Приказна за Ектор Купер - малерозниот гениј со чудна судбина

Човекот по природа е навикнат да им се диви на победниците, но понекогаш историјата на вечните губитници знае да биде интересна и не заслужува помало внимание.

Хроничните лузери се феномен на својот род. Има такви луѓе на кои се им оди добро, но во најважниот пресуден момент фортуната им врти грб. Во животот на секој човек се случуваат непријатности, но има такви на кои необјасниви малери им се случуваат системски.

Ако некој не верува, тренерската кариера на Ектор Купер брзо ќе го разубеди.

САМО ШТО ЗАВРШИЛ ИГРАЧКА КАРИЕРА, НАПРАВИЛ БУМ НА ТРЕНЕРСКА СЦЕНА

Човек со не баш лесна судбина, уште од млад со седа коса и вечно сериозен израз на лицето. Мајка му починала брзо после пораѓање, а татко му работел неколку работи за да го прехрани семејството.

Купер го воспитувала баба му. Тој на 9 години морал да го напушти школото за да им помогне на домашните. Во слободно време се посветил и на фудбалот, и се пробил во клубот Ферокарил Оесте.

Ферокарил бил традиционално просечен клуб, но во поетокот на '80-те години имал златна епоха и два пати станал шампион на Аргентина.

Во таа генерација, во одбрана играл и стоперот Ектор Купер заедно со Роберто Марио Гомез, Хуан Доминго Рокиа и Оскар Гаре. Навивачите на Ферокарил ден-денес се сеќаваат на таа златна генерација.

После славни 10 години (1978-1988) во составот на Феро, Купер преминал во Уракан каде во 1992 година на 37 години ја завршил играчката кариера.

Таму и почнала неговата тренерска кариера. После една година на неколку кола пред крајот на Апертура во 1993-та година го освоил трофејот Ел Глобо (првенството на Аргентина е поделено на два круга, Апертура и Клаусура).

Во Клаусура 1994-та година Уракан под водство на младиот Ектор Купер за малку не направил сензација - од екипа која ја планирале да испадне од лига, на крај се бореле за титулата до самиот крај.

Пред последното коло биле прво место, со еден бод пред Индепендиенте и титулата се решавала на крајот. На Уракан му бил доволен и бод, но примиле четири гола и ја изгубиле титулата.

Но Уракан од тој момент бил сфатен сериозно. Овој клуб неодамна се врати во најдобрата аргентинска лига но ни близу не ги повтори успесите на Купер.

НОВО ПОГЛАВЈЕ И ПРВ ГОЛЕМ ТРОФЕЈ, ЗА ЖАЛ ЕДИНСТВЕН

Во 1995-та година Ектор Купер станал тренер на Ланус, а во 1996-та го освоил Купот КОНМЕБОЛ (Јужно-американски аналог на Куп на УЕФА). Во финалето со колумбиски Индепендиенте Санта Фе, Ланус го добил првиот меч со 2-0, а во реваншот примиле гол од пенал на стартот но стиснале заби и издржале до крај.

Тоа бил прв трофеј во клупската историја на Ланус и како што ќе се испостави, единствен пехар во тренерската кариера на малерозниот Купер.

Неговите екипи во целата тренерска кариера играа исто - силна одбрана и ретки излети во контранапад со неколку контакти до противничкиот гол.

МАЈОРКА НА КУПЕР ИМАШЕ НЕВЕРОЈАТНИ РЕЗУЛТАТИ, А АРГЕНТИНЕЦОТ СТАНА ИДОЛ НА БАЛЕАРСКИ ОСТРОВИ

Во летото 1997-ма Ектор Купер оди во Европа и потпишува договор со Мајорка.

Во Јужна Америка Купер бил делумно познат, а на Стариот континент се знаело многу малку за аргентинскиот тренер па шпанските весници пишувале: „На Балеарските острови доаѓа аргентинскиот Капело“.

