Црквата во Германија го тужи Лука Тони

Не знаев дека се плаќа да се биде Католик во Минхен

Само неколку часа откако објави дека ја завршува кариерата по крајот на сезонава, Лука Тони морал да се појави на суд во Минхен поради тоа што не плаќал данок кон црквата.

Во својата богата кариера Лука Тони од 2007. до 2009. година играше за славниот Баерн Минхен, а тамошниот престој освен титули и трофеи ќе го памети и по не баш пријатни моменти со судот.
 
Во март годинава Тони првпат од својот финансиски советник дознал дека Германската Католичка Црква и властите бараат од него исплата на 1,7 милиони евра поради неплатени даноци, пишува германскиот ТЗ.
 
Италијанскиот фудбалер кој во моментов игра во Хелас Верона во Серија А при доаѓањето во Минхен од Фиренца во 2007. година бил регистриран како атеист, но подоцна, при пријавувањето на втората година на престој неговата регистрација била сменета во Католик и тоа сосема ненамерно од неговиот советник.

La Kirchensteuer се вика таксата на вероисповед, систем на финансирање на религиозната активност во Германија воведен уште од времето на Вајмарска Република во Германија од 1919 до 1933 година.
 
Според членот 140 на германскиот закон, религиските комуни имаат право да наплаќаат данок (7%) од своите членови, а за возврат верниците добиваат привилегии за крштевки, венчавки, погреби, сместување за социјалните случаи и сиромашните луѓе.
„Не знаев дека треба да платиш за да бидеш Католик во Минхен. За мене сè беше ново во Минхен кога дојдов првпат од Фиренца во 2007. година. Ако некој верува во Бог, не треба да плаќа на Црквата за тоа. Кога ми носеа документи на потпис имаше многу листови, така што не гледав што потпишувам, а меѓу играчите никогаш не сме зборувале за даноци", вели 38-годишниот Тони.
Судот во Минхен соопштил вели дека победникот на СП од 2006. година ќе мора да плати 500.000 евра, колку што мора да плати и неговиот советник, а клубот Баерн Минхен бил должен да плати 700.000 евра.
 

Славниот клуб го одбил ова и поднел жалба. Следното рочиште е закажано за 15. јули годинава, период во кој Лука Тони веќе ќе биде поранешен фудбалер и освојувач на Мундијал и Златна копачка за најдобар стрелец на Европа.