Зад името Игор Ангеловски на интернет нема да најдете информации на Википедија, туку само кратко инфо на Трансфермаркет дека е назначен за тренер на Романтичарите на 1 јули 2013 година. На таа функција дојде од позицијата спортски директор на Работнички.
Ангеловски не ги прати многу социјалните мрежи, критиките не му пречат, а симпатични му се клубови како Атлетико Мадрид. Млад, скромен и без претходно тренерско искуство, 39 годишниот стратег за најголеми адути на Работнички ги смета атмосферата во клубот и играчите во кои верува дека може да испишат нова фудбалска историја за Македонија.
Кога почна европско лето на Работнички до кога имавте реални очекувања дека ќе трае?
Ние одевме од натпревар во натпревар, во прво коло против Флора бевме фаворити и бевме носители според рејтингот што го имавме и беше очекувано да ги минеме. Имавме потешкотии на првиот меч и не одигравме во наше препознатливо светло, но потоа другите мечеви ги игравме во подобар ритам. Потоа Јелгава ни направи услуга елиминирајќи го Литекс и повторно под наводници имавме полесен противник, така што и со нив успеавме да поминеме. Во трето коло со Трабзон кој беше апсолутен фаворит, покажавме дека можеме да елиминираме и таков тим. Сега сме во плејоф и сите мисли ни се насочени да се обидеме да го оствариме тоа што никој до сега не го сторил во Македонија, а тоа е пласман во групна фаза.
Кои се најсилните адути на овој клуб кој елиминираше и надигра турски гигант со буџет од 100 милиони евра?
Нашите адути се добро познати, имаме прекрасна атмосфера, ние сме како едно големо семејство каде што владее огромна почит. Нашите адути покрај другите се и самите фудбалери. Јас секогаш им велев дека имаат огромен квалитет, мора да веруваат во себе и дека мора тој квалитет да го демонстрираат. Мислам дека сосема заслужено сме таму каде што сме.
Што побаравте од играчите пред дуелот со Трабзон и како им влијаевте така сигурно и борбено да одиграат против тим кој важеше за апсолутен фаворит?
Побарав едноставно да играат фудбал, да веруваат во себе, да веруваат дека се квалитетни, на терен да бидеме сплотени сите како тим, не само стартните 11, туку и тие што ќе влезат како нивни замени. Тоа добро го правиме и ни носи резултат. Не е мала работа да елиминираш тим како Трабзон, тоа го можат само квалитетни фудбалери, затоа што тоа е двомеч и не е еден натпревар па да кажеме дека било случајност, а и сите коментари и на домашната и на турската јавност беше дека ние на тој двомеч бевме подобар противник. Да се биде подобар противник од еден Трабзон е комплимент за моите фудбалери и нешто што треба и понатаму да не мотивира дека навистина вредиме и дека мораме да бележиме уште подобри резултати.
Како реагираа Турците кога изјавивте дека Работнички има годишен буџет од 350.000 евра?
Прво не можеа да поверуваат и побараа дополнителен одговор од мене дали е тоа месечен или неделен буџет, а јас реков дека тоа е нашиот годишен буџет и ако сакате да ве излажам тогаш можам да кажам некоја друга сума. Вистинската сума со која ние располагаме како клуб е таа и од тоа нема бегање. После тоа ние ги освоивме симпатиите на цела турска јавност и добивме многу комплименти од сите страни, и од Трабзонспор, од нивните навивачи и турската јавност, така да мислам дека во фудбалот некогаш не се важни парите.
Притисокот за испишување на нова фудбалска историја за македонскиот фудбал по елиминацијата на Трабзон е поголем или помал?
Не би рекол притисок, туку јас би рекол дека тоа е сега поголема мотивација ние да бидеме првите што ќе стигнеме до Лига Европа. Сето тоа не мотивира, јас на прес конференцијата пред Трабзон реков за мене не важи девизата “нема што да изгубиме“, јас се водам по една друга девиза дека можеме многу да добиеме. Ние со Трабзон добивме, а со Рубин тоа би било како една највисока награда и најголем успех.
Може ли да направите една споредба меѓу Трабзон и Рубин Казан?
