Роналдо е вистинскиот човек за „La decima“

За нешто повеќе од 24 часа „Кралевите“ ќе го играат еден од најважните мечеви во својата историја, финалето од ЛШ. Најпосакуваниот трофеј го бркаат веќе 12 години, а за предводник до јубилејната 10-та го имаат најдобриот играч на светот.

Пристигна во Мадрид за рекордни 96 милиони евра во 2009 година, а парите ги оправда со 251 гол за пет сезони или просечно по 50 годишно. Сезонава беше најдобар стрелец во Примера со 31 гол и стигна до третиот пехар во Копа дел Реј.

Со Реал освои и по една титула во домашното првенство и Суперот Купот. Незадржлив е и кога настапува во најквалитетното клупско европско натпреварување каде оваа сезона со 16 постигнати голови му го сруши рекордот на Меси кој во 2011/2012 постигна 14.

Само во групната фаза успеа да постигне 10 погодоци, нешто што не му успеало на ниту еден друг фудбалер, а со ова голгетерско темпо многу брзо ќе стане и најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите. Има 67 постигнато голови исто колку и Меси, а прв е Раул со 71.

Роналдо скока повеќе од многу кошаркари во НБА, продава повеќе дресови од цели фудбалски клубови, а импресивната година заслужено ја заокружи со признанието за најдобар играч во светот според ФИФА.

Кога Реал последен пат стана европски шампион во 2002 година, лидер во тимот беше Зинедин Зидан, а победничкиот волеј и денеска му го гледаме на најавните шпици. Тој како играч три пати ја има освоено „Златната топка“, а сега е дел од стручниот штаб на Кралскиот тим.

Утрешното финале во Лисабон за него ќе биде уште еден мотив повеќе за да не излезе како губитник. Пред точно 10 години тој на истиот стадион со само 19 години настапи на финалето од ЕУРО 2004 кога генерацијата на Португалија предводена од Фиго, Руи Коста, Деко и Карваљо беше шокирана од Грција со 1:0.

Славниот CR7 е дел од еден клуб кој направи дрим тим за кој потроши астрономски суми на пари, а минатата година го купи Герет Бејл за нов рекорд од 100 милиони евра. На моментално најдобриот фудбалер во светот му недостасува само круната која би била јубилејна и кралска 10 титула во Лигата на шампиони или „La decima“ со која треба да го разбие малерот.

23 мај 2014 - 12:18