Може ли Бејл да го однесе Велс на Европско?
После поразот од Барселона, навивачите на Реал Мадрид му ја шутираа колата на Герет Бејл во саботата. Велшанецот не е лидер во кралскиот клуб, но водечки играч е во репрезентацијата. Од него најмногу се очекува, а така ќе биде и во сабота кога Велс му гостува на Израел.
Единствен пласман на големо натпреварување за Велс е СП во 1958 година. Екипата на Крис Колман во моментов е втора, зад Израел кој има еден бод повеќе. Израелците предводени од селекторот Ели Гутман се лидери во Групата Б, но ги очекува две тешки средби со Велс и Белгија.
„Се сеќавам како капитенот Шеран Јеини го смири Кристијано Роналдо пред две години кога игравме против Португалија и верувам дека може да добро да го чува и Бејл“, изјави Ели Гутман.
За разлика од Велс, Белгијците имаат многу ѕвезди и одлични фудбалери, но во моментов се четврти во групата Б со само пет бодови од три натпревари. Белгија игра против Кипар во Брисел во сабота.
Ќе блесне ли бранителот на титулата Шпанија?
Падот на Шпанија како европски и светски шампион не е новост. Истото му се случи на Бразил во доцните '60, на Западна Германија во '70 и на Франција после 2000-та година. Квалитетот останува на нивна страна, Шпанија има девет бодови од четири натпревари, но поразот од Словачка во Братислава ги отрезни Шпанците кои се втори во нашата група Ц. Шпанија има исто бодови со Украина на второто место, по девет, а двете селекции ќе се судрат во петок. Шпанија ќе игра без повредениот Диего Коста.
Нашите фудбалери во петок играат против Белорусија. Селекторот Бошко Ѓуровски се реши да повика неколку дебитанти, меѓу кои и фудбалери од домашното првенство. Неделава дознавме дека поради повреда настапот го откажаа повратникот Марио Ѓуровски и Аријан Адеми, додека Урош Матиќ веројатно ќе има право на настап на следниот натпревар, бидејќи сè уште нема добиено сертификат од ФИФА за престојниот против Белорусите.
Редовни изненадувања
Кога ќе се погледне Шпанија на второ место тогаш се добива реална слика од хаотичните квалификации за ЕП 2016. Холандија е трета во групата А зад Чешка и Исланд, Белгија е четврта зад Израел, Велс и Кипар. Грција е на дното на групата Ф после поразот од Фарски Острови. Португалија е неубедлива во групата И, а Светскиот првак Германија се мачи во групата Д каде загуби од Полска и ремизираше од Ирска.
Полска се самоуништува, Ирска профитира?
Полјаците ја победија Германија после неколку децении и во моментов се први со 10 бодови во групата Д. Сепак, пред дуелот во Даблин против Република Ирска, полскиот селектор реши да не го повика Куба Блажчиковски од Борусија Дортмунд, под изговор дека не бил спремен ниту физички ниту психички.
Полските медиуми шпекулираат дека причина за изостанокот на Блажчиковски лежи во неговиот конфликтен однос со новиот капитен на Полска, Роберт Левандовски. Полјаците ја совладаа Германија 2:0 без Куба и во моментов имаат три бода повеќе од Шкотска, Ирска и Германија.
Република Ирска играше 1-1 против Германија во октомври лани, така што избраниците на Мартин О’нил веруваат во третото место кое води во баражот. Ирците играат против Полска, Германија против Грузија, а Шкотска против Гибралтар.
Групата Ф носи најчудни резултати
После победите над Грција, Унгарија и Фарски Острови, Северна Ирска е второпласирана во оваа група со 9 бодови од четири средби. Во случај да се пласираат на ЕП, Северно Ирците ќе станат најмалата земја што играла на едно Европско. Пласман на Европско после 30 години брка и заспаниот гигант Унгарија.
Грција, осмина-финалист од СП 2014-та загуби од Фарски Острови и тоа беше најголемото изненадување во досегашниот тек од квалификациите. Поразот значеше и отказ за селекторот Клаудио Раниери, кој ја напушти Грција после само четири месеци. Нов селектор на Хелените е Серхио Маркаријан кој дојде на повик на техничкиот директор Јоргос Карагунис.