Од Џанлука Паљука до Антонио Кименти - Кога фудбалот е чиста носталгија

На една Фејсбук страна се постираат фотографии на фудбалери од 90-те и првите години на 2000-те и на тој начин се одржува носталгијата. Се постираат не само шампиони, туку и просечни фудбалери кои никој не ги памети.

Ако дома во плакарот уште манијачки го чувате синиот дрес со жолти ѕвезди на Алесандро Дел Пиеро од сезоната 1996/1997 или во соба чувате голем постер со голот на Роналдо во финалето на Куп Уефа од 1998 година против Лацио, тогаш вие сте дел од фудбалските носталгичари.
 
Ако за вас единствен митралез не е оној на Тевез ниту на Погба, туку на Габриел Омар Батистута или ако со часови го гледате лудиот Карло Мацоне како трча под трибината. Ако ви недостасува мастиката за џвакање на Кафу или ако прав бомбер за вас е Дарио Хубнер. 

Сеќавањето на Филипо Пипо Маниеро, Роберто Муци и Игор Коливанов може да го вратите на Фејсбук страницата: Serie A - Operazione Nostalgia (Серија А - Операција Носталгија) која брои повеќе од 120.000 лајкови и е основана од Андреа Бини, експерт по комуникологија и љубител на ретро фудбалот.
„Ако останеш индиферентен пред фотографијава, тогаш нешто не оди како треба пријателе“, пишува под сликата на која Батистута со капитенската лента се ракува со Роберто Баџо во дресот на Болоња.
Неколку фотографии подолу и Тарибо Вест кој прославува еден гол со неговите зелени плетенки на главата со другар му Сандеј Олисех. Во продолжение Кристијан Карембу и заедничката фотографија од војска на Дарко Панчев, Бобан и Дејан Савичевиќ.

Фотографии, видеа и приказни за фудбалот што беше и кој денес после неколку децени секојдневно живее на социјалните мрежи. Серија А во '90-те со митот за седумте сестри на италијанскиот фудбал (Милан, Интер, Јувентус, Парма, Лацио, Рома и Фиорентина) беше најсакана дестинација на познатите асови.
 
Години испишани со најубави приказни: Од Торино на Мондонико кој стигна до финалето на Куп Уефа и загуби од Ајакс, па сè до Виченца на Гвидолин која беше на чекор од историјата со поразот од Челси во Купот на Куповите. Секоја фотографија е сеќавање, секое сеќавање е солза, вели основачот на страницата.
„Мојата мисија е денешните деца да дознаат колку беше среќна нашата генерација и дека фудбалот не е само спорт на тетовирани, пијани и скандалозни. Сакам да ги потсетам моите современици зошто толку лудо го сакавме овој спорт“, вели Бини.

Нема подобар начин за тоа од постирање на албумот Панини. Хидетоши Наката во дресот на Перуџа, миланското дерби меѓу Малдини и Занети или Шевченко и Матераци. Шампиони, но не само тие. Прав носталгичар е оној кој ги сака феномените, но за него поважни се оние просечните фудбалери на кои никој не се сеќава. Само ние ги паметиме, симбол на страната е Клето Полонија, поранешен фудбалер на Пјаченца.
Најголемо задоволство ми е, заклучува Бини, кога ќе видам како навивач на Милан стиска лајк на фотографија на Зидан или Роналдо, или како навивач на Рома позитивно коментира на фотографија на тандемот Креспо-Верон.
Веќе е закажана и средба на носталгичари. На 4. септември на плоштадот Санта Бабила во Милано во 18 часот ќе се соберат носталгичарите а гости ќе бидат Дарио Хубнер и Пасквале Луизо.
1 септември 2015 - 16:29