Израел со помош на Фејсбук до рекордна продажба на влезници

Израелците се покажуваат како доста снаодливи и пред се современи домаќини на Европското фудбалско првенство за играчи до 21 година. Со силна медиумска кампања и промоција на првенството преку социјалните мрежи, успеаа да ги наполнат стадионите.

Одлуката на УЕФА, младинското европско првенство да се одржи во Израел беше доста критикувана, но протестите се веќе во сенка, затоа што домаќините успеаа да ја привлечат публиката, па така првите два меча на отворањето пред три дена се играше пред полни стадиони.

Мечот помеѓу домаќинот и Норвешка кој заврши 2:2 го следеа 14.000 гледачи, а минималната победа на Италија над Англија ја проследија 12.000 љубители на фудбалот. Голем интерес има и за мечевите од второто коло од А групата во Тел Авив и Ерусалим за кои веќе се продадени 18.500 карти.

Во очи на првиот меч домаќините се пофалија дека вкупно до сега за сите мечеви се продадени 100.000 билети, а само за споредба на минатото Европско првенство во Данска пред 2 години за време на целиот турнир беа продадени скромни 50.000 влезници.

Со оглед на темпото со кое се продаваат картите кои чинат само 8 евра, се очекува пред полни трибини да се одиграат повеќето од натпреварите. До крајот на шампионатот кој завршува на 18 јуни, во продажба има вкупно 300.000 карти, а 70.000 се одредени за спонзорите.

Рекордот кој го бележат Израелците за само два дена од почетокот на Европското се должи на макотрпната работа во изминативе две години околу тоа како да ја привлечат публиката да оди на стадион. Израелската Фудбалска Асоцијација работела најмногу во промоција на турнирот преку социјалните мрежи, особено преку Фејсбук и Јутјуб.

ИФА за прв пат во фудбалот направиј апликација преку Фејсбук преку која можете да одберете на кое седиште сакате да седите. Тоа пред се овозможува да видите каде точно седи вашиот пријател и на тој начин да си обезбедите билет до неговото резервирано место.

8 јуни 2013 - 15:54