Мурињо има најдолг стаж во Примера

Можеби звучи чудно, но овој факт покажува колку е краткотраен работниот век на тренерите во шпанската Примера. Жозе Мурињо кој во кариерата до сега во ниту еден клуб се нема задржано повеќе од 3 години, моментално има најголем стаж во лигата.

По слабите резултати и освојувањето на само 9 поени по 13 одиграни натпревари и пласманот на последното место во шпанската Примера, Еспањол му врачи отказ на тренерот Маурисио Покетино.

Тој го водеше тимот од јануари 2009-та година и имаше најдолг стаж во лигата од сите тренери. Со неговото заминување, овој примат му припадна на Жозе Мурињо. Човекот кој во својата досегашна кариера во клубовите се задржува по 2-3 сезони, стана тренер со најголем стаж од цела лига.

Во исто време со него на кормилот на Бетис беше назначен и Пепе Мел, но еден период тие играа во втората лига. Марсело Биелса го предводи Билбао од 2011-та година, Диего Симеоне е на чело на Атлетико Мадрид од минатата сезона, а Виланова (Барселона), Пелегрино (Валенсија)... се во своите клубови од оваа сезона.

Мурињо го предводи Реал Мадрид веќе 2,5 години, односно на 138 натпревари на кои има остварено 102 победи, 20 нерешени и 16 порази. Првата сезона беше разочарувачка, во втората сезона ја освои титулата, а оваа сезона веќе заостанува 11 поени зад Барселона и преостанува да видиме дали ќе успее да си го сруши личниот рекорд и да остане во еден тим и четврта сезона.

27 ноември 2012 - 11:40