Мајорка тогаш само што се вратила од Сегунда во прва лига и управата имала само една цел - да опстане во Ла Лига. Ама Купер размислувал поинаку.

Тој прво ја засилил екипата. Од шампионскиот Ланус со него ги донел голманот Карлос Роа и бекот Оскар Мена.

Иако финансиите на тимот од Балеарите не му дозволиле да се размавтува со пари, Купер успеал преку пазарот на слободни играчи да склопи добар тим. Успеал да ги доведе Хуан Карлос Валерон, Иван Кампо, Габи Амато, Енрике Ромери, Висенте Енгонг.

Уште од старт откако го комплетирал тимот, со челичен режим им пренел на играчите дека ако не се дисциплинирани нема што да бараат во екипата.

„Ако не се уморите на тренинг, нема да се уморите ниту на терен“, им викал.

Играчите брзо ги разбрале методите на новиот тренер кои и покрај строгоста, ги „купил“ своите пулени со искреност и чесност. Притоа, Аргентинецот во секој клуб кој го водел, никогаш и никаде не се зближувал со играчите, сакал да држи дистанца. Умеел да го сплоти колективот и секогаш држел позитивна атмосфера во соблекувална. Но самиот се држел на страна.

Тоа што се случуваше понатаму не го очекуваа ни најоптимистичните навивачи на тимот од Балеарски острови. Мајорка ја заврши сезоната 1997/1998 на 5. место во Ла Лига.

Навивачите на стадионот „Луис СИтар“ беа воодушевени од играта на Мајорка.

Роа брзо стана еден од најдобрите голмани во Примера. Иван Кампо и Марселино доминираа во центарот од одбраната, а 27-годишниот шпиц Габи Амато имаше најефикасна сезона во кариерата со 13 гола. Претходно во Еркулес дал само два.

Во среден ред доминираа Мена и Јован Станковиќ кои му беа ментори на младиот Валерон. Но најдобар играч во тимот беше Висент Енгонг, шпанскиот Гвинеец кој стана откровение на сезоната. Тој беше бек на стари фудбалски години се препороди кај Купер.

ДРАМАТА ПРОТИВ БАРСЕЛОНА И ПРВИОТ ТЕЖОК ПОРАЗ НА КУПЕР

Овој многу симпатичен тим раководен од аргентинскиот стратег таа сезона стигна и до финалето на Кралскиот Куп каде ги чекаше страшната Барселона на „Местаља“ во Валенсија.

Островјаните први поведоа, уште во 6' минута преку Србинот Јован Станковиќ. Но во вториот дел Ривалдо го израмни резултатот, а поради тензија и груби стартови црвени картони добија Мена и Ромеро и Мајорка остана со 9 играчи, 8 во поле.

Барселона нападна со сите сили во продолженијата, имаше и две стативи но храбрата Мајорка издржа до пенали.

Карлос Роа (ретко интересен лик, вегетаријанец и припадник на Адвентистичка црква на седмиот ден кој верувал во крај на светот и по крајот на кариерата секоја сабота одел на миси ама никогаш не дочекал апокалипса), уште тогаш важеше за специјалист за пенали.

Роа таа ноќ го потврди своето реноме - ги одбрани ударите на Ривалдо, Селадес и Фиго и дури и самиот даде гол во пенал серијата. Но и покрај се Барса на крај славеше победа. Мајорка промаши еден куп пенали: Роша, Кампо, Ескурса и Станковиќ (по иронија на судбината тој пенал остана и единствен нереализиран од Србинот во сите години во дресот на Мајорка).

Летото 1998-ма беше неверојатно успешна за Мајорка, иако екипата ја напуштија Иван Кампо и Енрике Ромеро кои отидоа во Реал Мадрид и Депортиво.

