Во натпревар на најголемите англиски ривали, Ливерпул и по пет одиграни кола во Премир лигата остана без победа, а Манчестер Јунајтед го забележа четвртиот триумф во серија.
Пред почетокот на натпреварот, капитените Џерард и Гигс пуштија 96 балони во сеќавање на жртвите од трагедијата во Хилсборо. Навивачите ја пееја химната "You'll never walk alone", а на кореографијата преку трибините беше испишано „96", „Вистина" и „Правда".
Домаќините имаа мала иницијатива во текот на првото полувреме, но најголемото возбудување се случи во 39-та минута кога по еден старт врз Еванс, младиот Џонџо Шелви заработи црвен картон.
Шелви не можеше да се помири со одлуката и на излегување од теренот за своето исклучување го обвини Алекс Фергусон.
Но и со фудбалер помалку, Ливерпул на самиот старт на второто полувреме поведе со голот на капитенот Стивен Џерард.
Сепак славјето на домашните траеше само пет минути откако Рафел постигна прекрасен погодок за израмнување.
Во 76-та минута судијата Марк Холси повторно беше во главна улога. По дуелот на Џонсон и Валенсија, судијата со дискутабилна одлука покажа на белата точка, а сигурен реализатор за победа на Манчестер Јунајтед беше Робин ван Перси.