Мислам дека играат различен фудбал. Тоа е исто така квалитетен противник со огромен буџет со доста ѕвезди во своите редови, така што мислам дека треба малку поразлично да се подготвиме бидејќи ќе имаме работа со поразличен противник. Ние не планираме да се подготвуваме поразлично, туку треба да одиграме онака како што игравме изминативе две и пол години колку што работиме со фудбалерите. Тоа ни дава резултати и нешто што дава резултат не треба да го менуваме. Рубин има и добри и лоши страни, ги анализирам секојдневно, така што ќе се трудиме тие слаби страни максимално да ги искористиме, а добрите да ги неутрализираме. Тие се фаворити што играле и во групна фаза во Лига на шампиони и ја победиле Барселона на Камп Ноу, тоа се резултати што мораме да ги респектираме, но до самиот почеток на натпреварот, потоа штом почне ние ќе извадиме и последна сила од нашиот атом и да пробаме да бидеме тие што ќе се пласираме во групната фаза.
По елиминацијата на Анортозис кога бевте спортски директор на Работнички добивте понуда истата функција да ја вршите на Кипар, зошто одбивте и се решивте за новиот предизвик како тренер на Романтичарите?
Јас станав тренер четири години после елиминацијата на Анортозис. Најпрво имаше некои причини кога во преговорите со Анортозис имаше некои неразјаснети клаузоли во договорот. Зацртавме една стратегија со претседателот Поповски и бевме сигурни дека ќе ни даде резултат и на крај покажавме дека сме во право. Успеавме со таа стратегија не само со продажба на играчи, туку истовреме да бележиме и резултати. За две години освоивме три титули и сега сме во плејофот на Лига Европа. Тоа е достигнување што и побогатите клубови во Македонија не можам да си го дозволат. Ние го направивме тоа и горди сме на тоа и искрено не се каам што одлучив да останам во Работнички.
Кои се идните планови на Работнички во однос на засилувањата, имате ли финансиска моќ за фудбалери од странство или повеќе ќе се потпирате на кадар од младинскиот погон?
Нашата стратегија не ја менуваме, 90% од играчите ги црпиме од младинскиот погон, имаме сега финансиска моќ, но овие фудбалери го направија тој успех и не планирам да носам засилувања. Ќе продолжам со овие фудбалери надополнето со други помлади играчи од нашата школа.
Кои првенства ги следите најмногу од европскиот фудбал и кои клуб, играч и тренер се по ваша мерка?
Ги следам скоро сите топ 5 европски лиги кои се најквалитетни и секогаш ми се симпатични некои клубови кои слично како Работнички успеваат со многу поскромен буџет да направат забележителни резултати. Тоа лани му успеа на Атлетико Мадрид во Шпанија, да го освои првенството и да игра финале во Лига на шампиони против Реал Мадрид. Симпатични ми се бидејќи успеваат со својата работа да се носат со гиганти како Барселона и Реал. Има многу врвни тренери низ Европа, секој си има своја филозофија и свои специфики, зборувам за врвните тренери како Гвардиола, Мурињо, Симеоне, Клоп и др.
Активен ли сте по социјалните мрежи, ги следите ли критиките и пофалбите на навивачите на Фејсбук?
Сакам да проверам, но не сум активен до којзнае колкава мера. Не ги пратам многу критиките и пофалбите, тоа го оставам на читателите, секој си има право да коментира и позитивно и негативно. Ние сме јавни личности и тука нема никаков проблем, мора да ги прифатиме.
За жал македонската публика оди масовно на стадион само кога гостуваат силни противници од Европа, како тоа да профункционира и во домашното првенство?
Мислам дека треба да се врати таа доверба во македонските клубови. Гледаме дека Вардар и Шкендија донесоа одлични фудбалери, направија одлични тимови. Работнички, барем така сите кажуваат дека го игра најдобриот фудбал во Македонија и има други клубови како Ренова, Брегалница кои заслужуваат да бидат видени. Мислам дека љубителите на фудбалот понекогаш грешат што не доаѓаат на стадион, бидејќи има и квалитетни натпревари кои може да се видат.
Ќе примените ли некој ритуал пред дуелот со Рубин Казан или дали ќе носите со вас нешто што можеби ви држеше среќа во Турција?
Во Турција носев едно ластиче hello kitty од мојата ќерка Луна која беше во Турција заедно со моето семејство и ми донесоа среќа. Тоа се случи спонтано, немам навика со некои посебни ритуали или да носам нешто, едноставно за тој натпревар ќерката ми го подаде тоа како за среќа која ми ја донесе на крај. Инаку не планирам за мечот со Рубин Казан ништо, не сум по суеверијата. Како ќе каже Господ, така ќе биде и на тој натпревар.