Пред натпреварот со Словенија пишувавме за тоа како селекторот Јаневски ја утна математиката со бројот на настапи на Давид Бабунски, но овој медиумите се тие кои ги утнаа пресметките.
Победата на пријателскиот натпревар против Словенија беше прославена како јубилејна 50-та победа, а вториот гол натпреварот постигнат од Адис Јаховиќ беше одбележан како јубилеен 200-ти гол во историјата на македонската фудбалска репрезентација.
Но овие бројки се грешни. Победата над Словенија беше 49-та, голот на Јаховиќ беше гол број 198, а Агим Ибраими го постигна 199-от гол.
Како што пишува порталот MacedonianFootball.com, проблемот е што ФФМ во овие бројки пресметува и еден неофицијален натпревар на резервната (Б) репрезентација.
Во ноември 2005-та година, сениорската репрезентација гостуваше на пријателски натпревар во Лихтенштајн. Во исто време, ФФМ испрати и комбиниран состав, односно Б репрезентација на турнир во Иран. Во полуфиналето на турнирот ги победивме домаќините со 2:1, а во финалето загубивме од Парагвај со 0:1.
Токму таа победа над Иран од 2:1 е спорниот натпревар кој ги помеша математиките на ФФМ и македонските медиуми. Тоа е натпревар на Б репрезентацијата кој не е признат од ФИФА и не смее да биде сметан ни од ФФМ ниту од македонските медиуми како официјален натпревар. Ниту пак тие два постигна гола на овој натпревар не треба да се сметаат во вкупниот број на голови на нашата репрезентација.
Тоа значи дека на 50-та победа и 200-от гол ќе треба да почекаме до следната година. Да се надеваме дека овие јубилеи ќе ги прославиме на натпреварот против Белгија на 22 март.