
Георги Минунгу (22) од Брегот на Слоновата Коска е доказ дека силната волја и љубовта кон фудбалот можат да победат дури и кога животот удира најсилно.
Младиот напаѓач на Сиетл Саундерс денес настапува на Светското клупско првенство, иако пред само две години неговата кариера, а и животот беа на работ на пропаст.
Сѐ се промени за време на тренинг-камп во Шпанија, кога му беше дијагностицирана инфекција на левото око.
Минунгу набрзо целосно го изгуби видот на тоа око. Но, наместо да се откаже, тој го избра патот на борбата.
Во 2024 година го проби својот пат до првиот тим на Сиетл Саундерс, каде што потпиша договор до 2028 година, со можност за продолжување.
Досега има 35 настапи во МЛС, со еден гол и пет асистенции, бројки кои би биле солидни за секој млад напаѓач, а камоли за некој кој игра со само едно функционално око.
„Тоа беше еден од најлошите моменти во мојот живот. Бев толку блиску до договор со првиот тим, но потоа работите почнаа да тргнуваат наопаку. Окото постојано ми создаваше проблеми и на крајот ми беше потребна операција. Овој инвалидитет не ме ограничува. Вистински верувам дека можам да се снајдам дури и подобро од играчите со две очи“.
Во светот на професионалниот спорт, каде што физичката перфекција често се смета за предуслов за успех, Георги Минунгу докажува дека душата и карактерот се оние што вистински победуваат.