ЕП 2016 Франција

Како Исланѓанецот Рагнар Сигурдсон гледал серии со газдата на Краснодар

По животот во Копенхаген и Гетеборг каде настапувал, трансферот во Русија бил прав културолошки шок за Рагнар Сигурдсон, Исланѓанецот кој е можеби најкорисниот играч на Европското првенство 2016.

Фудбалската култура во Скандинавија е основана на љубовта кон англискиот фудбал. Во Норвешка во 2003. година имало околу 500.000 луѓе членови на фан клубови на британските тимови. Култот на англискиот фудбал не го заобиколил ниту Исланд.
 
Иако во детството често гледал италијански фудбал на телевизија, Рагнар Сигурдсон бил вљубен во англискиот стил на игра и во Ливерпул како еден од најпознатите претставници на островскиот фудбал. Рагнар ја делел таа љубов со брат му и татко му.
„Не го сакав италијанскиот фудбал. Многу е бавен и досаден за гледање“, изјавил во една прилика Сигурдсон. Но натпреварите на Милан не ги пропуштал, затоа што таму играл Франко Барези, неговиот идол од детството. Во англиското првенство Сигурдсон сакал да ги гледа Тони Адамс и Стефан Аншо кој најдобрите години ги мина во Ливерпул.

Но неговите прави идоли биле Зидан и Роналдо кои ги имитирал. Рагнар како млад играл близу до противничкиот гол и до 19 години бил ирач од средниот ред.
„Како мал играв во нападот и давав голови. Многу повеќе сакав да сум напред, отколку во одбраната“, се сеќава денес најдобриот исландски дефанзивец. Играта во средината го направила Рагнар подобар техничар и му овозможила да биде поподвижен со топка кога ја изнесува од одбрана во напад. Сигурдсон вели дека многу поубаво му е кога асистира отколку кога дава голови.
Конечно на 21 година, во последната сезона за родниот клуб Филкир, Сигурдсон заиграл во одбраната. Таа позиција ја играл и во Гетеборг каде преминал во 2007. година. Уште во првата година го забележале многу европски клубови, но тој решил да остане во Шведска и следната сезона го освоил Купот и Суперкупот на оваа земја.
 
За четири години во дресот на Гетеборг во Шведска, Рагнар Сигурдсон созреал како играч. Секогаш борбен во одбраната, прекршоците се негов заштитен знак, а добриот прием на топката и техниката му помагале да прави помалку фаули од вообичаено.
„Во Шведска има многу фудбалери кои играат валкано и на тој начин го повредуваат противникот. Јас никогаш не сум направил фаул само поради фаул. Секогаш одам на топка, никогаш на играч.", вели Сигурдсон.

Со настапите за Гетеборг и животот во оваа земја, Рагнар совршено научил шведски. Тој одлично знае уште и исландски, англиски, шведски, дански а сега учи руски. Покрај фудбалот, талентиран е и за музика, свири на гитара и клавир. Сакал да ги слуша „Лед Цепелин" и секаков класичен рок. Во Исланд и во Шведска слободното време после тренинзите го користел за мусиката но веќе на 30 години страста се намалила.
Во 2011. година Рагнар потпишал четиригодишен договор со Копенхаген и се преселил во омилениот град каде првпат бил на 13 години, кога со родителите шетал по знаменитиот парк Тиволи. Рагнар тогаш ја посетил и Строгет - најдолгата и најскапата шопинг улица во Европа.
 
„Кога постојано живеете тука и го знаете градот од секоја страна, тоа го прави уште поубав", додава Рагнар Сигурдсон за Копенхаген кој го проучувал на велосипед со кој одел и на тренинзите.
Во клубот одлично го примиле Сигурдсон. Во својата прва сезона, Рагнар го освоил данскиот Куп, а следната сезона станал и државен шампион. Во тоа време играл во одбраната со легендарниот Олоф Мелберг, поранешен играч на Астон Вила и Јувентус со над 100 меча за Шведска. Сигурдсон често разговарал со искусниот Мелберг и многу научил од него.
 

Најголемиот испит во кариерата, Сигурдсон го имаше кога Копенхаген влезе во Лигата на шампионите во група со Реал Мадрид, Јувентус и Галатасарај. Особено ги памети дуелите против мадридскиот клуб.

„Дуелите на Копенхаген со Реал се најтешки во мојата кариера. Не знаев што да очекувам од Роналдо, Бензема, Ди Марија и останатите кои не знаеш дали ќе дадат пас, дали ќе шутираат или дириблаат. Не ми беше тешко само на мене, туку на целата одбрана, така што тој луд психолошки терет го поделивме сите".

За три години во Копенхаген, Сигурдсон станал главен играч во одбраната. Него го фалеле стручњаци и коментатори, а на навивачите на Копенхаген им станал омилен лик.

„Во Скандинавија се едни од најгласните навивачи на светот. Но Сектор 12 во Копенхаген е нешто посебно. Често носеа исландско знаме со моето име. Не може да се опише взаемната љубов", вели Сигурдсон за групата Сектор 12 чие што лого го истетовирал на градите.

По долги години, дошло време да ја напушти Скандинавија. Му стигнале неколку понуди, а најмногу го копкала таа од рускиот клуб Краснодар. На 27 години сфатил дека дошло време за промена. Знаел дека во руската лига тогаш играл Ето и други познати ѕвезди.

Знаел дека оди во подобра лига со одличен богат договор и најдобри услови. „Секако дека нема да ја пропуштам оваа шанса", рекол Рагнар.

Во Русија доживеал културолошки шок. „Кога стигнав во Краснодар се фатив себе како размислувам дека градот е срање. Се испостави дека разликата меѓу Копенхаген и Краснодар е голема. Кога си живеел во Гетеборг и Копенхаген, преубави градови со стари згради и прекрасно кафе, наеднаш светот го гледаш поинаку. Луѓето од клубот ми покажаа неколку населби во Краснодар, но имаше гигантски блокови кои ме плашеа. Кога одев на тренинг морав да поминам од таму, но со текот на времето се навикнав на тоа.

Секој почеток е тежок, па така и неговиот. Девојка му не сакала да се пресели во Русија каде Рагнар во Краснодар дошол на зима. На почетокот седел на клупа и не добил доверба веднаш во првиот состав. „Бев резерва, не играв, без девојка ми, без тренинзи, без постојан дом. Да играв стандардно ќе ги пребродев тешкотиите", додава борбениот Исланѓанец.

Со време Сигурдсон влегол во првиот тим, а многу му помогнало присуството на Гранквист, Швеѓанецот со кој Сигурдсон се адаптирал на првите месеци живот во Русија. Денес се дружат и семејно, а девојката на Рагнар живее со него во Краснодар.

Тешко му паѓало и тоа што во Шведска и Данска на натпреварите патувал по 2-3 часа со клупскиот автобус, а во Русија морал на аеродром, па со автобус, па на стадион, па другото утро дома.

Најмногу го опуштил милијардерот Галицки, финансиерот на Краснодар за кој мислеле дека зборува само за фудбал. „Еден ден додека трениравме, слета со неговиот хеликоптер близу теренот за да го гледа тренингот. Пред крајот ми пријде и ме праша: „Си ја гледал ли серијата Викинзи? Таму главниот јунак се вика Рагнар. Одлична серија е, да ја изгледаме заедно задолжително. - Во тој момент не знаев што да кажам и мислам, се сеќава Рагнар.

По одличните настапи на Европското, за него се заинтересирале Лестер, Тотенхем и неговата прва љубов Ливерпул.