Њукасл во дербито против Сандерленд со 6 младинци

Во пресрет на неделното Tyne-Wear дерби меѓу омразените ривали Њукасл и Сандерленд, домашниот состав се соочува со проблеми околу составот кој ќе го почне дуелот. Алан Ширер е горд на одлуката на неговиот Њукасл кој нема друг избор за првиот состав, освен да ги пушти децата.

Кога Сер Џон Хал, почесниот претседател на Њукасл во '90-те години кажа дека во иднина сака да види екипа составена исклучиво од фудбалери од младинската школа, тоа за навивачите на Сент Џејмс Парк звучеше премногу добро за да биде остварливо.

Две децении од тогаш, Премиер лигата стана мека за талентираните деца од цел свет, при што нема доволно простор за младите локални фудбалери. Во недела се игра дербито Њукасл - Сандерленд и токму тогаш може делумно да се оствари желбата на Џон Хал. Тренерот на „гавраните“, Алан Пардју има проблем со повредени играчи, по што дури 5 младинци може да заиграат во првиот состав и тоа ќе биде нов рекорд на Њукасл. Тренерот Алан Пардју сезонава има проблем со голманите. Првиот голман Тим Крул е повреден од поодамна, се повреди и резервниот Роб Елиот, така што против Сандерленд ќе брани 21-годишниот Јак Алнвик кој се опорави од повредата.

Замена на првиот на Алнвик ќе му биде 17-годишниот Фреди Вудман. На 24 дерби средби меѓу Њукасл и Сандерленд во Премиер лигата, никогаш немало 5 младинци што ќе го почнат натпреварот во црно-белиот дрес.

Бековите Пол Дамет и Стивен Тејлор, крилото Сами Амеоби, играчот од средината Џек Колбек и голманот Јак Алнвик се фудбалерите кои можеби ќе истрчаат на Сент Џејмс во недела на 153. дерби во историјата на двата клуба. На клупата би требало да се најде и Адам Армстронг, со што Њукасл за прв пат од 2005. ќе има 6 играчи од својата школа. Тогаш против Сандерленд играа Питер Рамаџ, Шола Амеоби, Ли Кларк, Мајкл Чопра и гордиот „син“ на Њукасл, Алан Ширер.

Сандерленд, предводен од Густаво Појет нема пораз на последните 5 дерби средби против Њукасл, поради што „гавраните“ се под поголем притисок. Во меѓувреме, во најголемиот град во северна Англија, управата на Њукасл на големо лепи плакати, дели флаери и праќа мејлови по навивачите да ја поддржат акцијата „Црно-бело дерби“, по која сите треба да бидат облечени или во црно или бело. Претходните дерби дуели во Њукасл ги одбележија големи инциденти меѓу навивачите на двата клуба.

Натпреварот Њукасл - Сандерленд се игра во недела од 14:30.

19 декември 2014 - 13:54