Игор Ангеловски е нов селектор на Македонија

По заминувањето на Љубинко Друловиќ, ФФМ одлучи селекторското место да му го довери на Игор Ангеловски, тренерот на Работнички и довчерашен помошник на Друловиќ во репрезентацијата.

Игор Ангеловски важи за еден од најдобрите тренери во земјава и стратег кој со Дебар маалци имаше одлична европска авантура летово кога стигна до плејофот на Лига Европа. Во сезоната 2013/2014, Ангеловски со Работнички ја освои двојната круна и најзаслужен е за промоцијата на неколку млади талентирани фудбалери.
 
Ангеловски е роден на 2. јуни 1976. година. Активно играше фудбал во Цементарница 55 и во ФК Срем од Војводина. Првото и единствено тренерско искуство го имаше токму во Работнички, екипа на која летово ѝ го зголеми буџетот по фантастичните партии во Европа.
 
Откако ФФМ се договори со Друловиќ да не го продолжуваат договорот кој траеше 6 месеци и заврши со мизерните квалификации на Македонија, очекувано беше Ангеловски да стане 19. селектор од осамостојувањето.
- Ова е голем предизвик за сите нас. Никој не може да гарантира успех, но можеме да ветиме многу работа. Не стравувам од предизвикот и не се плашам да ја превземам одговорноста иако резултатите од последниот квалификациски циклус и пласманот на ФИФА листата не ни одат во прилог. Сметам дека тоа не е одраз на реалниот квалитет на фудбалерите и ќе направиме се што е во наша можност да го поправиме впечатокот. Имаме фудбалери со силен карактер и заеднички треба да направиме тим во функција на резултатот. Многу добро знам што значи репрезентацијата за сите нас, не само во фудбалот и оттука нема поголем мотив да се вложам себе и тимот се со цел да оствариме подобри резултати, изјави Игор Ангеловски за официјалната страна на ФФМ откако доби доверба да ја предводи репрезентацијата.
Ангеловски ќе ја води репрезентацијата на следните две контролни средби на 12 ноември против Црна Гора во Скопје и на 17. ноември, датум на кој Македонија ќе одигра уште еден пријателски меч.
 
Во меѓувреме фудбалската федерација на Македонија се откажала од 50.000 евра колку што изнесуваше оштетата при раскинување на договорот со Друловиќ кој денес беше промовиран во нов тренер на Партизан. Потврда за тоа стигна од Војислав Недиќ, потпретседателот на Партизан.

„Друла немаше никакви посебни финансиски услови. Дури е и далеку поскромен од досегашните тренери и тоа како знак на љубов кон нашиот клуб. Фудбалската федерација на Макеоднија имаше право на оштета и тоа навистина голема оштета, во прашање се околу 50.000 евра, но тие одлучија да не земат и Друловиќ кај нас дојде како слободен тренер", изјави Недиќ.

Интервјуто на Игор Ангеловски по успесите во Лига Европа за Офф.нет.мк прочитајте го тука.
16 октомври 2015 - 17:05