Приказна за фудбалскиот пат на Роберто Карлос

Легендарниот бек кој има осум деца од седум жени

По многумина најдобриот лев бек во историјата на фудбалот. Човекот кој фудбалот го играше со најголемите величини каков што беше и самиот има неверојатна биографија за која наскоро може да се очекува игран филм.

КАКО МУ ГО СПАСИЛ ЖИВОТОТ НА НАЈДОБРИОТ ДРУГАР - РОНАЛДО

„Роналдо умира! Роналдо умира!“ - во солзи викал Роберто Карлос низ ходникот на парискиот хотел, и чукал по вратите од собите во кои првиот сон го фаќале колегите од репрезентацијата.

Тоа била една од ноќите пред финалето на Светското првенство 1998 кога на подот од неговата соба поради конвулзија (грчеви) паднал Роналдо. Еден час порано сè било во ред. На 11. јули 1998 година се играл главниот настан во животот на Роберто Карлос. Роналдо веќе бил светски шампион иако не одигра ни минута во САД 1994, а Карлос имал шанса првпат да го освои златниот пехар.

И двајцата уште од првиот ден кога се запознале решиле дека на сите собири ќе бидат цимери. Така било и во репрезентацијата на Бразил и во Реал и во Коринтијанс каде и двајцата ја завршија кариерата.

„За 20 години јас поминав повеќе ноќи со Роберто Карлос, отколку со сите свои жени“, изјави подоцна Роналдо.

Споменатата вечер тие гледале квалификации за Гран-при на Велика Британија и навивале за сонародникот Барикело кој завршил 16-ти.

Неочекувано Роналдо се срушил од креветот на земја и му се треселе и рацете и нозете. Карлос одлично го познавал чуството за хумор на другарот, па во првите неколку секунди не му обрнувал внимание и му предложил да престане да изигрува будала. Но кога на екранот се стишил шумот на болидите, тој слушнал тешко издишување, видел пена на устата на Рони и притрчал да бара помош.

Прв криците во коридорот ги слушнал Едмундо: „Не беше при себе, само урлаше нешто за Роналдо дека умира. Истрчав во нивната соба и го видов Роналдо со голнат јазик а рацете му висеа на другата страна. Испушташе чудни звуци, како да сакаше да дише но не можеше. Го фативме со Сезар Сампајо, јас го стегнав а Сезар му го извади јазикот. Среќа брзо се појавија докторите“, раскажа пред неколку години Едмундо кој имаше прекар „Животно“ за бразилскиот Libertaddigital.com.

По медицинскиот преглед Роналдо некое време бил во безсознание но главно бил жив. Го однеле во болница и ноќта ја минал таму - докторите не сакале да слушнат ни за какво финале. Но на селекторот Марио Загало му се јавувале од Министерството за спорт, разни пратеници, министри и спонзори - одбраната на титулата е задолжение.

„Како тоа не може да игра? Па он е наша најголема надеж. Мора да биде во составот“, притискале од татковината.

Многу години подоцна Бруно Кару, доктор-кардиолог кој бил во медицинскиот штаб на бразилската репрезентација на тоа Светско, раскажал дека таквото решение носело многу сериозно последици: Роналдо имал епилепсија и нарушена работа на срцето коешто предизвикува несвестица и грчеви.

Наместо комплетен одмор и детално испитување од стручни лица - Роналдо се појави на најважниот меч на Светското и беше сопствена бледа сенка. Бразилците без шанси изгубија од Франција, а Роберто Карлос кој му го спаси животот на другарот мораше да почека 4 години пред златниот пехар да биде во негови раце. Секогаш го живеел тој сон.

ЗА ДЕТСТВОТО И КАКО ГО ДОБИЛ ИМЕТО

Неговите родители - Оскар, атлетичар и фудбалер, и Вера се запознале на концерт на популарниот бразилски пеач Роберто Карлос за кого и двајцата биле луди.

Толку луди што во негова чест го крстиле своето првенче кое на свет се појавило на 10. април 1973 година во малиот град симбол на кафето, Гарса, близу Сао Пауло. На 12 години малиот Роберто почнал да помага во локалната фабрика за јажиња и конци Torsaro Cordeiro за да го пополни семејниот буџет. Во помалите средини од Бразил и тогаш а и денес се живеело сиромашно.

Во слободно време ја шутирал топката во дворот позади куќата и гледал фудбал на мал црно-бел телевизор. Дома немал телевизор па одел кај соседите. Чудно но негов идол не бил Пеле, туку Марадона:

„Никогаш не сум го гледал Пеле во живо. Да, тој е Бог во Бразил, но јас никогаш не сум го гледал во живо, а Марадона го пратев откако почнав да мислам на фудбалот. Тој беше неверојатен и за мене број 1. Чест би ми било да играм со него и со Ди Стефано во иста екипа. Каква врска има што се Аргентинци?“, прашувал Карлос.

ПРВИТЕ ТРЕНИНЗИ И ДРУГАРСТВОТО СО РИВАЛДО

На 14 години првпат почнал да тренира фудбал и тоа во Жувентус - клубот во кој играл и татко му и каде кариерата ја завршуваат сите кои таму ја почнале како на пример Цезар Меноти и Вампета. Во Жувентус играл во средината или лев бек, но никогаш немал доволно простор.