Наместо нив во екипата дојдоа Дани Гарсија, Алберт Луке, Мигел Солер, Фернандо Нињо, како и двајца познати играчи на Купер по заедничка работа во Ланус, пазете - Ариел Ибагаза и Густаво Сивиеро.

Трансфер кампањата била полн погодок. Мајорка како финалист на Купот од претходната сезона (Барса тогаш ја освои и титулата во Ла Лига), стекна право да игра во Куп на Куп победници.

А Мајорка имаше и голема желба да и се одмазди на Барселона во Супер Купот. Во два натпревари како што се игра во Шпанија, дома славеа 2:1 на Камп Ноу направија сензација и триумфираа 0:1 со голот на Дани.

Но Мајорка не се засити и Купер сакаше уште. Во сезоната 1998/199 Островјаните завршија дури трети во Примера.

Паралелно со тоа, на Балеарите Купер за малку не донесе голем европски пехар: во Купот на Куповите Мајорка стигна до финалето - на пат до таму ги елиминираше шкотски Хартс, белгиски Генк, хрватски Вартекс и како шлаг на тортата, актуелниот шампион во Купот на Купови - Челси.

Во големото финале на стадионот „Вила Парк“ во Бирмингем го чекаше моќниот Лацио. И за жал, фортуната одново му го сврте грбот на Купер.

Во епско финале, при резултат 1:1, одлучи голот на Павел Недвед во 81' минута. Јунаците на Мајорка со спуштени глави го напуштија теренот.

На Купер по втор пат не му се даде да освои едно големо финале со Мајорка (по она во Купот со Барса), но сите беа свесни каков фантастичен фудбал играше тимот од островот. Да не се заборави дека пар сезони пред него Мајорка дремеше во втора лига.

Карлос Роа во 1998-ма ја доби наградата „Трофео Самора“ за најдобар голман со примени голови 0,83 во просек. 22-годишниот Ариел Ибагаза кој доминираше со Станковиќ во средината на теренот, веќе имаше блескава кариера пред него во Шпанија.

А Купер навивачите беа спремни да го носат на раце. После секој натпревар во таа фамозна сезона му скандираа: „Купер остани!“.

НОВО ПОГЛАВЈЕ ВО КАРИЕРАТА И УШТЕ ЕДНАШ МАЛЕР СО ГОЛЕМИТЕ ЕВРОПСКИ ФИНАЛИЊА

Но Аргентинецот веќе сфатил дека Мајорка го достигнала врвот и барал нов предизвик. Тоа е оној момент кога човек треба да ја напушти комфорната зона и да се движи понатаму за да го реализира својот потенцијал.

Затоа Ектор Купер не можеше да ја одбие моќната Валенсија. На „Местаља“ се остреше страшно амбициозен проект. Неколку недели пред Купер да ја преземе Валенсија, овој клуб со Клаудио Раниери на клупата го освои Купот на Шпанија.

Тимот имаше изобилство на врвни фудбалери: голманот Сантијаго Кањизарес, искусните бекови Амедео Карбони и Мирослав Ѓукиќ, волшебникот Клаудио „Пјохо“ Лопез, Гаизка Мендиета, Херард Лопез, Кили Гонзалес, Давид Албелда, Маурисио Пелегрино.

Купер ја почнал сезоната со нов триумф во Супер Купот против Барелона (во неговите години во Шпанија тој беше права мина за Каталонците). На првиот меч на „Местаља“ Клуадио Лопез им донесе триумф на „Љиљаците“, а реваншот на „Камп Ноу“ заврши спектакуларно 3:3.

Но за разлика од скромните навивачи на Мајорка, оние на Валенсија секогаш имаат поголеми апетити и се поразгалени. Отсекогаш за кратко време може да ги фати гнев и тренерот да биде жртвено јагне.

Во првата сезона во Лига на шампиони, Валенсија после 5 кола освоила само 1 бод и била последна во групата. На „Местаља“ играчите беа исвиркувани и се бараше отказ за Купер.

