Сезоната 2010/2011 беше хаотична во турската фудбалска лига а потресите од скандалозните местенки уште одѕвонуваат во фудбалскиот свет.
Фенербахче ја освои титулата во турската Супер лига во 2011-та поради подобра гол разлика од второпласираниот Трабзонспор, но 36 раководни лица и играчи подоцна беа осудени за наместерни натпревари во опсежниот процес кој го опфати и претседателот на Фенер, Азиз Јилдирим кој беше осуден на шест години и три месеци затвор.
Во 2015-та, Турција под водство на актуелниот претседател Реџеп Ердоган ги укина специјалните јавни обвинителства коишто ги водеа случаите на Фенербаче, а Јилдирим и други обвинети беа пуштени на слобода.
УЕФА како европска кровна фудбалска куќа ги заостри санкциите кон Фенербахче веднаш по 2011-та и го суспендираше клубот од учество во Лига на шампиони и Лига Европа на две сезони, одлука која што во 2013-та ја поништи Спортскиот Арбитражен суд.
Тогашните главни ликови во УЕФА, генералниот секретар Џани Инфантино и претседателот Мишел Платини зборуваа дека „местените натпревари се напад врз интегритетот на фудбалот“ и најавија нулта толеранција за „местачите“.
Но цврстината и непоколебливоста на Инфантино сега е под лупа затоа што во јануари 2012 година тој побарал од Турската фудбалска федерација помали казни за Фенербахче отколку што имаат во статутот според кој Фенербахче требал да биде исфрлен во пониска лига.
Клубот енергично се побуни на било каква суспензија а постоел и страв за телевизиските права во турскиот фудбал кои би се намалиле ако Фенер не игра во првата Супер лига.
На 19. јануари 2012-та, генералниот секретар на ТФФ, Ебру Ќоксал му пишала на Инфантино дали турскиот сојуз смее да го измени дисциплинскиот статут. Турската фудбалска федерација предложила наместо да го исфрли Фенербахче да му ја одземе титулата од 2011-та, да му одземе 12 бода во новата сезона, да ги казни парично и да ги исфрлат од европските натпреварувања.
Џани Инфантино уште следниот ден, на 20-ти јануари 2012 ја осигурал и уверил генералната секретарка Ебру Ќоксал дека нема да ги кршат правилата на УЕФА ако му изречат помали казни од предвиденото на клубот од Истанбул.
Џани отишол и подалеку и и кажал дека УЕФА и самата би дала помали казни.
Првиот човек на Турскиот сојуз од тоа време, Мехмет Али Ајдинлар јавно рекол дека неговиот договор со УЕФА овозможил турските клубови да не загубат огромни пари и бил резултат на „договарање“ со официјалните лица на УЕФА.
Интересно, два месеци подоцна УЕФА го одржа годишниот конгрес токму во Истанбул.
Трабзонспор којшто шест години искачува голем брег, стигнал и до жалби во ФИФА во кој бара Фенербахче да биде исфлрен од лигата како што налага статутот на Турскиот фудбалски сојуз.