Македонската фудбалска репрезентација од својот прв меч во Љубљана на 13 октомври 1993-та година ја водеа многу селектори. Сантрач, Катанец, Ѓуровски, Друловиќ, Јонуз, Хаџиевски, Ѓоре Јовановски, Седлоски, Бабунски, Чеде, Џон Тошак.... Секој од нив на свој начин се обиде да ја најде правата формула за црвениот дрес да се најде во друштво на најдобрите, на едно Светско или Европско првенство.
Децениските разочарувања од репрезентативниот фудбал беа лекувани со успеси на ракометарите, кошаркарите, одбојкарите и сите оние кои придонесоа Македонија да се најде на светската спортска мапа.
Во меѓувреме, како од сенка, во јули 2015-та година се случи еден редок блесок на македонскиот фудбал. Тие денови македонската јавност за првпат повеќе слушна и разбра за Игор Ангеловски, аеродромско дете кое најголем дел од младоста го минувал во Ѓорче Петров.
Како многу свои врсници, така и Мрме почнува да тренира фудбал. Младите фудбалски денови ги исполнува со трчање по топката на терените на Цементарница а патот подоцна го води и во прилепска Победа, па словенечки Публикум Цеље, ФК Скопје и Срем.
По крајот на кариерата решава да заплива во раководниот сектор за фудбалски прашања. Во 2008-ма година во улога на спортски директор во Работнички ги поставува постулатите за идните успеси.
Еден од неговите методи на работа е да стави фокус на помладите, па така Ангеловски храбро прекомандува бисери од теренот во Градски Парк во првиот состав. Кога веќе сфаќа дека самиот терен е негова најголема страст, решава од клупа да ги води играчите кои ќе му го донесат најголемиот успех во дотогашната кариера.
Во сезоната 2013/2014 на Работнички му носи двојна круна (шампионска титула и Куп), во следната година нов трофеј во Купот и од тој момент започнува големиот залет на Мрме.
На крајот од јули и почетокот на август 2015 Работнички во 3. квалификациско коло за Лига Европа го нокаутираше далеку пореномираниот Трабзонспор чиј годишен буџет се брои во десетици милиони. Сведоците на овој двомеч паметат една фудбалска дрскост која ретко кој македонски спортски колектив ја прикажал.
По романтиката со Дебар маалци, во октомври 2015-та Игор добива повик од фудбалската федерација на Македонија. Да ја води својата земја.
На 12 ноември 2015-та година започува неговата работа. Мрме завратува ракави и решава пред да почне било што, да резервира авионски лет за Џенова. Во градот со едно од најстарите пристаништа во Европа да се обиде да го убеди разочараниот Горан Пандев заеднички да тргнат во нов поход.
Во тој период најдобриот македонски фудбалер на сите времиња сосема исправно се чувствуваше беспомошно кога репрезентацијата е во прашање. На маса двајцата решаваат да пробаат.
Следува период на градење од темел. Нова генерација, некои нови дечки кои сфатија дека можат.
На 12 ноември 2015-та година, во галантно одело Ангеловски крај клупата дебитираше како селектор на Македонија. Во тмурна атмосфера, по студено време и пред едвај 100-ина најупорни на „Градски“ во Скопје, домаќинот со 4-1 ја совлада Црна Гора и како да го подзапали огнот кој распламна 5 години подоцна.
Дојдоа нови квалификациски циклуси а Македонија од коло во коло ја враќаше довербата кај народот. „Има нешто во децава“, знаеше да дофрли секој следбеник на фудбалските прилики во земјава.
Токму тие деца, предводени од капитенот Горан Пандев за 5 години изградија култ, направија нацијата одново да се заљуби во репрезентацијата и со огромно нетрпение да го отвора календарот за да види кога е следниот меч.
12 ноември 2020 година.
Игор Ангеловски и Горан Пандев се кренати на раце во еуфорична прослава на пласман на Европско првенство! Прво во историјата на фудбалска Македонија. Генерации стасаа, години поминаа и сонот стана јаве. Солзите на Горан Пандев на теренот во Тбилиси најдобро го отсликаа децениското чекање, а неговата прегратка со селекторот Ангеловски, опркужени од сите јунаци го распалија барутот на славје во татковината.
Фала ви момци од срце за она што го направивте со срце.