Во шестото коло од Ла Лига Валенсија на гости со 2:3 го совлада Реал Мадрид и страстите малку се стишија.

Критиките како да го инспирираа Аргентинецот. На „Местаља“ никако не го прифаќаа „куперовскиот“ фудбал со дефанзивна ориентација, одбрана и само одбрана. Традиционални жестоки и страствени, навивачите на Валенсија сакаат само напад и многу голови.

Во Мајорка затворената игра на Купер му носеше резултати но Валенсија е клуб со пореномиран статус и навивачите сакаат атрактивен фудбал. 

Атмосферата во екипата исто била далеку од идеална. Немало единство а не бил добро прифатен ни новодојдениот Кили Гонзалес.

Во конфликт со Купер беа и Клаудио Лопез и Виктор Камараса. Првиот на недела дена го отстраниле од екипата а вториот бил пратен во филијалата.

Купер одлично се справил со ситуацијата и Валенсија тогаш заигра прекрасен фудбал. Во новата сезона ги поминаа двете групни фази а во првата полусезона ја совладаа Барса со 3:1. 

Но и покрај тоа, навивачите никако не се смириле. Во февруари по едно реми 1:1 со големиот Реал Мадрид, група гневни навивачи го скршила автомобилот на Купер пред стадионот.

И покрај акцентот на одбраната, аргентинскиот стратег знаеше што прави. Во четвртфиналето на Лига на шампиони Валенсија го прегази Лацио со 5:2. Во полуфиналето на ЛШ против Барселона Валенсија го одигра можеби најдобриот меч во клупската историја и со 4:1 го прекршија големиот ривал.

Градот на паељата ги живееше најдобрите денови во клупската историја. Валенсија се пласираше во финалето на Лига на шампиони, тимот беше во страшна форма, но на „Стад де Франс“ во Париз Реал Мадрид ги уништи со 3:0 и стана европски шампион.

Нов пораз за Купер кој до финале секогаш играше фантастично а мечот за трофејот го губеше.

После овој пораз тој изјавил: „Имам проблем да го објаснам тоа што се случи вечерва“.

Ова беше трето изгубено финале во тренерската кариера на Аргентинецот.

А КАДЕ Е ТРЕТО, ТАМУ Е И ЧЕТВРТО

Пред сезоната 2000/2001 Валенсија ја напуштија неколку ѕвезди меѓу кои Лопез, Фаринос и Херард. Но наместо нив маестро ентренадор ги доведе Роберто Ајала, Рубен Бараха, Пабло Аимар и Џон Карју.

Со страшен фудбал сјајната генерација на Валенсија втора година по ред стигна до големото финале на Лига на шампиони - најпрестрижниот европски турнир. Претходно во нокаут фазата ги урнаа Арсенал и Лидс, а во финалето ги чекаше Баерн Минхен на „Сан Сиро“.

Чуден, многу чуден дуел. Уште во 3' минута Мендиета го отвори резултатот од многу спорен пенал а после Баерн Минхен доби два пенали. Првиот Кањизарес го одбрани но Ефенберг го израмни резултатот.

На семафорот стоеше 1:1 до самиот крај, па после продолженијата следуваа пенали. Поладнокрвни беа Германците и го однесоа пехарот за Минхен. Клучниот пенал го промаши Мануел Пелегрино (подоцна се испостави дека Оливер Кан во оној култен момент го тешел Сантијаго Кањизарес кој пред мечот останал без еден родител).

По крајот на сезоната депримираниот Купер изјави дека нема намера да продолжи да работи во Валенсија. Не бил задоволен од неблагодарните навивачи кои постојано го критикуваа дека играл многу повлечено и бараа голови.

