Во секој фудбалски клуб има еден незабележителен работник којшто сите го обожаваат.
Во Реал Мадрид тоа е Агустин Ерерин, формално - делегат на „Сантијаго Бернабеу“ а неформално главен чувар на традицијата на еден од највеличествените стадиони на светот. Пред секој меч на Реал Мадрид, дедо Агустин стои пред теренот и им прави „да пукне“ на играчите и тренерите на Кралскиот клуб. Понекогаш влегува во соблекувалната за да го провери расположението на екипата.
Сите играчи знаат дека ако имаат трема или се тресат од возбуда, може да помуабетат со дедо Агустин Ерерин.
Многу навивачи на Реал кои не живеат во Мадрид и никогаш не биле на „Сантијаго Бернабеу“, првпат го виделе Агустин во јануари 2014-та. Тогаш Кристијано Роналдо ја освои третата „Златна топка“ за најдобар играч на светот и пред првиот следен меч во Примера му приредиле мала церемонија:
Да го крене трофејот на својот стадион, пред своите навивачи кои би го наградиле со аплаузи. Но Кристијано одлучил поинаку.
Кога дедо Агустин Ерерин стоел меѓу двете клупи за резерви (секогаш стои таму), Кристијано и Серхио Рамос го викнале да дојде на теренот.
Дедо Агустин се збунил и мислел дека има некој технички проблем со организацијата а потоа Рамос му кажал: „Еј, дедо Агус, дојди ваму да се сликаш со нас“. Кристијано Роналдо му ја дал „Златната топка“, го наместил пред сите други и го гушнал додека блескале апаратите на фотографите.
Фотографијата изгледаше баш симпатично, но и трогателно. До тој момент дедо Ерерин на теренот изнесувал разни трофеи - од пехарот за Лигата на шампионите до „Златната копачка“, но никогаш не ја држел „Златната топка“.
„Никогаш не очекував такво нешто. Тоа е неверојатно, невозможно. Ми кажаа да се спремам да го однесам трофејот и наеднаш ова. Кога ја држев ’Златната топка’ раце ми се тресеа. Никогаш нема да го заборавам тој момент, тоа е најубавиот миг во мојот живот“, се сеќава кабинерот Агустин Ерерин на моментот кога Роналдо го викнал да се сликаат сите со него.
Агустин има 82 години. Во Реал Мадрид на разни должности работи повеќе од 40 години а главен делегат на стадионот е веќе цели 18 години. Во Шпанија одамна е познат како синоним за Реал Мадрид а после Ел Класико во декември 2011 година кај него дошол капитенот на Барселона Карлес Пујол за да му оддаде почит за верноста.
Позборувале неколку минути, а потоа Пујол дознал дека некое време пред мечот починала сопругата на дедо Агустин и Пујол му изразил сочуство. Во периодот на најголемата ривалска омраза меѓу двата гиганти.
Главната историја во кариерата на Ерерин започнала на 1. април 1998 година, кога Реал Мадрид играше со актуелниот европски првак Борусија Дортмунд. Се играше првиот меч од полуфиналето на Лигата на шампионите. Реал до тој период немаше освоено титула во ЛШ цели 32 години.
Кога двете екипи излегоа на теренот, се случи права ноќна мора: голот којшто се наоѓа пред јужната трибина на „Сантијаго Бернабеу’ млитаво сама од себе се сруши кон рекламите.
Се интонираше химната на Лига на шампиони, екипите си ги разменија знаменцата и дури тогаш сите забележеа дека мечот не може да почне. Замислете колкав малер: Реал Мадрид не можеше да го почне најважниот меч во претходните 30 години поради срушен гол.
Главниот судија Марио ван дер Енде, во консултација со делегатот од УЕФА ги прати екипите во соблекувалните и му даде на Реал 30 минути да го намести голот и да ја спаси ситуацијата. Во спротивно мечот ќе се одложи.
