Македонија отсекогаш била земја на два милиони селектори кои од пред ТВ екраните знаат подобро да ги водат репрезентациите во сите спортови. Одбегнуваме и ние да бидеме „селектори", но овој пат мора да дадеме замерка за една грешка на селекторот Чеде Јаневски.
Чеде е селектор и треба да се почитуваат неговите одлуки па така неговата грешка не е во тоа што тој одлучил да не го повика Давид Бабунски во репрезентацијата и покрај тоа што сигурно немаше да згреши ако во составот за пријателскиот натпревар против Словенија се најдеше и еден од најталентираните македнски фудбалери и член на младинците на Барселона. Грешката е во неговата неинформираност.
Имено, на првата прес-конференција по објавувањето на составот, селекторот Јаневски како причина на неповикувањето на Бабунски наведе дека се уште е рано за него затоа што тој имал одиграно само еден натпревар за репрезентацијата на Македонија до 21 година.
Како што пишува порталот MacedonianFootball.com, Давид Бабунски за репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година има одиграно осум, а не еден натпревар.
Тој дебитираше на квалификацискиот натпревар против Северна Ирска, а во квалификациите одигра и против Данска, Србија, Фарски Острови и на уште еден натпревар против Северна Ирска. Освен на официјалните квалификациски натпревари, Бабунски настапи и на три пријателски средби (против Црна Гора, Албанија и Холандија).
На овие осум натпревари Давид Бабунски постигна два гола (против Албанија и Црна Гора) и асистираше при постигнувањето на уште два погодоци (против Данска и Северна Ирска) и секако беше еден од подобрите фудбалери на овие натпревари.
Од тука се поставуваат повеќе прашања како на пример, дали постои комуникација помеѓу селекторите на сениорската и младинската репрезентација (Бобан Бабунски, татко на Давид) и дали ќе се сменеше мислењето на Јаневски доколку тој беше подобро информиран?
Давид Бабунски има 18 години, а до сега сме имале повеќе фудбалери на таа возраст кои играле за сениорската репрезентација. Поранешниот селектор Драган Канатларовски имаше храброст и му даде шанса на Горан Пандев да дебитира на 17 години. Пандев во тој момент се уште беше неафирмиран член на Беласица, додека пак Бабунски веќе неколку години настапува за младинските тимови на Барселона, а боите на тимот ги брани и во младинската Лига на шампиони.
Пријателските натпревари служат за воигрување, но и тестирање на нови фудбалери. Дури и да не добиеше шанса да настапи на натпреварот против Словенија, Бабунски можеше да биде повикан во репрезентацијата за да ја почувствува атмосферата во сениорскиот тим, а Јаневски преку тренинзите ќе можеше да се увери во неговите квалитети.