Вистина е - Џибрил Сисе веќе неколку години не асоцира со фудбал, туку со работи надвор од оваа игра. И покрај тоа, Французинот со африкански корени ќе остане запаметен како еден добар напаѓач кој го пропатува светот.
„Да не беа докторите на Ливерпул, ќе ми ја ампутираа ногата“
За завршувањето на својата исклучително богата кариера Сисе објави во есента 2015-та и тоа преку телевизискиот канал Canal+. Џибрил не можеше да ги задржи солзите и јавно заплаче.
Во емисијата откри дека решил да игра за некој мал клуб од Реунион (остров во Индиски океан, управуван од Франција), но дури и таму било очигледно дека телото не може веќе и морал да се предаде.
Сисе е еден од најголемите малери во историјата на фудбалот затоа што ги скрши двете нозе. Страданието му почна во октомври 2004 година кога во еден дуел со играч на Блекбурн го изместил зглобот и притоа ја скршил малата и големата тибија на левата нога. Неговиот болен крик тогаш се слушна дури и во преносот од мечот.
„Поради неправилната положба на коската крвта не циркулираше како треба, просто не доаѓаше во целата нога. Многу ми помогнаа докторите на Ливерпул и Блекбурн со брзата реакција во прв момент. Ми ја спасија ногата. Прво ја ублажија болката со медикаменти, а потоа ја исправија коската. Ако ја оставеа така до патот кон болницата, јас ќе останев без нога затоа што ќе ми ја ампутираа“, се сеќава Џибрил на грозниот момент.
Но враќањето на Сисе беше необично брзо: се врати после шест месеци, па дури играше и во големото истанбулско финале на Лигата на шампионите Ливерпул - Милан. Рафаел Бенитез сакал да го пушти Сисе уште на полувремето при резултат 0:3 за Милан, но Французот влезе на терен наместо Милан Барош во 85. минута и даде еден до решавачките пенали во митската серија:
„На полувремето Џерард бараше од Бенитез да излезе од соблекувалната за да може на кратко да поразговара со играчите. Се што се случуваше понатаму беше неверојатно. Уште не можам да одберам зборови да ги изразам емоциите“.
Доволно е да се каже дека по врачувањето на драгоцениот пехар Сисе трчаше по истанбулскиот стадион бос и во бели гаќи - целата опрема му ја собраа навивачите.
Таман кога му избледеа сеќавањата на кошмарната повреда, Џибрил на една недела пред стартот на Светското првенство 2006 ја скрши десната нога: На пријателска за Франција против слабата Кина, а овојпат се повреди поради незгоден пад.
После овој тежок удар Сисе падна во форма и веќе не заигра за топ клубовите: Сандерленд, Панатинаикос, Лацио, Квинс Парк Ренџер, Катар, Кубан во Русија итн.
„Во семејството сите муслимани, а јас христијанин“
Во обид да излезе од депресијата поради повредата и страдањето што нема да игра на Мундијал, Сисе отпатувал за Брегот на Слоновата Коска од каде што се неговите родители. Џибрил до 25 години воопшто не зборувал со татко му којшто исто бил фудбалер и стигнал дури и до статусот капитен на репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска.
Татко му го напуштил семејството кога Џибрил има само две години и мајка му останала сама да гледа седум деца без никаква финансиска поддршка.
„Живеевме бедно во сиромашна населба во Арле (Франција). Имавме двособен стан, така што за никој немаше постојан кревет. Делевме кревети а понекогаш некој спиеше и на под. Но многу здраво се дружевме и почитувавме“, се сеќава Сисе на сиромашното и бедно детство.
Во семејството на Џибрил сите се муслимани, а еден од браќата станал дури и имам.
„А јас сум христијанин. Во градот Ним одев во католичко школо и ми се допадна таа религија. Мајка ми сфати дека тоа е мој избор и немаше баш ништо против“, вели харизматичниот Сисе.
Во Брегот на Слоновата Коска Џибрил првпат се вратил во август 2006 година и тогаш конечно разговарал со татко му. „Тој пат во Африка ме смени. Видов работи кои не ги гледам во Франција а првата средба со семејството на тие години значеше и понакво гледање на работите. Имав повнимателен однос кон секојдневниот живот кој претходно на рани години го пропуштав. За жал малку се гледавме со татко ми. Во 2009 година тој почина“.
Во Англија станал лорд
По трансферот во Ливерпул (го доведе Жерар Улие за 14 милиони фунти од Оксер, а на првиот тренинг го пречекал Рафа Бенитез) Џибрил Сисе си купил вила распространета на 3.600 хектари во населбата кај Чешил. Неговиот луксузен дом вредел 2 милиони фунти и автоматски тој го добил звањето Лорд кое многу не му поомогнало со воинствените комшии.
Сисе забранил лов на лисици на својата земја - традиционална забава на комшиите. „На жал на ловците, ја мразам лов, многу мразам. И кога ми даваа дозвола, им кажав да си бараат друга територија за лов. Не ме интересира што мислат за мене. Јас ги сакам животните“, раскажува Сисе за животот во Англија.
Љубовта за професија ди-џеј и можен настап на Егзит
Сисе неколку години работи како ди-џеј. Но претходно имал спонтани настапи, како на пример онаа на прошталната вечера во Панатинаикос кога им пуштал музика на соиграчите во Атина. Но сега веќе сериозно се занимава со ова.
Во април минатата година Џибрил настапуваше како предгрупа на парискиот концерт на Мараја Кери: „Тоа беше на плоштадот во Берси, Парзиз. Поголем е од фудбалски стадион, но чувствата не може да се споредат. За време на мечот многу играчи стојат на теренот, а вака стоиш сам пред неколку илјадна толпа. Огромен притисок и одговорност. Но дури и така уживам“, вели Сисе за чиј евентуален настап на фестивалот Егзит годинава негови фанови потегнаа иницијатива на Фејсбук.
Џибрил почнал да експериментира со музиката уште на 14 години: „Тоа е многу класен начин да ги изразиш своите емоции и чувства, права креативност. Посебно активно се занимавав како диџеј додека бев повреден“, додава Сисе.
Во суштина сите ја прифаќаат неговата страст кон музиката, но во 2013-та година кога Монпеље сакал да го потипше Сисе на неколку месеци, ексцентричниот претседател на клубот Луи Николен сосема сериозно рекол: „Не сакам да потпишам со диџеј и да му платам толку многу. Ако пушта музика надвор од земјава, тогаш ќе видиме“.
Сисе во кариерата играше за 12 различни клуба. Има 41 настап за репрезентацијата на Франција. Кариерата ја започна во Оксер во 1998 кај легендарниот Ги Ру, а ја заврши на 34 години.