Терминот „стент“ се користи за различни медицински уреди што служат за одржување на отвореност на канали во телото, најчесто крвни садови, но и жолчни канали, уринарен систем или при реконструктивни операции. Иако денес најмногу се поврзува со кардиологијата, неговата употреба е многу поширока.
Потеклото на зборот има врска со конкретен човек, со англискиот стоматолог Чарлс Томас Стент. Во средината на 19 век, тој развил подобрена маса за земање отпечатоци во стоматологијата. На дотогаш користената „гутаперча“ (природен, термопластичен и биокомпатибилен материјал добиен од латекс на југоисточно азиски дрвја) тој додал состојка подоцна наречена „Стентова“, која ги подобрувала својствата и оттаму брзо се проширила во стоматолошката практика.
Подоцна, на почетокот на 20 век, овој материјал почнал да се користи и во хирургијата. Холандски хирург го применил за фиксирање на кожни графтови кај војници со тешки повреди на лицето за време на Првата светска војна. Со тек на време, името „стент“ почнало да се користи не само за материјалот, туку и за самата техника и уредите што служат за поддршка и стабилизација на ткивата.
Во следните децении, терминот постепено се проширил и во други медицински области. Првично се користеле различни имиња како „цевка“, „катетер“ или „сплинт“, но „стент“ постепено станал доминантен, особено кога станува збор за уреди што се поставуваат внатре во органите за да ги одржуваат проодни.
Во кардиологијата, терминот се појавува во втората половина на 20 век. Првите интервенции со вакви уреди се поврзуваат со истражувањата на Чарлс Дотер, кој во 1980-тите почнал да го користи терминот во научни трудови. Вистинскиот пробив доаѓа во 1986 година, кога францускиот хирург Жак Пуел (починал во 2008) го имплантирал првиот коронарен стент кај пациент. Во САД, значаен придонес има и Хулио Палмаз, кој го развил балон-експандирачкиот стент. Овие технологии брзо се прошириле и станале стандард во лекувањето на стеснувања на крвните садови.
Интересно е што постојат и постари јазични корени на зборот „стент“, кои потекнуваат од стар шкотски збор што значи „да се растегне“ или „да се прошири“. Сепак, во медицинската употреба најсилно влијание има токму презимето на спомнатиот забар.
Денес зборот „стент“ е редок пример како лично име станало општ термин, па дури и глагол („стентирање“). Тоа покажува колку силно една иновација може да влијае не само врз медицината, туку и врз јазикот.