„Никогаш не сакав да трчам 20 метри. А 80 ги трчав со задоволство!“

Среќа по него, Жоан Карлос Кампос - главниот тренер во следниот клуб на Карлос, Фламенгињо, успеал да му го најде правото место на теренот и Роберто заиграл класично лево крило. Така го почнал ѕвездениот фудбалски пат.

После Фламенгињо заиграл и во „Унион Сан Жуан“ од каде во 1993-та како олимписки репрезентативец на Бразил преминал во големиот Палмеирас. На еден тренинг после еден центаршут фатил волеј и дал убав гол. Неколку секунди подоцна рака му дал 20-сантиметри повисокиот напаѓач и така почнала дружбата со Ривалдо.

ПАТОТ КОН ЕВРОПА

Уште во првата сезона ја освоил титулата со Палмеира и тоа бил прв голем успех за „Свињите“ после 20 години. Во следната сезона успехот бил повторан и на средината од ’90-те многу европски клубови прашувале за малиот експлозивен Карлос.

Во борба за него активно се вклучил Мидлзборо но Интер се покажал најубедлив. Потпишал со „Нераѕурите“ и уште во првото коло им донел победа против Виченца со еврогол од слободен:

Набрзо се појавиле проблемите со тренерот Рој Хоџсон кој упорно го ставал Бразилецот во напад и не сакал да слушне за лево крило. 

Откако изгубил една година, Карлос реагирал: „Кажав, сакам да играм на позицијата лево крило зошто тоа е мое природно место на теренот. Хоџсон имаше други планови. Кога му се јавив на Морати и му кажав дека морам да играм за да ме викнат за Бразил каде не добивав повик, претседателот се согласи да ме продаде во Реал. Убав престој во Милано и да не беше Хоџсон...“

Навивачите не му простиле на Англичанецот кој и самиот не се задржал во Интер. Пред почетокот на сезоната 1996/1997 кога Карлос веќе тренирал во Мадрид, познатиот италијански новинар Маурицио Моска во една емисија го прашал Рој: „Го уништувате Интер. Зошто го пуштивте Роберто Карлос да замине?“ на што Хоџсон само ги тргнал слушалките за превод и заминал.

Реал за младиот Бразилец платил 600 милиони пезоси (околу 3,6 милиони евра денес). Тоа лето во Мадрид правеле екипа која во следните две години ќе стане најуспешна во последните 40 години од клупската историја - Давор Шукер, Предраг Мијатовиќ, Кларенс Сидорф, Раул. Екипата ја водеа Фабио Капело, па Хајнкес и Гус Хидинк а потоа дојде Висенте Дел Боске.

Во 1998 година Шпанците за првпат после цели 32 години го кренаа пехарот од Лигата на шампионите. Потоа во 2000-та и во 2002-ра. Роберто Карлос важеше за човек-машина којшто не пушташе никој да го помине. Особено сјајно го одигра финалето на ЛШ 2001/2002 против Баер Леверкузен кога му го намести неверојатниот гол на Зидан.

Карлос цел живот во Реал го носеше бројот шест кој со тројката во Бразил има традиција да ги носи секој лев бек. Кога еднаш го прашале против кој ти беше најтешко да играш изјавил: „Против Луис Фиго. Со него имавме жестоки дуели во текот на цел меч. А потоа уште пожестоко на тренинг во иста екипа“.

За 11 години во Шпанија Роберто Карос одигра 514 меча, даде 67 гола и освои 13 трофеи. Секој негов втор гол во клубот бил победнички но најубавиот во животот го даде за Бразил. На турнирот во Франција 1997-ма размислувал како да му шутира на Бартез а на крајот го постигна можеби најлудиот гол во историјата.

„Како го направив тоа? Нема никаква тајна. Секогаш ја ставав топката на најтврдо место од каде можев да ја зафатам цела топка.“

Благодарение на простата техика и природниот дар неговите шутеви одеа од 150 до 200 км/час а ретко кога не завршуваа во мрежата.

Во својата последна сезона за Реал одново ја освои титулата со Капело, тренер кај кој 10 години претходно ја почна шпанската кариера.

Во 2004-та се зборуваше дека Мурињо го сакал во Англија, го барале од Лондон, но тој сакал да остане во Мадрид. На крајот Зико кој му помагаше на Загало во репрезентацијата во ’98-ма го викна во Фенербахче и Карлос не можел да одбие.

После две години во Турција каде два пати завршуваше втор, го фатило носталгија и се врати дома - во Коритијанс. Одново во екипа со Роналдо, забави, проводи и се добро. Тогаш имал 37 години и веќе не бил стариот добар Карлос па по испаѓањето од Копа Либертадорес навивачите му праќале заканувачки писма.

Роналдо реши да заврши со фудбалот, а Карлос стана почесен дел од новиот проект на милијардерот Сулејман Керимов во Анжи Махачкала. Таму го чекале скапи коли, станови, вили, чуда и врагови. Во Анжи мина две сезони - во првата играше а во втората работеше како директор на екипата. Стана и тренер, работеше во Турција а потоа ветрот го однесе во Индија каде го води Динамо Делхи (таму се Рисе и Малуда).

Карлос станал богат во секоја смисла. Живеел раскошен живот по заминувањето од Реал а доказ за тоа е што најверен му беше токму на Мадрид. „Имам осум деца од шест или седум различни жени: Мексиканка, Бразилка, Унгарка... Знаете, со жените е како со кола или со часовник. Една иста брзо ќе ви здосади“, заклучува малиот чудесен бек кој имал навика за Нова Година да ги собере сите свои деца на заедничка маса.