Организатор на разорните напади и главата на Ал Каида, Осама Бин Ладен стана во исто време најомразениот и најбараниот човек на планетата.
На бранот на големата потрага по Бин Ладен, во ноември 2001 година излегла книга на публицистот Адам Робинсон „Бин Ладен - зад маската на тероризмот“.
За да ја напише и објави, Робинсон неверојатно подробно го изучувал животот на Осама за кој не се знаело многу. Најголем дел од книгата е посветен на возрасниот Бин Ладен, неговото политичко стасување, но и нешто интересно.
Адам Робинсон открил дека во ’90-те Бин Ладен (кога веќе го имал статусот основач на Ал Каида, но далеку пред терористичките напади), живеел во Лондон и во тој период почнал да навива за Арсенал.
„15 март 1994 година, само неколку недели откако Саудиска Арабија му го одзела државјанството, Осама бил еден од 34.678 гледачи на „Хајбери“ кои виделе како Арсенал го совладал Торино во 1/4 финалето на Купот на Купови.
Атмосферата на стадионот го воодушевила. Самиот Осама им раскажувал на пријателите дека ништо нема како страста на фудбалските навивачи. После еден месец Бин Ладен одново го посетил ’Хајбери’, за да го гледа полуфиналето против ПСЖ“, пишува Робинсон во книгата.
Во ова дело има и други занимливи детали: Бин Ладен најмногу го сакал Џорџ Грем (легенда на Арсенал од ’80-те и главен тренер во ’90-те). Во една од пештерите каде лидерот на Ал Каеда подоцна живеел, специјалците нашле билет од мечот против ПСЖ. Од Лондон Осама на децата им купил и предмети од фан шопот на Арсенал, а на најстариот син Абдул му купил дрес од Јан Рајт за 40 фунти.
Во тој период, пред доаѓањето на Венгер, Арсенал играл малку привлечен фудбал и не бил баш многу популарен - освоил само пар трофеи на почетокот на ’90-те.
***
Овие новости за приврзаноста на најопасниот светски терорист со Арсенал ја преплавиле и преплашиле Англија.
Многумина прашувале дали некој видел араб со огромна брада на споменатите натпревари. Во игра се вклучил и популарниот писател и голем навивач на „топџиите“ Ник Хорнби.
„Памтам еден маж со брада на мечот против Торино. Тогаш помислив да не е агент на ЦИА, но кој знае...“, ироничен бил писателот.
На самиот клуб нималку не му се допаднал новиот навивач и фамата околу него.
„Нам не ни е познато тоа дека Осама бин Ладен е навивач на Арсенал. Оттука ние и не посакувавме негово појавување на ’Хајбери’“, рекле од прес службата на тимот од северен Лондон.
После пар недели Арсенал бил уште пожесток и му забранил било какво присуство на Бин Ладен.
Но навивачите биле бесни. Тешко било да им се објасни како тој влегол на стадионот. Секогаш ироничните англиски навивачи смислиле и песна: „Осама, оооо, Осама ооо, тој доаѓа од Кабул, тој го сака Арсенал“.
Популарната фан страна на Арсенал, Arseweb го ставил Бин Ладен на топ листата најпознати навивачи на клубот. Осама се нашол заедно со Фидел Кастро, Френк Фрејзер, кралицата Елизабета II.
ШТО Е НАВИСТИНА ВИСТИНИТО?
Од денешна перспектива тешко е да се дознае. Многумина мислеле дека Арсенал ги крие сите информации дека Осама некогаш го посетил нивниот легендарен стадион „Хајбери“.
Околу личноста на Бин Ладен имаше многу легенди, но за неговата љубов кон фудбалот зборувале многу негови соборци и пријатели. Еден другар од детството на Бин Ладен, Халед Батарфи, еднаш за Daily Mirror раскажал дека како мали често играле фудбал во Саудиска Арабија.
„Летно време, рано од сабајле се собиравме за да играме фудбал. Често се каравме за време на мечот, но Осама беше единствен кој никогаш не се расправаше. Играше од задоволство, не го интересираа голови и фаули.“
Поранешниот телохранител на Бин Ладен, Насер ал Бахри за истиот весник раскажал дека Осама обично играл во напад: „Беше висок и никој не можеше да му ја земе топката.“
***
Од друга страна, постојат и основани сомнежи дека Осама во ’90-те години бил на уште четири меча на Арсенал во Англија но со цел да бара спонзори за Ал Каеда и да врбува војници.
Според авторот на книгата за Бин Ладен, Осама спремал терористички напади во Лондон а не во Њујорк. Но интересот за Арсенал како да го предомислил во монструозната намера поврзана со главниот град на Англија.
Инаку други веродостојни докази дека Бин Ладен навистина навивал за „топџиите“ нема. Во 2011-та година, по убиството на Бин Ладен, сајтот Four Four Two ја истражувал целата приказна и неколку илјади сопственици на сезонски карти од 1993/94 рекле дека не виделе таков човек.
„Ниеден не кажа дека го видел на трибините. Само еден човек рече дека го видел Осама облечен во дрес“, напишал Four Four Two.
Во 2011 американските власти соопштија дека во акција на специјалните единици, Бин Ладен е убиен.