Тоа било премалку време за домаќините: на „Сантијаго Бернабеу“ немало други рамки на гол ниту резервни делови за поправка. Вработените на Реал се обиделе одново да го инсталираат голот, но тој пак им паѓал. Кога сите на стадионот ги фатило паника дека Реал може службено да го загуби мечот (0:3), хистеријата стигнала и до играчите и стручниот штаб.
Секоја тешка приказна раѓа херој, а од оваа безизлезна ситуација тоа е главниот јунак на нашава приказна, Агустин Ерерин.
Тој предложил судиите да се замолат за дополнителна пауза, со цел од тренинг центарот, од базата на Реал Мадрид да се достави нов гол. На општо изненадување судијата од Холандија се согласил.
Тогаш набрзинка, Ерерин и поранешниот голман на Реал Мадрид Мигел Анхел седнале во мини-бус и најбрзо што можат возеле до тренинг кампот. Нив ги спроведувале две полициски коли како придружба со ротациони светла низ улиците на Мадрид за да стигнат побрзо до Сиудад Депортива, старата база на „Кралевите“ која се наоѓала на неколку километри северно од Бернабеу.
Додека јуришале по мадридските булевари, чичко Ерерин сфатил дека во кампот нема никој на работа и дека портите се затворени, а тој нема клуч. Тогаш на свои 63 години храбро ја прескокнал високата ограда, се прекачил и ја отворил вратата од внатре. Му било гајле што ги скинал панталоните.
Следувал нов проблем: Агустин сфатил дека во мини-бусот со кој дошле нема да го собере целиот гол, па скокнал од радост кога видел дека внатре имало голем камион кој дента носел материјали за во академијата:
„Бев во тренинг кампот со внук ми, го шетав по базата и таму вечеравме. Во еден момент задишани влетаа Агустин, Мигел Анхел, осум полицајци, сирени...“ се сеќава возачот на камионот кој носел материјали во тогашната база Сиудад Депортива, Кандидо Гомез. Ерерин викал на цел глас: „Ако ни помогнете да го однесеме голот до стадионот, ќе ви дадеме сè што сакате!“
Им останало на крај само да го товарат едниот мобилен, подвижен гол. Но и тоа не било така лесно затоа што хангарот каде биле головите била заклучен, па шоферот херојски се качил во камионот и ја срушил железната врата од складиштето. Назад до стадионот стигнале за помалку од 8 минути, камионот возел преку 90км/час а проаѓал и на црвено светло со помош на полицијата која ги вклучила сирените па сите други се тргале од патот.
„Се чуствував како премиер. Јадев во кантината од базата а во еден момент со полициска придружба возев како луд низ Мадрид и се појавив на стадионот пред 85.000 луѓе“, вели возачот Кандидо Гомез.
Кога голот го внесле низ тунелот и го спровеле на теренот, „Сантијаго Бернабеу“ експлодирал од емоции и среќа.
„Агустин немаше крв во него. Беше пребледен. Ако таа вечер не го удри инфаркт, никогаш нема да го удри“, вели возачот Гомез во сеќавање на најлудиот момент во историјата на Реал Мадрид.
Натпреварот Реал Мадрид - Борусија Дортмунд започна со 1 час и 15 минути задоцнување - во 22:00 наместо во 20:45.
Фернандо Мориентес, кој го даде првиот гол подоцна раскажувал дека поради доцниот почеток на мечот цел натпревар го одиграл гладен, а во второто полувреме „желудникот му кркорел“. Но и покрај сите потешкотии и маки, Реал Мадрид го победи актуелниот шампион со 2:0 и се пласираше во финалето каде ја освои седмата титула во Лигата на шампионите и прва после цели 32 години!
Клубот на свечена церемонија му заблагодарил на талисманот на Реал и Агустин бил поставен за главен делегат на стадионот „Сантијаго Бернаберу“. Возачот добил награда од 58.000 пезети, му подариле часовник и топка потпишана од сите играчи.
Но главно - и двајцата влегле во историјата како освојувачи на Лигата на шампионите.
15-минутен документарец за целиот настан на „Сантијаго Бернабеу“: