Каталонците уште во воведните 45 минути според играта и шансите делуваа дека не можат да излезат на крај со моќниот Баерн, кој уште еднаш покажа дека е подобар противник и заслужено ќе патува на Вембли каде на 25 мај ќе се сретне со минатогодишниот шампион од Бундес лигата, тимот на Борусија Дортмунд.
Баварците на два пати имаа шанса уште во првиот дел да стигнат до погодок, но и во двата наврати Пике интервенираше во последен момент. Најпрвиот при обидот на Робен во 12 минута кога тргна сам во контра напад, а потоа кога Филип Лам биеше во шеснаесетникот по одличното проигрување на Швајнштајгер.
Фудбалерите на Барселона во немоќ, најсериозната шанса ја имаа преку Педро кој шутираше силно и прецизно од околу 30 метри, но чуварот на гостинскиот гол го скроти неговиот обид.
Во вториот дел следеше дебаклот на Барселона. Студен туш за домаќините стигна по само 4 минути, кога Ариен Робен доби топка по неговата десна страна, сам си создаде прилика за шут и пласираше прецизно за 1:0. Гостите ја зголемија предноста во 73 минута со несреќниот автогол на Пике, а по 4 минути конечните 0:3 ги постави Томас Милер со глава.