Најважниот ден во кариерата на Горан Пандев

По Дарко Панчев и Илија Најдовски, Горан Пандев на денешен ден во 2010. година стана третиот Македонец кој го кренал најважниот пехар во европскиот клупски фудбал

Најпознатиот Струмичанец во светот во 2009. година се врати во Интер, екипа која што како млад фудбалер реши да го доведе од Беласица.
 
Уште на дебито при враќањето на Меаца, Пандев покажа дека ќе биде големо засилување за нападот на Нераѕурите, како во Серија А, така и во Европа.
 
Тргна четата на Мурињо од рускиот Казан, преку Киев, Лондон и Москва до моќната Барселона. Сите паѓаа по ред, а Интер стигна до финалето каде што ја комплетираше неверојатната тројна круна. Миланскиот клуб стана првиот италијански состав во историјата кој што во една сезона се закити со трофеите во Серија А, Лигата на шампионите и италијанскиот Куп.
 
Во финалето на елитната Лига на шампиони, Интер на Сантијаго Бернабеу го победи Баерн Минхен со 2:0 со двата гола на Диего Милито, човекот кој синоќа се прости од активното играње фудбал во татковината Аргентина. Интер тогаш за првпат го крена европскиот трофеј по 1965. година.