Фудбалски празник во Париз и Минхен

Првите четвртфинални двојки ПСЖ-Барселона и Баерн Минхен – Јувентус го креваат адреналинот на светскиот фудбалски аудиториум кој според силината и неизвеснота на средбите ќе биде на мака кој натпревар да го избере пред малите екрани.

Нема дилема, вечерва очите на љубителите на фудбалот ќе бидат вперени во два градови, Париз и Минхен, кои ќе ги нагостат четирите лидери од француското, шпанското, германското и италијанското првенство. Натпревари со голема неизвесност кои очекуваме дека ќе добијат разврска за полуфиналето на реваншот наредната недела.

Најголемиот предизвик се чини дека го има новобрендираниот Парис Сент Жермен кои со инвестициите од Катар направија скап и силен состав кој успеа да стигне до големата осумка по цели 18 години.

Интересно е што токму единствената четвртфинална битка во Лигата на шампионите, парижаните ја имаа токму против Каталонците во сезоната 1994/1995 кога по оние 1:1 на „Камп Ноу", славеа со 2:1 и го обезбедија првото полуфинале во нивната историја.

За екипата на Барселона приказната е сосема поинаква. Шпанскиот гигант ги мина сите 6 последни четвртфинални битки, а последниот пат во оваа нокаут фаза бил сопрен од екипата на Јувентус пред 10 години.

За формата на овие два клуба кои речиси сигурно ќе го подигнат пехарот во националните првенства не треба да се зборува. Мотив плус за Барселона е кам бекот на Тито Виланова кој по двомесечното лекување се враќа на клупата, додека на Анчелоти му олесна што Уефа ја прифати жалбата на ПСЖ и го помилува Ибрахимовиќ кој ќе настапи на „Паркот на принцовите".

Голема фудбалска претстава се очекува да биде и дуелот на „Алијанц арената" каде екипата на Баерн Минхен во саботниот првенствен меч против Хамбург одржаа тренинг. Баварците ја остварија највисоката победа од 9:2, а во истовреме во Милано, составот на Антонио Конте славеше против Интер.

Овие два тима никогаш до сега не се сретнале во четвртфиналната фаза, но имаат шест досегашни соочувања во фазата по групи, во 2004, 2005 и 2009 година. „Старата дама" славела 3 пати од кои еднаш на гости, два пати победувал Баерн, а само еден меч завршил без победник.

Баерн Минхен минатата сезона го мина четвртфиналето и стигна до големото финале кое го загуби на пенали од Челси, додека Јувентус нема пласман во полуфиналето уште од 2003 година. Тимот на Антонио Конте игра одлично на гости и нема пораз на европските гостувања од 2010 година.

2 април 2013 - 11:32