Некогаш силниот и опасен Арсенал

Арсен Венгер често пати е критикуван од англиските медиуми поради начинот на кој го гради тимот кој не носи успеси веќе 8 години. Со најквалитетните играчи кои ги имаше во 2005 година и со кои го освои последниот пехар, можеше слободно да состави два тима од кои повеќето беа врвни играчи.

Споредбата на составот на Венгер од 2005 година со сегашниот кој го има располагање го правиме од две причини. Токму во 2005 година, Арсенал се сретна последен пат во осминафиналето од Лигата на шампионите против Баерн Минхен, а истата година „Топџиите" го освоија последниот трофеј, кога во финалето од ФА Купот беа подобри од Манчестер Јунајтед.

Доказ за тоа колку посилен состав имал на располагање францускиот стратег е резервната клупа која му била на располагање за мечот во Минхен кој сепак домаќините го добија со 3:1.

Голманот кој го следел мечот од клупата бил Алмунија, од одбраната ги имал Кол, Кембел, Сендерос и Ебуе, во средниот ред на располагање му биле Фламини, Жилберто Силва, Ларсон и Фабрегас, а како резервни напаѓати на тој дуел биле Беркамп и Ван Перси.

Составот со стартните 11 кој Венгер решил да ги стави во игра од првата минута биле: Леман, Клиши, Лорен, Туре, Сиган, Виера, Еду, Љумберг, Пирес, Реес и Анри.

Само за споредба во однос на овие 22 фудбалери од 2005 година, тренерот на Арсенал вечерва на Баварците ќе им се спротистави со следниот состав: Шченсни, Јенкинсон, Мертезакер, Кошелни, Вермален, Артета, Дијаби, Волкот, Казорла, Подолски и Жиру.

За квалитетот на играчите кои си заминуваат од „Емирати" во ерата на Венгер доволно е да споменеме само неколку играчи кои биле на клупата во Минхен пред 8 години. Кол премина во Челси, Фламини во Милан, Фабрегас во Барселона, Ван Перси во Манчестер Јунајтед.

Најверните навивачи на Арсенал кои се гладни за успех имаа потполно право да му замерат на "тврдокорниот" Венгер кој постојано продава квалитетни и искусни играчи, а форсира млади деца.

Колку и да се правда пред медиумите и навивачите за неговата стратегија, следниот занимлив податок покажува дека продава родени победници. Во изминативе седум години дури 25 играчи кои си заминале од „Емирати" успеале да се закитат со по некој трофеј, а вкупната бројка на тофеи изнесува дури 75.

13 март 2013 - 17:05