Во недостаток на неколку стандардни репрезентативци, останатите одлично си ги извршија своите задачи зададени од селекторот Јаневски, па Македонија го доби и вториот натпревар во серија, но добива и некои нови играчи. Македонија доби нов класичен шпиц во името на Адис Јаховиќ.
Словенците имаа шанса да поведат уште во осмата минута, но одличниот Пачовски го одбрани ударот од белата точка на Куртиќ откако Хасани беше невнимателен и играше со рака во шестнаесетникот.
Во 16-та минута Јаховиќ ја погоди стативата, а десет минути подоцна тој искусно ја спушти топката во шестнаесетникот и му асистираше на Дарко Тасевски при постигнувањето на голот за водство на Македонија од 1:0.
Својата класа Јаховиќ ја потврди на четири минути пред крајот на првиот дел кога по нафрлувањето на Ибраими тој се најде на вистинското место и со глава ја уфрли топката во мрежата на Хандановиќ за 2:0. Тоа беше и јубилејниот 200-ти гол за македонската фудбалска репрезентација.
На стартот на второто полувреме Словенците ја искористија невнимателноста на целата наша одбрана и Печник го совлада нововлезениот Богатинов.
Сепак по само три минути Агим Ибраими со гол од голема далечина зголеми на 3:1.
Следеше ново опуштање на нашите репрезентативци кое можеше скапо да ги чини. Најпрвин во 63-та минута Печник повторно намали на 3:2, а во продолжението Словенците можеа и да израмнат, но Грнчаров спаси и резултатот остана непроменет.
фото МКД.мк