65 години ФК Вардар

Вардарци од денес почнуваат да слават, а се надеваме дека славјето ќе продолжи и во среда со елиминацијата на Бате Борисов. На денешен ден во 1947-та година е формиран ФК Вардар, најпознатиот и најтрофеен македонски фудбалски клуб.

Датумот 22 јули 1947 засекогаш со златни букви ќе биде запишан во македонската фудбалска историја. На овој датум со фузија помеѓу тогашните фудбалски клубови Победа и Македонија, се роди македонскиот фудбалски великан, ФК Вардар.

Првите бои на ФК Вардар биле сината и белата, но веќе на следното собрание било одлучено боите на клубот да бидат црвена и бела. Црвено-црната боја е усвоена по земјотресот во 1963-та година.

Во 1961-та година вардарци го подигнаа пехарот на Маршал Тито откако во финалето на купот на СФР Југославија го совладаа Вартекс со 2:1.

40 години по основањето на клубот следеше и најголемиот успех. Панчев, Рингов, Најдоски, Станојковиќ, Савевски, Јаневски, Канатларовски, Сетинов... предводени од Андон Дончевски, ја освоија титулата во Првата југословенска лига во сезоната 1986/87.

Тогашните и сегашни гиганти Црвена Звезда, Партизан, Динамо и Хајдук заминуваа од Скопје со наведнати глави. Некои беа растурани со по 5:0 на тогаш преполниот „Градски" во Скопје, каде не само скопјани, туку и реки луѓе од Тетово, Велес, Струмица, Штип, Гевгелија, Битола... се слеваа кон центарот на градот за да ја поддржат македонската гордост.

По распаѓањето на Југославија и формирањето на македонската лига, Вардар продолжи со успеси. Секогаш ќе се памети првата титула освоена без ниту еден пораз, а потоа следеа и шампионските титули во 1994, 1995, 2002 и 2003, како и пет титули од купот на Македонија.

По големи административни и финансиски проблеми, ФК Вардар конечно доби стабилна управа и ја освои шесттата шампионска титула со што клубот се врати на старите патеки и на македонскиот врв, место каде што сигурно заслужува да биде ФК Вардар.

Во 2003-та година беа одиграни оние натпревари за паметење против ЦСКА Москва и Спарта Прага кога Вардар стигна само на еден гол до Лигата на шампиони. Оваа година Вардар има повторно шанса со успех во Европа да запише уште една страница во историјата на македонскиот фудбал.

22 јули 2012 - 00:03