Македонија повторно надвор од Топ 100

Со напредокот на останатите репрезентации, поразот од Хрватска и ремито со Шкотска, но и заради бришење на поени од пред четири години, репрезентацијата на Македонија забележа пад од 7 позиции и сега се наоѓа на 104-та позиција на ФИФА ранг листата.

Рангирањето на ФИФА се базира на резултатите остварени во изминатите четири години, па така со бришење на старите резултати загубивме повеќе поени отколку што добивме со ремито во Шкотска од минатиот месец.

На септемвриското издание на ФИФА ранг листата нашата репрезентација се наоѓаше на 97-та позиција со 364 поени, а овој месец имаме 334 поени и паднавме на 104-та позиција.

Пред нас се Конго, Доминиканска Република, Катар, Судан, Мозамбик, Либерија... а зад нас на листата се Екваторијална Гвинеа, Антигва и Барбуда, Кипар, Намибија...

Сите конкуренти од квалификациската група А за Светското првенство 2014-та година имаат далеку подобар пласман од нашата репрезентација. Најдобар рејтинг има Хрватска на 11-то место, следува Белгија на 30-та, Србија на 33-та, Шкотска на 56-та и Велс на 57-та позиција.

На врвот на листата остануваат Шпанија и Германија, а на третата позиција сефа е Португалија. На четвртата позиција се искачи Аргентина, а Англија падна на петтата. Следат Холандија, Уругвај, Италија, Колумбија и Грција.

3 октомври 2012 - 12:11