Приказна за фудбалскиот пат на Томас Тухел

Го потопи Манчестер, а пред 20 години работел како шанкер и гланцал кригли

Она што го поминал Германецот Томас Тухел дефинитивно заслужува сценарио за филм. Да стане тренер поминал трнлив пат и никогаш не се откажал. Најголема поддршка му била девојката Сиси.

Кога Томас на 20 години играл за Штутгарт Кикерс од втората бундеслига, му се јавиле проблеми со колената. Кога преминал во клубот Улм 1846 во третата германска лига, проблемите се зголемиле: не играл доволно и не добивал премии.

Во тој период од животот Тухел принудно работел во локалната продавница - навечер растоварал роба. Ужасно се плашел да не го види некој од клубот зошто се срамел од таа работа.

Веќе во пролетта 1998-ма, поради болки Тухел тешко се качувал по скали со робата. Лекарите препорачувале уште една операција а Томас морал сам да плати за неа - клубот не му плаќал лекување на повредата доживеана на терен.

Тухел не се сомневал дека проблемите со колената ќе му ја спречат кариерата: „Прво лекарот ме исплаши, а потоа помислив што е сега? Ќе поминам подготовки и одново ќе играм. Не сакав да се откажам од желбата“.

Реалноста била посурова - болките се зголемувале. Договорот со Улм му истекол и Томас сфатил дека нема враќање на терен.

РАБОТА КАКО КЕЛНЕР, СОБИРАЛ ШИШИЊА ПО МАСИТЕ

По совет на тогашниот тренер на Улм, легендарниот Ралф Рањик кој денес е предводник на бундеслигашот РБ Лајпциг, Тухел се преселил во градот Штутгарт и во есента 1998-ма се запишал на Вишата шола Баден Вуртемберг каде студирал „Економија и управување“.

Сакал да се запише на спортски менаџмент за да биде близу фудбалот, но брзо се откажал зошто тешко му било да мисли на фудбал а да не може да го игра.

Во еден од првите денови во Штутгарт, Тухел шетал по центарот на градот и барал работа по локали. Влегол во еден случаен бар:

„Да не ви треба персонал?
-Можеби, да. Имате искуство како келнер.
-И тоа како.“

Тухел излажал, но тоа му успеало - го вработиле од прва.

Се испоставило дека барот се викал Rock Bar и бил култен во центарот на Штутгарт. На почетокот на ’90-те таму имало продавница за аудио-техника но по банкротот се претворил во бар и место за андерграунд музичари.

Таму своите кариери ги почнале многу популарни германски бендови: Massive Töne (нивниот албум Überfall станал еден од најпродаваните во историјата на германскиот хип-хоп) и бендот Freundeskreis (три пати се нашле на листата на топ-20 најпродавани албуми на годината во Германија).

Макс Хере и Freundeskrei, 1988

Но газдите брзо ја откриле белата лага на Тухел и решиле да го понижат - му дале да собира испиени празни флаши од масите и да ги реди во гајби. На оваа должност Томас не се изморувал премногу.

„Носев полни шишиња над глава и ниедно не скршив. Лесно научив да го правам тоа. Едноставно е“, раскажал Тухел во една прилика.

После пар месеци го унапредиле и станал шанкер: „Искрено, појма немав како се прават коктели. Учев постепено, но своите први коктели не ризикував да ги пробувам“. На новата позиција првпат си дозволил да пивнува алкохол, претходно бегал како од куга затоа што правел фудбалска кариера.

Во барот доаѓале претежно млади гости, музичари. Со еден од нив Томас, посебно се дружел. Во 2016 година фронтменот на групата Freundeskreis и голем навивач на Дортмунд, Макс Хере дал интервју за германскиот 11freude во кој раскажал за Тухел како шанкер:

„Остави впечаток на убаво момче. Често разговараше со нас и ни правеше добри коктели. Тогаш му рековме дека далеку ќе стигне. А сега е толку добар што веќе заборавивме и на Клоп.“

Уште еден редовен гостин во барот, раперот Strachi во 2011-та му посветил на Тухел една песна:

ПОЧНАЛ СО ТРЕНЕРСКА РАБОТА, НЕМАЛ ПАРИ, НО МУ СЕ ВРАТИЛ НА ФУДБАЛОТ

На 26 години Тухел и се вратил на својата прва љубов. Стариот пријател Ралф Рањик му помогнал на Тухел да стане помошник тренер во младинскиот тим на Штутгарт U-19.

Таму Томас работел цели 4 години и сфатил дека тешко ќе стигне до стручниот штаб на првата екипа, па решил да премине во Аугзбург U-19 каде станал прв тренер. До Бундеслигата уште бил далеку. Финансиските проблеми уште го мачеле, па тој бил многу штедлив. На тренинзи доаѓал со многу старо Ауди кое претходно поминало повеќе од 600.000 километри.

Со оваа кола секој ден проаѓал по 68 километри од Минхен каде се преселил, до Аугзбург на тренинзи.

Тоа не било баш лагодно време на Тухел. Тој одново не добил шанса да стане помошник тренер на првиот состав. Пет години се пробивал до Бундеслигата, но добивал понуди да води само втори екипи.

Се разочарал и сакал по втор пат да крене раце од фудбалот, но среќата му се насмевнала.

Еднаш отишол од кино да земе една стара познаничка која била во друштво со другарката Сиси. Тухел се вљубил во неа на прв поглед.

Цела вечер ја прашувал пријателката за Сиси, го добил и нејзиниот број и решил да и се јави. Се слушале три недели и на крај се договориле да се видат. Се сретнале во центарот на Минхен, биле на концерт и заедничка вечера. Се било одлично, но Томас го мачело едно нешто: Сиси живеела подалеку и ќе морал да ја однесе дома со својот древен автомобил.

За да избегне непријатна ситуација, решил да земат такси:

„Да викнеме такси? Ќе те однесам прво тебе.
- Но ти не дојде со кола наваму?“

Кога сфатил дека нема бегање, Томас ја однел до своето Ауди, а Сиси воопшто не обратила внимание на староста на колата и се согласила на нова средба.

Наскоро почнале врска и редовно се гледале. Неа не и сметало тоа што Томас кубури со пари, ниту што е опседнат со фудбал. Дури и кога колата скроз се расипала, тој со автобус одел по неколку часа до Аугзбург и назад.

Сиси одела со Томас на секој негов гостински натпревар, а кова во 2008-ма тој решил дека во Аугзбург нема перспектива (цели две години не мрднал од местото тренер на вториот тим). Сиси целосно го поддржала.

Тој отишол во неизвесност, немал понуди и можел да работи само со младински тимови.

„Сиси беше спремна да го пројде тој пат со мене. Таа не се запозна со суперуспешен дечко, туку со момче кое страстно го сака фудбалот.“

Набрзо отишол во Мајнц каде од тренер на вториот состав, на предлог на спортскиот директор Кристијан Хајдел (тој го октри и Клоп), Томас станал тренер на првиот тим. Во 2009 година, цели 9 години по заминувањето од рок барот, Тухел го исполнил сонот и дебитирал со Мајнц во Бундеслигата. Таму правеше чуда, па отиде во Дортмунд по патот на Јирген Клоп.

Со фантастичните игри на Борусија, Томас ја освои публиката во фудбалска Европа па дојде ден за поголем чекор - доби милионски договор од ПСЖ со кој се наоѓа на чекор од четвртфиналето во Лига на шампиони по триумфот над Манчестер Јунајтед.

Сево ова немало да се случи да не се заинател кога во мај 2000-та на радио во бар слушнал вест за Улм.