Од тоа што го користеа шампионите во најсилните европски лиги, очигледно е дека кај некои екипи формацијата 4-4-2 никогаш не умира. Баерн, Манчестер Сити и Бенфика до домашните титули стигнаа со 4-2-3-1, а само Јувентус се бранеше со тројца дефанзивци.
Атлетико Мадрид 4-4-2
Екипата без ѕвезди имаше перфектна сезона и огромно славје во последното коло од домашното првенство на „Камп Ноу“. Големиот мотиватор Симеоне ја има победничката формација која може да победи секого, а по елиминацијата на Барселона и Челси во нокаут фазата од Лигата на шампионите, аргентинскиот стратег ќе се обиде да го сруши и градскиот ривал. Стандардната формација на Атлетико може да претрпи промени со оглед на повредениот Диего Коста.
ПСЖ 4-3-3
Кој и да седне човек на клупа од трите супер ѕвезди кои Парижаните ги имаат во нападот е грев. Офанзивната формација на Лорен Блан се покажа како успешна формула за одбрана на титулата во француското првенство, а убиственото трио беше предводено од Златан Ибрахимовиќ.
Баерн Минхен 4-2-3-1 или 4-1-4-1
Кусите, прецизни и бесконечни додавања поради кои играта го доби називот тики-така, на Пеп Гвардиола му успеаа и во баварскиот клуб. Беше тактички надмудрен во полуфиналето од ЛШ од Реал, но титулата и Купот во Германија не му избегаа. Шпанецот му најде нова улога не бекот Филип Лам, а Рибери, Робен и Крос беа задолжени во шеснаесетникот да го наоѓаат Манџукиќ кој ги полнеше мрежите.
Манчестер Сити 4-2-3-1 или 4-4-2
Дебитантска сезона со титула имаше и Мануел Пелегрини. Тој во дефанзивната линија од средниот ред ги имаше одличните Фернандињо и Јаја Туре поради кои можеше да си дозволи повеќе експерименти во нападот. Сити таму имаше дополнителна помош и од Туре кој и покрај својата позиција постигна 20 голови, бројка која е само сон за некои напаѓачи. Англискиот шампион постигна над 150 голови за една сезона.
Бенфика 4-2-3-1 или 4-4-2
Истите две формации сезонава ги користеше и португалскиот шампион. Хорхе Хезус често пати во напаѓачка линија ги ставаше Родриго и Лима и истовремено го засилуваше средниот ред. Тоа се случи и на реванш полуфиналниот дуел од Лига Европа против Јувентус кога требаше да ги брани оние 2:1 од првата средба
Јувентус 3-5-2
Антонио Конте кој сезонава стигна до третото Скудето во низа, имаше состав на кој никој не можеше да му се спротивстави во Серија А. Затоа не е ни за чудење што се реши да игра похрабро со тројца во дефанзивната линија кои се впрочем и репрезентативци на Италија. За средниот ред и нападот не треба многу опис. Голови постигнуваа сите играчи од овој силен тим, а слободните удари за Пирло беа како пенали.