ЈА ОДБИЛ БАРСЕЛОНА И ОТИДЕ ВО ИНТЕР КАДЕ ВЛЕЗЕ ВО КОНФЛИКТ СО РОНАЛДО

Во летото 2001-ва Ектор Купер во рака имал понуда од моќната Барселона но одбил. На „Камп Ноу“ не би функционирала неговата тактика на повлечен фудбал. Особено не ако се знае дека Барса има уште поразгалена публика.

Затоа го одбра градот на модата - Милано. Бил свесен дека неговиот стил потполно ќе му легне во Серија А.

А во тоа време Масимо Морати трошеше лудачки. Прво тимот се ослободи од Пирло, Роби Кин, Југовиќ и Лорен Блан но дојдоа Толдо, Матераци, Кристијано Ѕанети, Консеисао, Адриано итн. А шлаг на тортата беше Роналдо. Бразилецот се врати после повредата поради која ја пропушти цела претходна сезона.

Рони сепак одигра само 16 меча и даде 7 гола но сезоната 2001/2002 ја памети по конфликт со тренерот Купер. Ектор не можел да ги толерира ноќните испади на Рони кој секое утро доаѓал мамурен на тренинг и мрзеливо трчкарал.

Роналдо редовно при интервјуата и сеќавањата на богатата кариера раскажува дека Купер го терал да трча по 3-4 километри. Односот им бил ладен па дури не се ни поздравувале еден со друг.

Капак на се било кога Морати му дозволил на Роналдо да остане во Бразил подолго од предвиденото.

„Каков е тој фудбалер кој одбива да го лечат клупски лекари!? Не ми треба таков!“, рекол Купер. На крајот Роналдо по триумфалното Светско првенство 2002 каде правеше чуда и го освои златниот пехар, се пресели во Реал.

И покрај сложената ситуација во Интер, „нераѕурите“ под Купер долго време од сезоната беа први но на крајот уште еднаш се потврди фактот дека Купер и среќата не одат заедно. Пред последното коло Интер (69 бода) уште беше прв, а позади во врат му дишеа Јувентус (68) и Рома (67).

Во култниот решавачки меч за скудетото кога на пехарот скоро да почнаа да го гравираат името Интер, нераѕурите изгубија 4:2 во Рим од немотивираниот Лацио и паднаа на 3. место на табелата.

Во следната сезона Интер заврши втор со 7 бода зад Јувентус и беше многу близу до финалето на Лига на шампиони (во полуфинале испаднаа од Милан поради правилото за гол на гости).

Купер беше отпуштен.

ТИВОК ФИНИШ НА НЕОБИЧНАТА КАРИЕРА

Понатаму веќе остарениот Ектор имаше несреќен кам-бек во Мајорка (11-то и 17-то место во Примера), повремена работа во Бетис, Парма и репрезентацијата на Грузија.

Во 2009-та година го презеде грчки Арис со кој стигна до финалето на домашниот Куп но изгуби од Панатинаикос (5. изгубено финале).

После одеше се подолу и подолу (Расинг, Ордуспор, Ал Васл).

И слушнете го ова добро: во 2015-та година стана селектор на Египет. На Африканскиот Куп на нации во 2015-та година „фараоните“ влегоа во финале... И изгубија од Камерун со 1:2. Но Купер после ги однесе на Светско првенство во Русија 2018, прво за Египет после цели 28 години! 

Жална судбина? Не би се рекло. Освен ако некој не љуби хепи-енд па тешко е да се согласи дека ова не е тажна приказна.

Ектор Купер некое време одмора, не работи. Последно работно место му беше репрезентацијата на Узбекистан која што ја напушти во септември 2019-та.

Годинава ќе полни 64 години. Многумина сметаат дека крајот на ваквиот тренерски пат на неславниот гениј кој направи Мајорка и Валенсија да веруваат во чуда не е фер.

Но ако се знае дека неговиот колега Клаудио Раниери на стари години ја напиша најубавата бајка со Лестер, зошто да не му се даде трпение и на Купер.

Го заслужува повеќе од кој било друг.