„Мурињо те сакаме, Мурињо остани“

Не, ова не се зборови на фудбалерите на Реал Мадрид, ниту на навивачите на кралскиот клуб. Тоа е скандирање од типот сеир кое можеше да се слушне на вчерашниот натпревар помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид од страна на навивачите на Барса.

Шпанското првенство е веќе решено. Реал Мадрид го губи тронот, а Барселона може да ја слави титулата по 16 одиграни кола.

Откако Реал Мадрид на домашен терен одигра само 2:2 со претпоследниот Еспањол, а Барселона со 4:1 го совлада еден од ретките конкуренти во лигата, второпласираниот Атлетико Мадрид, Барса сега се одвои на +13 пред актуелниот шампион.

По 16 одиграни кола Реал Мадрид загуби 15 поени, повеќе од минатата сезона кога ја освои титулата со 14 загубени поени во текот на целата кампања. Дури и на самиот Мурињо му стана јасно дека трката за титулата во Шпанија веќе заврши и тој веќе се предаде.

„Никогаш до сега не сум бил во ваква ситуација да губам толку многу поени. Ќе продолжиме да се бориме за титули, но освојувањето на лигата е невозможна мисија", изјави Мурињо по ремито со Еспањол.

Натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Еспањол се одигра во неделата со почеток од 19 часот и тој заврши пред почетокот на дуелот помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид. Навивачите на Барселона го дознаа резултатот од натпреварот во Мадрид, па на Камп Ноу можеше да се види една неверојатна сцена.

100.000 навивачи му фатија сеир на нивниот ривал скандирајќи „Мурињо те сакаме, Мурињо остани".

17 декември 2012 - 09:14