Четворица на Новогодишна ноќ се качуваат на таканаречената „Зграда на самоубијците“ во Лондон, подготвени и физички да го допрат дното. Но случајната средба помеѓу туѓинците наместо во масовна самоотепувачка се претвора во контрадикторно но и некако „логично“ здружение, нешто како „Весели нихилисти“.
Некогаш популарен ТВ водител кој си ја прокоцкал кариерата и го растурил семејството заради петнаесетгодишна девојка. Средовечна мајка на дете со тешка попреченост. Разгалена и дрска ќерка на заменик-министер за образование чија сестра исчезнала. Американец-разнесувач на пици чиј бенд се распаднал а девојката го оставила. Секој од нив има свои мотиви зошто имал намера да си го одземе животот, а некои од приказните звучат потажно од другите. Така, споредувајќи ја својата судбина со онаа на останатите, но и сфаќајќи дека не се осамени во својот очај, тие групно си го одложуваат самоубиството, и си задаваат сè подолги и подолги „пробни периоди“, за да видат дали ќе се вратат на покривот.
Во меѓувреме се случуваат куп работи кои ни откриваат повеќе за ликовите (секое од поглавјата е насловено со името на оној кој во моментот раскажува), но и за еволуцијата на нивниот меѓусебен однос, кој е истовремено и еволуција на нивниот став кон животот - тензичен, често агресивен, апсурден, полн со тажни, комични, но и хумани моменти, кои прават тој да е вреден за живеење. Хорнби иронизира со сето она што е приоритет на современото потрошувачко општество - славата, парите, британското „високо добро утро“, политиката, медиумите. Она што на крај излегува најважно за овие четири лика, но и за нас како читатели, е тоа да има некој, макар и непознат, кој на новогодишната ноќ ќе ви удри тупаница во фаца, ќе ве протресе и ќе ве убеди наместо да се фрлите од виртуелниот или од вистинскиот покрив, полека да се симнете по скалите.
Хорнби, кој претходно стекна слава со „Хај фиделити“ или „За едно момче“, во 2005, кога излезе книгата (а подоцна и филмот) беше обвинет од критиката дека овој пат отишол малку предалеку со хуморот, и дека создава романтична слика за суицидот. Нам пак токму тој хумор ептени ни легна: предлогот во кафаната близу зградата на самоубијците да има „несреќен час“, со поевтини пијачки за оние кои уште се мислат дали да се фрлат. Сцената во која на седенка кај еден од четворицата за добро расположение тој им го пушта вистинскиот самоубиец Ник Дрејк, на чија музика овие реагираат со индигнација. И среде нив филозофските пасуси за тоа што нè обликува како карактери и што нè одржува во живот - семејството, настаните, судбината, другите луѓе кои сме ги пуштиле во нашите животи или кои таму влегле без прашање. Оваа книга, многу повеќе од некаков прирачник за самопомош, нуди одговори кои - кој знае - можеби спасиле нечиј живот.
Случајно, неа ја пронајдов на полицата за размена во сендвичара, која се обидува со дел од приходот да им помогне на бездомниците. Ја прочитав токму денес, на неколку часа пред Новата година. Од мојот ментален покрив градот во моментов делува сив и студен. Но зад повеќето прозорци светкаат новогодишни светилки и се крчка сарма на ринглите. Има многу нешта за кои треба да бидеме благодарни дури и кога работите не ни одат баш најдобро. Ник Хорнби само нè потсетува на некои од нив.
Ако ви остане празнична храна донирајте тука