Легендарниот Андреј Шевченко полека израснува во голем тренер. Откако успешно ја водеше својата Украина во квалификациите, некогашната „Златна копачка“ и најдобар играч на светот, сега успешно маршира и на Европското.
На дуелот против тврдите Швеѓани, Шевченко мораше да прави претумбации во нападот зошто плановите му ги измеша шведскиот бек Даниелсон кој со груб фаул го исфрли од игра Артем Беседин. Наместо него украинскиот селектор го внесе во игра Виктор Циганков, а набрзо смисли нов план и извади нов адут од ракавот - тотално непознатиот шпиц Артем Довбик влезе наместо Јармоленко.
Во 121’ минута, во продолженијата, Довбик се протна зад грбот на шведските стопери, маестрално искористи еден центаршут на Зинченко од левата страна и го матираше шведскиот голман за огромна радост на Украинците.
Интересно настапот на Довбик од резерви против Шведска му е само трет во репрезентацијата. Тој кога и да влезел од клупа внесувал живост во играта.
АНОНИМЕН ЦЕНТАРФОР КОЈ СЕ ИЗГУБИЛ ВО ДАНСКА ПА СЕ ВРАТИЛ ДОМА
Иако не играл речиси воопшто, Артем Довбик може да се пофали со шампионска титула и освоен Куп во Данска во 2018-та со Мидтјиланд. Овој клуб барал замена за Александер Сорлот кој заминал во Кристал Палас, но на Довбик не му тргнало. Се повредил и не добил место во тимот.
Го позајмиле во скромниот Сандерјиск каде исто не се снашол баш најдобро. Во летото 2020-та Артем се враќа дома, во Украина и ја одигрува сезоната во Днепр 1 каде дава 6 гола на 24 меча.
Токму четирите гола во вториот дел од сезоната го привлекле селекторот Шевченко да го викне шпицот Довбик на Евро2020. Тој е единствен играч од украинското првенство кој не е од Динамо Киев или Шахтјор.
„Довбик има некои карактеристики и квалитети кои ми се интересни“, со загадка го објаснил Шева неговиот избор.
Селекторот на Украина дури и самиот лично работел на тренинзите со Довбик за да му ја подобри играта и движењата во напад.
Повикот на Довбик бил логичен затоа што тој придонесува за еволуцијата на репрезентацијата на Украина. Тимот на Шевченко не секогаш има посед на топка кога игра против топ екипи па на такви натпревари Артем ќе има слобода и пространство. „Искрено уште не сум свесен дека сум херој. Сите за тоа зборуваат, јас уште не сум дојден при себе. Судбина е изгледа. Просто немам зборови. Селекторот ми кажа да влезам, да им помогнам на соиграчите, да го чекам својот момент, својата шанса. И ја дочекав. Нема да спијам ноќеска, ќе биде долга ноќ“, изјавил јунакот на Украина после мечот за украинскиот Футбол 1.