Минатата сезона Катарците го доведоа Карло Анчелоти и вложија вкупно 106 милиони евра на нови засилувања, а Монпеље за нови фудбалери потроши само 2 милиони евра.
Предводени од контроверзниот претседател Луи Николен, Монпеље не само што го победи ПСЖ во битката за титулата, го победи и на финансиски план. Големиот аутсајдер за кого обложувалниците пред почетокот на сезоната понудија коефициент 80 дека може да ја освои титулата, ги изненади сите и со храбра и офанзивна игра успеа да ги победи и милионите на ПСЖ.
Николен е еден од најконтроверзните фудбалски работници на светот и тој вети дека доколку Монпеље ја освои титулата тој ќе си ја направи позната фризура „мохиканка". Како човек од збор, Николен си го исполни ветувањето.
Но актуелниот француски шампион се повеќе паѓа во сенка на ПСЖ. Со доведувањето на Златан Ибрахимовиќ и Дејвид Бекам, ПСЖ го привлекуваат целото внимание на фудбалската јавност, па газдата на Монпеље стана љубоморен.
Но 68-годишникот кој си ја смени фризурата и ја офарба во сина и портокалова боја, знае како да го украде вниманието.
„За инат на ПСЖ, би сакал да го доведеме Диего Марадона. Со него ние повторно ќе бидеме на насловните. Би сакал да го ангажирам, но не знам дали ќе можам да му понудам повеќе од Катарците“, изјави Николен.
Актуелниот француски шампион од следната сезона ќе добие нов тренер откако Николин реши да не му го продолжува договорот на Рене Жирар, човекот кој го воведе препознатлиот напаѓачки стил на игра и најзаслужниот за првата титула во историјата на Монпеље.