 6-годишен Лоренцо одел на пазар. На тезгите таму продавал секакви ситници, заработувал колку да има за џепарлак. Притоа Лоренцо им продавал на минувачите многу истрајно. Така настојчив бил и на тренинг. Прва работа што си купил од заштедените пари биле копачки и тоа како тие на Бразилецот Роналдо!
Притоа Лоренцо купил два пара: едни за себе, а другите за постариот брат Антонио кој исто се занимава со фудбал. „Ги имавме само тие копачки и бевме среќни“, се сеќаваат браќата денес.
За семејството Инсиње зборувале дека фудбалот им бил во ДНК. Лоренцо се сеќава дека страста за оваа игра му се јавила уште на четири години кога се запишал во месната фудбалска школа.
На првиот тренинг бил многу подобар од своите врсници: се случувало да даде и по 12 гола на тренинг-меч. Малку е веројатно дека ќе имал така добра основа да не бил брат му Антонио Инсиње. Веќе на шест години Лоренцо не можел да го победи брат му без солзи - просто не знаел да губи и правел сè да победи.
Браќата трчале по топката по цели денови. Жителите на via Rossini често и се жалеле на Патриција и барале да ги смири малите. Но родителите ги поддржувале синовите: они биле за тоа децата да се бават со спорт. И никогаш не ги карале ни тепале. Немало ни повод за такво нешто.
„Јас никогаш не сум му повишил глас на Лоренцо - тој секогаш знаеше кога ќе направеше глупост и се трудеше да ја исправи“, се сеќава денес Кармине Инсиње.
Лоренцо Инсиње никогаш не добивал ќотек ниту за бегањето од часови во школо. А бегал страшно многу - имал повеќе отсуства отколку присуства. Не го сакал баш школото. Во ретките денови кога Лоренцо одел по сведителства одел заедно со неговиот најдобар другар Антонио д’Ерико.
Штом младиот бунтовник го поминувал школскиот праг, размислувал како да кидне. Лоренцо и другар му учеле во разни класови но кога Инсиње решавал да оди дома, морал да пројде од училницата на д’Ерико. Му свиркал од улица и не го чекал долго. Наставниците како да претчувствувале дека од тоа дете ќе биде нешто, па не му замерувале многу.
Но неговата историја не била баш лесна. Знаете за приказната дека во детството го одбивале поради нискиот раст. И Интер и Торино, и во школото. А кога малиот дошол на проба во престижната академија на округот Грумо Невано се тргнало комично.
Раководителот му кажал дека не го гледа од топката, а Лоренцо направил скандал и почнал да вика да му даде шанса. После пет минути игра присутните прашувале: „Од кај излезе малиов“?
Во 2006-та скаутите на Наполи го забележале него и брат му Роберто (кој го сметале за поталентиран) и потпишале договор со нив за по 500 евра. Лоренцо не сакал да се предава со постигнатото и продолжил да демонстрира карактер. Обично децата од 15 до 17 години постојано викаат, се прават важни пред девојките или седат по кафулињата, но Лоренцо бил сосема поинаков. Бил скромен: практично да немал другари, поради пазарот, тезгата и фудбалот се откажал од многу задоволства. Никакви дискотеки. Мечтаел само едно: да стане симбол на Наполи.
Идол му бил и му останал Алесандро Дел Пјеро. Лоренцо го дал првиот гол во професионален фудбал токму против Јувентус. Како мал навивал за „Партенопеите“ и неколку пати собирал топки на „Сан Паоло.
***
Сите четворица браќа играле фудбал но со различен успех. Антонио прекина на 29 години иако важеше за голем талент и го бараа големи екипи. Веќе неколку години не игра. Марко има 22, тој залутал во малото клупче Фратезе. Роберто едно време бил во системот на Наполи а сега е позајмен во Парма. А Лоренцо е најголема ѕвезда во Серија А.
Тој стана миленик на неаполската публика: навивачите на Наполи во него гледаат иден капитен на тимот и наследник на Марадона. На крајот од секој меч под легендарната трибина со ултрасите ја пее традиционалната Un giorno all'improvviso... Еднаш камерите го уловиле како си пее песни додека седи на клупата за резерви.
Во сезоната 2014/2015 Инсиње пропуштил 131 ден без тренинзи поради повреда но се вратил посилен. Сега ги освои симпатиите на целиот фудбалски свет. Неговиот стил на игра е прекрасен: Во Италија ретко кој има подобра техника од Лоренцо поради што во соблекувална го викале „Лоренцињо“ - на бразилски.
Тренерот Маурицио Сари го смета него за фундаментален играч на Наполи. Жртвата од детството се исплатела - Лоренцо станал добар фудбалер. Славата не го променила - Инсиње е достапен за сите навивачи. Често оди во родниот Фратамаџеро, ги знае практично сите мештани таму и не одбива да се слика и да дава фотографии.
СО ЖЕНА МУ СЕ ОД РАНО ДЕТСТВО
Практично после секој гол тој покажува срце кон трибината - поточно кон жена му Џени со која се знае уште од школските клупи. Во брак се од крајот на 2012-та а Лоренцо е татко на две мали дечиња Кармине (во чест на татко му) и Кристијан. Лоренцо вели дека и помага на Џени: оди да испазари, спрема ручек, ги пресоблекува децата.
Талентот и самопожртвувањето го направиле Лоренцо Инсиње подобар човек. Имал тешко детство и многу маки но ништо не го спречило на патот о успехот. Сега го сонува скудетото со Наполи, градот и тимот кој го сметаат за свој син.