Кој е кој меѓу лондонските фудбалски навивачи

Во главниот град на Англија секој навивач има омилен тим, а изгледа дека многумина го одбрале својот врз основа на репутацијата која навивачите на тој тим ја изградиле во тепачките со ривалите во седумдесетите и осумдесетите години.

За српското издание на Вајс, Британецот Алекс Ерор го открива профилот на просечниот навивач на секој лондонски фудбалски клуб.

АРСЕНАЛ

Арсенал е најпопуларниот лондонски клуб, затоа што е единствен што освоил нешто пред Челси да се збогати. И додека „топџиите" можеби играат секси фудбал, нивната поддршка за ништо не ја бидува, вели Алекс Ерор. Нивниот стар стадион Хајбери (Highbury) меѓу противничките навивачи беше познат како Library (Библиотека), затоа што навивачите на Арсенал на денот на натпреварот се гласни отприлика колку и заспано дете. Иако е необично за клуб од таква големина, вели новинарот Ерор, тие никогаш немале организирано хулиганско следбеништво. Имале навивачки судири со останатите групи, но тоа не било ниту приближно на координираното лудило на кое Милвол го засноваше својот идентитет. Навивачите на Арсенал во глобала важат за мирни симпатизери.

За нив е својствено тоа што ќе ве предупредат да не пцуете во присуство на деца, барем белците меѓу нив. Често се лошо расположени и не прифаќаат никаква шега на никаква сметка. Интересно е што дури 90% од црното население во Лондон навива за Арсенал и законот на просекот налага дека меѓу нив има и океј навивачи.

ЧЕЛСИ

Челси е повеќе од фудбалски клуб, тој е социолошки феномен. И покрај тоа што е сместен во најелитниот дел од градот, сините ја имаа една од најжестоките хулигански групи на Островот, познати како Headhunters (ловци на глави). Сепак, тоа се должи на фактот што Челси има мал број навивачи од самиот реон, а повеќе доаѓаат од различните делови на Лондон и од југоисточна Англија.

Трибините на Стемфорд бриџ некогаш беа полни со фашисти и пијани типови кои се залагаа за надмоќ на белите луѓе, но клубот сега е во сопственост на руски Евреин (како и поголемиот дел од Лондон). Забеганите ликови не можат веќе да си приуштат карти за средбите и нив ги заменија богати помодари кои на eBay купуваат стари дресови на Челси, за да ги убедат другите дека првиот натпревар што го гледале не бил оној во 2005. година (Кога Абрамович го купи Челси).

ВЕСТ ХЕМ

Вестхемовата репутација на хулиганство, работничка класа и популарност меѓу oi панк бендовите од '80-те години му гарантираат на Вест Хем култен статус кој го нема ниту еден друг клуб. Поради тоа напалените американски скинхедси секоја година редовно доаѓаат макар еднаш на аџилак на Аптон парк, со цел да се чудат на социолошките промени кои источен Лондон ги доживеал во последните 35 години.

Новинарот Алекс Ерор пишува и дека Маргарет Тачер во 1980. година почнала да го распродава секој дел од Британија кој некој сакал да го купи, вклучувајќи тука и станбени објекти субвенционирани од државата во која живеел голем дел од работничката класа. Белците ги откупуваа своите станови и потоа ги препродаваа на слободните пазар, затоа што не сакаа да живеат со Индијците и Пакистанците во Ист Енд.

Со парите од продажбата на становите, работниците се преселија во предградието Есекс, кое набрзо се преобрази во фотографија од источен Лондон пред војната, со многу валкани деца на оџачари. Децата и внуците на сите тие луѓе кои збришаа пред повеќе децении и понатаму навиваат за Вест Хем и во јато се враќаат во својата татковина на натпревар. Сепак, жителите на Есекс се посебен вид на луѓе, традиционално мажествени и крути. И понатаму ја носат брендираната облека со која се прославија хулиганите во осумдесетите години. Сепак, сликата не е иста, затоа што модерните се толку пицнати, сончани и исфенирани што кога ќе отидете на натпревар на Вест Хем, изгледа како да гледате каталог на Stone Island.

МИЛВОЛ

На стадионот Ден ќе затекнете возрасни мажи кои во очаен обид да ја заживеат својата младост, заедно со синовите тинејџери ги честат црните играчи со мајмунски крици. Поголем дел од времето трибините се празни и нема ама баш никаква атмосфера како некогаш, но кога играат против клуб магнет за хулигани како што се Лидс и Кардиф, се појавуваат 15.000 луѓе кои се прават дека повторно е 1978. година.

Милвол навистина е последниот бастион на лондонската бела работничка класа, но ќе сретнете и хулигани од полските доселеници, како и навивачи на некој друг клуб од Премиер лигата, кој веќе не одат на натпревари во елитната лига поради здодевната оперска публика.

ТОТЕНХЕМ

Изгледа дека сите го мразат Тотенхем. Навивачите на Арсенал, Челси и Вест Хем ќе ви кажат дека најмногу од сите ги мразат Спарси. Познати по ароганцијата која што ја покажуваат само затоа што во шеесеттите години освоиле пар трофеи, навивачите на Тотенхем го игнорираат фактот дека децении за ништо не ги бивало до пред некои седум години. Ако одите на некој нивен натпревар, воглавном ќе ги слушнете како се жалат или навредуваат некој свој играч, а често и го свират тимот на полувремето. Патолошки се опседнати со Арсенал и онолку си голем навивач на Спарс колку што го мразиш Арсенал.

ФУЛАМ

Да навиваш за Фулам е животен стил. Да стигнете до Крејвен котиџ треба да пројдете низ идиличен парк покрај Темза, кој луѓето никогаш не го користеле како тоалет. По пат можеби да застанете на пикник, да се напиете шампањ и да грицнете некоја јагода. Фудбалскиот клуб Челси е сместен во Фулам, а не во Челси, така што претпоставувам дека навивачите на Фулам се богаташи кои се плашеле да одат на Стемфорд Бриџ во старите добри озлогласени времиња.

За така мал клуб имаат непропорционално висок број навивачи меѓу славните личности: Хју Грант, Лили Ален, Џефри Раш, Даниел Радклиф (глумецот на Хари Потер). Некогаш пред стадионот имаа кип на Мајкл Џексон, на срам за секој што гледал макар еден фудбалски натпревар.

КВИНС ПАРК РЕНЏЕРС

Пропаднатиот дел на западен Лондон, но не доволно пропаднат за да биде заебан. Баш како и со навивачите на Фулам, само со помалку гламур и пари.

КРИСТАЛ ПАЛАС и ЧАРЛТОН

Алекс Ерор ги спојува овие два клуба, затоа што иако се најголеми ривали, сепак се две страни од ист медал. Сместени се во јужното предградие на Лондон, нивните навивачи се меки и досадни и често ги споредуваат со бубалици, роднини на навивачите на Милвол. Навивачите на Милвол за Чарлтоновите велат дека се „набљудувачи на возови", што е англиски сленг за некој што слободното време го користи во проучување на возови, наместо да пие, да се тепа и да брка девојки. Навивачите на Чарлтон повеќе сè од работничката класа, додека пак оние на Кристал Палас се од пониската класа, поради што го добија прекарот „Најџели" или среднокласно. Иако звучи чудно, во моментов Кристал Палас е единственото место во Премиер лигата кое има нешто што личи на атмосфера.

виа: Вајс