Неколку официјални факти за „случајот“ 50/200

Откако беше оспорено нашето оспорување на математиката за пресметување на бројот на настапи и голови на македонската репрезентација, би сакале да изнесеме уште неколку официјални факти за „случајот" 50-та победа и 200-ти гол на Македонија.

Наместо да филозофираме па кој „сфати - сфати", ние ќе изнесеме неколку официјални факти со кои ќе го поткрепиме нашето тврдење дека на спорниот натпревар во Иран настапи Б репрезентација на Македонија и овој натпревар не треба да се брои во статистиките за настапите на сениорската репрезентација.

Тврдењето дека фудбалски никој не е поголем од ФФМ и дека треба да се верува на нивните статистики е многу погрешно. Безброј пати во минатото податоците на ФФМ се покажаа како погрешни. Од грешно информирање за резултати на репрезентациите, грешна евиденција за број на настапи и постигнати голови на репрезентативците, па дури и непознавање на имињата на репрезентативците (Илчо и Влатче против Шкотска настапија со дресови на кои пишуваше НаумоВски и ГрозданоВски).

Од ФФМ фудбалски сигурно се поголеми ФИФА и УЕФА, како и АФЦ (Азиската фудбалска конфедерација) на чие тло се одигра овој спорен натпревар. Во евиденциите на ФИФА и УЕФА спорниот натпревар воопшто и не постои, а АФЦ на својот сајт овој го има регистрирано како натпревар помеѓу Иран и Македонија Б.

А фактот дека во Техеран играл Б-национален тим, а во исто време А-тимот играл во Лихтеншајн, го знаат и луѓето од ФФМ, односно таква информација е изнесена на прес конференцијата пред тргнувањето за Иран и Лихтенштајн, а тоа може да се прочита во следниот извадок од текст на Златко Крстевски за Време:

Време / 08.11.2005
ПОЧНА КАМПАЊАТА ЗА НОВ СЕЛЕКТОР
Златко Крстевски
Бобан Бабунски и Мирсад Јонуз, македонските кандидати за нов фудбалски селектор на А-тимот, вчера и официјално ја почнаа кампањата за тоа место. На прес-конференцијата по повод заминувањето на двата национални тима во Иран и во Лихтенштајн, и двајцата, меѓу редови, најавија дека би направиле се за да седнат во испразнетата селекторска фотелја. Селекторот на младите Јонуз, чиј договор за тоа место завршува на 31 јуни 2006 година, дури и јавно изјави дека „не се станува селектор со еден меч", што е главниот адут на Бабунски, кој беше на клупата на историското реми со Холандија.
- Ние сме докажани и проверени луѓе. Сме биле тренери, ни се знаат минатото и успесите што сме ги постигнувале. Сигурно е дека со еден натпревар во кариерата не се станува селектор. Треба да се видат резултатите во минатото, треба да се видат плановите за во иднината. Па кој е тој што не сака да биде селектор - изјави Јонуз.
Бабунски не одговори на таа провокација од страна на Јонуз и не беше толку директен во своите изјави, иако и низ неговите реченици проткајуваше желба за докажување.
- Одамна се подготвувавме да имаме и Б-национален тим што ќе игра пријателски натпревари. Ова е одлична шанса за тоа - рече Бабунски. Веројатно поради страв од замерување со ФФМ и двајцата селектори се согласија дека распоредот за тоа која селекција каде ќе оди да игра е добро направен. - Имам информации дека и другите селекции во Техеран ќе играат со комбинирани состави, па оттаму не се мали шансите и на нашиот Б-состав. Ова е супершанса да се проверат сите играчи, а идејата за овие три натпревари е одлична. За А-тимот мечот во Лихтенштајн е одлична можност да се потврди резултатот со Холандија - рече Бабунски.

Инспирирани од таквите математики за пресметување на бројот на настапи и голови на македонската репрезентација, би сакале да ви предложиме да потегнете една иницијатива за „билдање" на статистиката на македонската фудбалска репрезентација. Ако веќе во минатото сме можеле да имаме две официјални репрезентации на два различни континенти во исто време, зошто не би имале и пет репрезентации кои во исто време би одиграле официјални натпревари на пет континенти. За следниот слободен термин ФФМ може да организира пријателски натпревари со Папуа Нова Гвинеја, Бутан, Мавританија, Бахами и Сан Марино, нормално во исто време. Чеде ќе ја води едната репрезентација, Бабунски друга, Ѓоре трета, Џиџи четвртата и Цапар петтата репрезентација и сигурни сме дека ќе можеме да собереме стотина фудбалери кои би можеле да ги победат овие репрезентации. На тој начин во еден ден вашата статистика ќе ја набилдате за уште пет нови победи на Македонија!

22 ноември 2012 - 10:17