Презимиња на дресовите на арапски јазик, жените добија дозвола за стадион

Фудбалерите на Лацио во рок од само неколку дена, по вторпат го демолираа Јувентус со 3-1, овојпат далеку од дома, во Саудиска Арабија, земја која што плати милиони за италијанскиот Супер Куп да се игра кај нив.

На стадионот „Крал Сауд Универзитет“ во Ријад, пред повеќе од 25.000 гледачи, со головите на Луис Алберто, Сенад Лулиќ и Данило Каталди, Лацио го победи Јувентус (Пауло Дибала) и го освои пехарот во италијанскиот Суперкуп.

Со овој триумф, Симоне Инзаги освои уште еден трофеј на клупата на Лацио, по оние во Копа Италија минатата сезона и Суперкупот на Италија 2017. Помладиот од браќата Инзаги уште еднаш потврди за каков тренер станува збор, затоа што по вторпат сезонава со дури 3:1 го добива најтешкиот ривал, а Лацио му е најнезгоден противник на современиот Јувентус (на 6 меча двата тима имаат по 3 победи).

ЈУВЕНТУС ИГРАШЕ ВО ДРЕСОВИ СО АРАПСКИ БУКВИ НА ГРБОТ

Луиџи Де Серво, шефот на Серија А, пред поаѓање за Ријад рекол: „Фудбалот игра важна улога, тој може да руши бариери и граници и да зближува разни култури. Многу сме среќни што сега жените можат да ги посетуваат натпреварот и да седат таму каде што сакаат да седат. Тоа многу важен чекор кон рамноправниот статус. Тоа е доказ дека фудбалот може значајно да влијае на формирање на фундаменталните основи на општеството“.

Јуве реши да ја испочитува бројната арапска публика и нивните навивачи од таму, со тоа што на терен излезе во дресови на кои презимињата на фудбалерите им беа на арапски јазик.

Ова е како резултат на соработката на adidas и Јувентус со познатиот марокански сликар-калиграф Шакер Кашгари. Вакви дресови на Јувентус се продаваат во сите бутици на adidas во Ријад и Џеда. На европските навивачи ова можеби не им се допадна. Но во Јуве се задоволни.

„Благодарение на ваквиот избор сакаме да дадеме традиционална уметничка форма. Соработката со великиот сликар Шакер Кашгари ја направи оваа важна средба, каков што е Суперкупот, уште поубава“, рекол Џорџо Ричи, финансовиот директо рна Јувентус.

Кристијано Роналдо првпат играше во дрес на кој неговото презиме беше пишано со арапски букви. Португалецот не воодушеви со својот настап (имаше 5 шута но без ефект). Имаше 45 контакти со топка, а на церемонијата доделување медали и пехар, Роналдо демонстративно покажа дека не знае да изгуби: доби сребрен медал којшто веднаш го тргна од вратот, не му подаде рака на еден од организаторите кои доделуваа награди и не отиде на подиум да му честита на противникот.

За Роналдо ова беше прво изгубено финале (меч за трофеј) од 2013 година. Иако италијанскиот Суперкуп не е којзнае колку значаен, сепак трофеите се бројат.

Од друга страна Лацио игра во страшна форма (10 победи по ред на 12 меча во сите натпреварувања). Лацијалите се најнезгоден противник за современиот Јувентус: имаат по три победи на шест последни меѓусебни средби.

СУПЕРКУПОТ НА ИТАЛИЈА И ПОКРАЈ БУРНИТЕ КРИТИКИ, ПО ВТОРПАТ СЕ ОДРЖА ВО САУДИСКА АРАБИЈА

Сигурно се прашувате зошто воопшто меч од италијански Суперкуп (шампион против победник на Купот) се одржува во декември? Едноставно е: Фудбалската федерација на Италија (FIGC) заедно со Серија А се договориле Суперкупот да се игра во Саудиска Арабија, каде во јануари ќе се игра и Суперкупот на Шпанија.

Ова не е првпат. Минатата сезона Суперкупот на Италија се одигра во јануари 2019 во Саудиска Арабија, поточно во градот Џеда. Овојпат се играше во Ријад.

Сево ова е дел од програмата Vision 2030, која во 2016 година била одлучена со цел да се скрати зависноста од нафта до минимум, а и да се промовира земјата.

