Како дедо му на Марсело ја продал колата за внук му да стане фудбалер

До 12 години играл фудбал по плажите во Рио но немал намера да стане фудбалер. Повеќе сакал да тргне по стапките на татко му кој бил пожарникар, но со тоа не се сложил дедо му кој го насочил на прав пат.

Последното ел Класико ни даде уште едно важно сознание: Дури и кога шансите на Мадрид за бод беа стрмоглаво мали, а Кристијано Роналдо не успеа да ја повлече екипата, на Реал му остана еден играч кој гризеше по топката како ѕвер.

Бразилецот Марчело - бескрајно неуморен, еднакво добар во напад и во одбрана. Токму Марсело проби по левата страна и го намести голот за 2:2.

Изгледа дека левиот бек е потценет од многумина иако за Реал игра стандардно веќе 10 години и готово неприметно стана легенда. Прав наследник на Роберто Карлос.

ДЕТСТВОТО И ПОЧЕТОЦИТЕ НА МАРСЕЛО

Кога му снемало пари, Марсело побарал од дедо му да му ги даде последните железни. Стариот имал 60 центи кои ги изгребал од своите џебови, но тоа било недоволно за карта за автобус. Но биле доволни за игра на автоматот каде ти излегува знаме на држави, бираш едно и чекаш да видиш што награда се крие зад него.

Марсело ја одбрал Хрватска и имал среќа, апаратот истурил дури 25 реали. Тоа било доволно за плескавица за него и за дедо му, и за пат на тренинг. Така Марсело отишол на проба во Флуминензе кога имал 10 години.Во детството играл фудбал на плажа и футсал, но по примерот на татко му сакал да стане пожарникар и не го сфаќал фудбалот сериозно.

За тоа тука бил дедо му Педро Виеира чија надеж не згаснала дури и кога славниот Флуминенсе му рекол: „Има поталентирани деца овде, фала што дојдовте“.

Дедо Педро не се откажувал, па така Марсело околу шест месеци тренирал во Васко да Гама, а потоа од втор обид успеал да влезе во Флуминенсе кој тренирал во предградие на Рио де Жанеиро.

Дедо му го возел Марсело на тренинзи на легендарниот стадион „Жука“, а фудбалерот пред неколку години му посветил тетоважа на својот сакан дедо на десната рака. Но кога за сериозен развој на кариерата на внук му требале пари, стариот Педро ја продал колата.

„Нас ни требаа пари за автобуски билети за да може на раат да одиме до академијата. Но денес кога ќе размислам, не можам да поверувам: Како е можно да ризикувал толку и да се раздели од колата што толку ја чуваше а не знаел дека внук му ќе стане фудбалер?“, се прашувал репрезентативецот на Бразил пред неколку години.

Првите 100 реали кои ги заработил, Марсело му ги дал на дедо му: „Да не беше дедушко Педро, јас никогаш немаше да станам фудбалер. На 15 години, сакав да уживам во животот како и секое дете, но тој не ми даваше да се опуштам“, се сеќава Марсело од денешна перспектива.

Дедо му Педро починал за време на Светското првенство во Бразил 2014, на два дена пред полуфиналето со Германија кога Германците го понижија Селекао со 1-7. Луис Фелипе Сколари му предложил на Марсело да земе слободни денови колку му требаат и да оди на погребот на дедо му, но бекот се држел крајно маженствено и сакал да остане со репрезентацијата и да го освои Светското во чест на дедо му... За жал не успеа.

***

Еден фудбалер на Флуминенсе на средината од ’2000-те, Бразилецот Ренан, раскажал дека долгото занимавање на Марсело со мал фудбал го направиле непредвидлив во нападот: „Кога ќе тргнеш да му ја земеш топката, тој нагло ќе почне да импровизира и ќе ти избега.

Самиот Марсело ја објаснил таа специфична игра поради тоа што фудбал играл во сала: „Теренот во сала е помал и мораш брзо да донесеш одлука. Освен тоа, мора да бидеш и универзалец. Ако тргнеш кон голот од десно мора да ја водиш топката со десна нога, ако тргнеш од лева страна, мораш со лева“, вели еден од најдобрите леви бекови на светот.

Токму поради тие нестандардни маневри во нападот, Реал влегол во трансфер војна со моќниот спортски директор Мончи: Марсело првин потпишал пред-договор со Севиља но во канцеларијата на Флуминенсе стигнала мега понуда од Реал - 6,5 милиони евра.

Бразилецот набрзо беше претставен на „Сантијаго Бернабеу“ како долгорочна замена за Роберто Карлос - кралот на левата бековска позиција.

Долгорочно - затоа што на газдите на Реал не им се брзаше. Да се пушти Јужноамериканецот во игра веднаш по трансферот било ризично и несигурно. Планирале да го преместат во Кастиља (третиот клуб во хиерархијата на Реал Мадрид), но Фабио Капело го оставил Марсело во првиот тим, така што овој учел од Роберто Карлос разни трикови.

„Карлос е многу добар човек. Веднаш ми го даде бројот на мобилен и ми кажа дека можам да му ѕвонам во секое време по кој било повод - ако ми треба совет за игра или за животот во Шпанија. Се зближивме и кога не можевме да летаме назад во Бразил, одевме на разни вечери. Идолот да ти дојде на гости - тоа е просто бесценето“, се сеќава Марсело.

По крајот на сезоната Роберто Карлос заминал во Турција, а Марсело постепено го градеше статусот првотимец. Во Шпанија Марсело стигнал со својата девојка и сегашна сопруга Клариса.

На времето во Флуминенсе најмногу се дружел со соиграчот Кајо. Живееле на соседни улици во јужниот дел на Рио де Жанеиро, заедно оделе на тренинзи и натпревари и редовно доаѓале еден кај друг на гости.

Кога Марсело наполнил 15 години Кајо го запознал со неговата сестра Клариса со која после неколку години Марсело ќе отпатува во Мадрид, ќе се венча и ќе добие два сина - Енцо и Лиамм.

Клариса набрзо почнала да се занимава со глума. Иако од 16 до 24 години немала многу работно искуство на некој проект, таа се вработила во театар за деца и млади.

Кајо, којшто го запознал Марсело со неговата сестра не направил сериозна кариера. Исто преминал во Шпанија каде играл мал фудбал додека Марсело го гледал од трибините. На лето и двајцата организираат спортско-образовен камп Campus12 за деца од 6 до 16 години во Хетафе.

Марсело и Кајо - другари од детство

Од 26 јуни до 21 јули децата можат да се занимаваат со фудбал на плажа, футсал и традиционален фудбал - патот кој го поминал и самиот Марсело. Како партнери зад проектот застанале Реал Мадрид, adidas и месните власти во Хетафе.

Марсело изјавил дека не сака да стане елитен тренер, ниту пак телевизиски експерт по завршувањето на кариерата. Сака да се тргне од центарот на вниманието и спокојно да се занимаасо младински фудбалери.

„Имам една мала желба. Пред да ја завршам кариерата, сакам да му се вратам на футсалот и да играм во иста екипа со Кајо. Тоа би било прекрасно“, признал неодамна дискретниот лев бек на Бразил кој на мечот против Баерн Минхен од Лигата на шампионите го одигра 400-от натпреваар за Кралевите.