За првиот Суперкуп некои организации како Амнести Интернејшнл и италијанскиот државен канал RAI многу се бунеа, поради тоа што тврдеа дека не треба да се игра во земја во која има системско кршење на човековите права.

Дента кога се играше првиот Суперкуп на Италија минатата сезона, имаше протестен собир пред амбасадата на Саудиска Арабија во Рим. 

Но, повторно се доаѓа до она коешто е главна причина за поместување на Суперкупот дури во Саудиска Арабија, а тоа се парите.

4 или 5 страни вклучувајќи ги секако и клубовите, чии управи задоволно „трљаат“ раце, ќе добијат голем дел од колачот. Нив баш им е гајле за човекови права, слобода на говор и демократски вредности. Битно да се врти тркалото.

Минатиот пат кога се играше во Џеда, Италијанците успеале да ги убедат домаќините да им дозволат на жените слободно да присуствуваат на мечот (во присуство/придружба на родител, сопруг, роднина маж), а овојпат жените можеле слободно да дојдат на стадион и да ги гледаат Роналдо и другите ѕвезди, без придружба од маж на која било трибина.

Да повториме, зборуваме за земја која од скоро (пред неколку месеци) им дозволи на жените да смеат да полагаат за возачка дозвола, да одат на јавни места итн.

Водството на Саудиска Арабија го запрепасти светот, откако во октомври 2018-та година во амбасадата на оваа земја во Турција крвнички бил убиен опозицискиот новинар од Саудиска Арабија Џамал Хашоги (прво Саудијците негираа се, потоа ко бајаги спроведоа истрага и дури изјавија дека ги казнила виновниците, но кралското семејство останало недопрено).

Од друга страна, Саудиска Арабија ги крши и човековите права во Јемен, каде уште од 2015-та година војува против Хутите.

СЕРИЈА А ОДБИЛА ДА ГО ОДЛОЖИ МЕЧОТ И САКАЛЕ ДА ЧЕПНАТ ОД МЕДОТ

Италијанците биле пред свршен чин зошто Саудијците во летото 2018 година им платиле цели 20 милиони евра за три меча од Суперкупот во следните 5 години да се играат кај нив.

„Лигата мора да го уважува својот договор. Ние не се бориме со Саудиска Арабија и само некој од клубовите би можел да не спречи да играме таму“, рекол Луиџи Де Серви, шеф на Серија А.

А клубовите секако дека не зуцнале ништо, поради тоа што секој од нив добива по 3,5 милиони евра за учеството.

Невестата на убиениот новинар Хашоги, Хатисе Џенгиз јавно го осудила одржувањето на Суперкупот во Саудиска Арабија.

„Јас обично не следам фудбал, но знам дека вие Италијанците и тоа како размислувате за фудбалот, и кај нас во Турција е исто. Многу ми смета што два италијански клуба ќе играат во Саудиска Арабија. Сфаќам дека има и финасиска страна целата приказна, исто разбирам и дека е невозможно да се бојкотира натпреварот зошто веќе се е испланирано, но зар не гледате дека политички го користат тоа преку фудбалот? Скршена сум од фактот дека ова се случува таму“.

Во меѓувреме RAI и Amnesty International одново кренаа глас и пратија отворени писма до клубовите да го бојкотираат Супер Купот.

BeIN Sports сакал да го раскине договорот вреден 450 милиони евра со Серија А, зошто Катарците имаат лоши односи со Саудиска Арабија

Годинава се појави нов проблем затоа што катарскиот познат тв канал BeIN Sports, еден од најголемите партнери на Серија А, правата за оваа лига ги платил 450 милиони евра и размислувале да го раскинат договорот.

Целата работа е во тоа што Катар и Саудиска Арабија имаат напнати односи: двете земји претендираат за лидерство на Арапскиот полустров, Катар финансиски нималку не заостанува зад Саудијска Арабија и во 2022 година ќе биде домаќин на најголемиот светски настан - Светко првенство во фудбал.

Двете земји меѓусебно се обвинуваа за поддршка на терористички групи и активно имаат нарушени дипломатски односи.

Во Саудиска Арабија во меѓувреме се појави каналот beoutQ кој нелегално ги пренесувал натпреварите врз кои права има beIN Sports. Катарците барале помош од државата во решавање на овој проблем. Досега не е познато кој е сопственик на каналот beoutQ.